Нанесувајте го на секои два часа

Кремот за сончање им е потребен на сите. Не е важно дали имате светол тен или веќе имате добиено потемна нијанса на кожата. Кремовите за сончање првенствено служат за здравје, а не за убавина. Најдобро е кремот да го нанесете 20 минути пред да се изложите на сонце и да одите на плажа, а треба да нанесувате нов слој на секои два часа. Кремот е неопходен и за во град, но и за време на облачните денови бидејќи облаците пропуштаат дури 80 отсто од УВ-зраците.

Водоотпорните кремови не штитат подолго

Овие кремови не овозможуваат заштита во текот на целиот ден, како што тоа не може да го направи кој било  друг крем, без разлика што пишува на амбалажата. Откако ќе поминете 40 минути во вода, кремовите го губат своето дејство, па се препорачува повторно да се намачкате кога ќе излезете од вода.

Што навистина значи „20 СПФ“. „30 СПФ“, „50 СПФ“?

Факторот СПФ е мерка која означува колку долго кремот ќе ја штити вашата кожа од сончевите зраци, а потоа покажува и колку добро ќе го прави тоа. Многу жени избираат помали фактори со намера да поцрнат, но тоа е бесмислено бидејќи факторот го означува траењето на заштитата. На пример, ако вашата кожа почнува да гори за 10 минути на сонце, со факторот 15 ќе можете да поминете околу 150 минути на сонце, а да не изгорите. Сепак, оваа мерка не е линеарна: СПФ 15 блокира 93 отсто од УВ-зраците, СПФ 30 блокира 97 отсто, а СПФ 50 блокира 98 отсто од УВ-зраците.

Рокот на траење зависи од начинот на чување

И покрај тоа што има подолг рок на траење, колку реално трае кремот за сончање, зависи од тоа како го чуваме. Доктор Георгиос Иманидис од Универзитетот во Базел, Швајцарија, смета дека доколку ги чуваме кремовите на суво и ладно место, на пример, во фиока, може да траат и до 10 години. Поголемиот дел од произведувачите на овие кремови тврдат дека со правилно чување, во оптимални услови, овие производи имаат дејство три години.

Зошто треба да го протресете кремот пред користење?

Експертите велат дека кремовите содржат и емулгатори, кои помагаат во мешањето на водата и маслото. Според професорот Ригоберто Адвинкула од Универзитетот во Кливленд, емулгаторите се оние што први ќе се распаднат на сонцето. Без оваа состојка водата и маслото ќе се раздвојат, а со самото тоа и кремот послабо ќе се врзе за кожата. Во таков случај добро е да ја протресеме амбалажата.

Намалување на факторот

Иманидис смета дека кремовите за сончање ќе останат кремови за сончање само што со текот на времето ќе ја изгубат јачината на дејствување. На пример, крем со фактор 55 со текот на времето може да се претвори во крем со фактор 40 или 30. Релативно малку луѓе ставаат крем онолку колку што е потребно. Препораката е да се нанесуваат 2 милиграми крем на квадратен центиметар кожа. Тоа значи дека за секое изложување на сонце треба да намачкате крем со количина која би исполнила една чаша за ракија. Според упатствата, едно шише крем од 60 или 90 милилитри може да трае од две до три недели.



912

X