Ужината на училиште претставува еден од најголемите предизвици и за родителите и за децата. Покрај морето лесно достапни и видливи места за набавување брза храна која децата ја сметаат за вкусна, треба да се креира навика, но и рутина за правење и носење здрави намирници.

Ужината следува по квалитетен редовен оброк

Децата од најрана возраст мора да ги учиме на редовни главни оброци. Кога детето ќе ги добие потребните хранливи состојки пред училиште, можноста да згреши на локалниот киоск за брза храна е многу мала. Издвојте време наутро за да му подготвите на вашето дете редовен оброк, пред да тргне на училиште.

Направете ја ужината интересна

Децата ги привлекува шаренилото од бои. За ужината да биде примамлива за детето, мора да набавите привлечно пакување, кутии со суперјунаци што му се омилени на вашето дете, ставете и салфетки кои ќе одговараат на шаренилото, како и картонските кеси во кои ја пакувате ужината. Ќе забележите дека само промената на амбалажата ќе ја направи ужината привлечна за детето.

Што треба да содржи здравата ужина?

Ужината би требало да има две цели, да го засити детето до следниот оброк и да го дополни внесувањето на одредени намирници што или не се внесуваат во доволна количина во текот на главните оброци или на децата им се неопходни во поголеми количини.

Овошјето како основа на здравата исхрана

Најлесно за подготовка, многу здраво, а прилично евтино е да се вметне порција сезонско овошје во детската ужина. Земајќи го предвид фактот дека во нашата кујна овошјето најчесто не е дел од главниот оброк, ужината е вистинско време за него. Природно слаткиот вкус на овошјето е многу примамлив за децата, а богатството со витамини е особено важно за раст и развој на децата. Најдобро е да се користи свежо, сезонско овошје, но може да се користи и замрзнато, сушено или во конзервирана варијанта во помала количина.

Цитрони, зимско богатство

Во зимските месеци најдостапни се лимонот, мандарините, портокалите и грејпфрутот. Иако на децата што се склони на алергии треба внимателно да им се воведуваат овие намирници во исхраната, тие се вистинска витаминска бомба за зимските денови и вирусите. На детскиот вкус сигурно најмногу ќе одговара портокалот или мандарината бидејќи не се многу кисели, па би требало повеќе да ги употребувате.

Ананасот ја чува кожата и нема многу калории

Ананасот, покрај тоа што има убав и примамлив вкус, е и многу здрав и корисен. Покрај тоа што не е изразено калорична намирница, содржи значајна количина на витамин Ц и така штити од инфекции, но помага и во зачувување на квалитетната и убава кожа, што е особено важно за малите деца кои се на граница или се веќе во пубертет. Исто така, содржи бромелин, кој помага при варењето, но има и значителни антиимфламаторни ефекти.

Зеленчук како додаток на редовните оброци

Иако во текот на редовните оброци зеленчукот е почест додаток на трпезата за разлика од овошјето, не е лошо да се стави и дополнителна порција во детската ужина. Најлесно, а и за да се искористи максимумот од одредени намирници, за ужина треба да се подготви зеленчук во свежа состојба. Можете да изрендате морков, да додадете јаболко и цимет, со малку мед и тоа е идеална, здрава ужина. Во текот на летните денови морковот во основен облик можете да го полиете со неколку капки лимонов сок и така да ја зголемите апсорпцијата на бета-каротенот и на витаминот Ц.

Авокадо – најпопуларната намирница на денешницата

Иако според официјалните класификации авокадото спаѓа во овошје, неговиот вкус и вообичаените навики за негово консумирање главно го поставуваат во ист кош со зеленчукот. Освен тоа што е навистина корисно според хранливата вредност, полно е со корисни масти и електролити, а и многу лесно се меша во различни намази и се комбинира со други намирници. Додајте го во салата, направете домашно гвакамоле, додајте домат, малку лимонов сок, маслиново масло и лук и ќе добиете идеален намаз.

Житарици за ситост и здравје

Житариците се многу важна група на намирници особено за децата што растат и се развиваат. Најдобро би било да се консумираат во првиот дел од денот бидејќи долго се варат. Основата на сендвичот на вашето дете нека биде парче леб, најдобро од интегрално или непченично брашно, ставете го на тостер, а потоа на него намачкајте путер или сос од авокадо и додајте лист од зелена салата. За утринската ужина можете да направите житарици кои ќе ги прелиете со јогурт и ќе додадете свежо сезонско овошје.

Лосос – розово здравје

Многу примамлив изглед, но и вкус, намирница која е богата со омега 3-масни киселини, кои се особено важни за децата во развој. Покрај тоа што парчиња лосос може да се вметнат во салата, димениот лосос е исто така многу практичен за во сендвичи.

Ужина и здрави течности

Многу често зборуваме за исхраната воопшто, а ретко зборуваме за напивките, кои често можат да бидат главни виновници за зголемената телесна маса, а и за нездравото заситување кај децата, што доведува до прескокнување на основните оброци. Не треба да се заборави дека одредени напивки – сокови, шејкови и слично, содржат и поголема количина калории отколку две парчиња чоколада или три бисквити. Водата секако дека треба да биде основен извор на течности, но доколку сакате да имате поширока понуда на здрави течности, тука се лимонадата, цедените сокови и смути-пијалаците. Важно е да не заборавите дека и овие здрави течности се богати со калории и содржат овошни шеќери, па кога доминираат во исхраната, водете сметка да направите добар баланс со другите намирници.

Практични предлози за здрава ужина

1. Салата – градина со здравје

Салатата е секогаш идеален избор, но е и едноставна за правење. Осоебно се препорачува за постарите деца бидејќи е полесна за консумација. Измешајте зелена салата, ‘рдокви, домати, краставица, пиперка, сè што имате од свеж зеленчук, потоа додајте парчиња сланина, пилешко или риба. Секогаш можете да ставите неколку бадеми, лешници, сусам и парчиња сушено овошје. Зачинете со маслиново масло, балсамико или сок од лимон. Водете сметка за количината, па порцијата за ужина нека биде половина од вообичаената количина за оброк.

2. Сендвич

За основците ова е најпрактичен вид ужина. Две парчиња интегрален леб, ставени на тост, искористете ги како основа, додајте путер и димен лосос. Можете да искористите и сос од авокадо. Може да ставите и намаз од сирење, па да додадете пилешки гради или шунка. Не претерувајте со конзервираните месни преработки. Додајте и лист зелена салата, рукола или парче пиперка или домат. Избегнувајте кечап и мајонез. Ако сакате сендвичите да бидат поинтересни, направете ги во различни облици.

3. Овошна мешавина

Иако овошјето можете да го додадете во секоја ужина, во одредени денови тоа може да биде единствена состојка. Направете овошна салата во која ќе ставите сезонско овошје или само ставете банана, мандарина и јаболка во кутија. Секогаш можете да вметнете рака бадеми, ореви или лешници.

4. Крцкава варијанта

Многу популарна мешавина за појадок и за ужина, а и многу вкусна. Половина шолја житарици по избор, на пример, овес, прелијте ја со јогурт и додајте малини, капини, банани, па одзгора цимет или какао, а можете да ставите и мед по вкус.

5. Здрава пица

Децата обожаваат пица, па направете им го најздравиот можен облик. Како основа ставете стандардна тенка кора, доколку правите сопствено тесто, оставете го подолго да нарасне. Користете домашен прелив од домати, а потоа додајте кашкавал, печурки, пиперка, рукола, а од зачини ставете оригано, маслиново масло и сечкан лук. Потрудете се тестото да не биде од пченично брашно, а состојките да бидат здрави и сезонски.

Автор: д-р Јована Мајсторовиќ



912

X