Здравје

Што треба да знаат родителите на малите спортисти

Голем број деца учествуваат во спортски активности, а тоа е одлично! Затоа, ги издвојуваме најинтересните прашања поврзани со подготовката на децата за тренинг.

Кој дел од денот е најпогоден за тренирање

Кога зборуваме за тимските спортови, родителите не можат да влијаат врз времето на тренингот или натпреварот.

Би требало да се избегнува голем физички напор во раните утрински и во доцните вечерни часови. Утрото не е време за напорни тренинзи – тогаш организмот полека се буди, па екстремниот напор не е препорачлив за децата.

Доцна навечер исто така не е добро да се тренира зашто тоа е време за постепено смирување на функциите на организмот и за спиење, а не за голем физички напор. Од друга страна, „адреналинската реакција“ по спортската активност во мозокот трае уште неколку часа, па затоа детето не може лесно да заспие по вечерниот тренинг, иако е уморно и исцрпено.

Бидејќи повеќето деца одат во смени на училиште, најдобро би било да тренираат во интервал од 10 до 20 часа. Сепак, обично не е така.

Како да јаде детето пред тренинг?

Исхраната на детето што активно (сериозно) се занимава со спорт е посебна и долга приказна. Следуваат неколку основни принципи што треба да се почитуваат.

Време од оброкот до тренингот

Детето не смее да има „силен“ оброк најмалку два часа пред интензивниот напор.

Во тој период треба да се избегнуваат „брзите шеќери“ – мед, чоколадо и сл. Тоа е особено опасно ако се јаде непосредно пред тренингот. Брзиот продор на шеќерот во крвта доведува до излачување на инсулинот, па шеќерот од крвта се складира до клетките. Така на детето му паѓа нивото на шеќер во крвта токму на тренингот или на натпреварот, што е многу непријатно. Се појавуваат треска, премаленост, глад и нервоза – па од спортот нема ништо!

Оброк пред тренинг

Оброкот треба да биде составен од „бавни шеќери“ – најдобри се тестенините. Тие имаат јаглехидрати кои постепено се ослободуваат од цревата и така му ја даваат неопходната енергија на детето во текот на целиот тренинг или натпревар.

Предлог: интегрални тестенини со прелив од маслиново масло, сирење или месо одозгора – и оброкот е тука. Дозволени се импровизации, но основата на оброкот треба да биде тестенини.

А вода, дали смее да се пие пред тренинг?

Водата е задолжителна!
Без вода нема живот. Бидејќи детето при напорниот физички тренинг губи течност преку потењето, многу е важно навреме да ги „наполни резервоарите“. Секако, не треба да испие половина литар вода пред тренинг или натпревар, но детето не смее да биде жедно. Половина час пред големиот напор детето би требало да се напие вода дури и ако не е жедно.

Што да јаде детето ако тренингот му е рано наутро?

Првиот утрински тренинг не смее да биде премногу јак. Во тимските спортови најчесто се практикува лесно трчање.

Затоа не е добар ставот „ силен појадок, па на тренинг“. Со полн стомак не може ни полека да се трча. Една банана и чаша свежо цеден сок од овошје се сосема доволни. За добар појадок има време по туширањето!

Автор: Горан Вукомановиќ, педијатар

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top