Здравје

Што треба да понесете кога одите на породување

Очекувањето дете е време на радост и возбуда, но моментите пред самото раѓање често се стресни и лесно е да се заборави да се донесе сето она што ќе им биде потребно на мајката и бебето во породилиштето. Затоа е корисно еден месец пред терминот да подготвите торбичка која ќе содржи сè што можеби ќе ви треба во болницата, за да бидете спремни да одите веднаш штом ќе почнат првите контракции.

Како да се подготвите и што треба прво да се има на ум?

Подготвувајќи ја вашата торба, се подготвувате за три различни настани:

-раѓање
-престој во болница
-напуштање на болницата.

Најдобро е сите работи што ќе ви бидат потребни веднаш по породувањето да ги спакувате во ранец или торба и да ги земете со себе кога одите во болница. Преостанатото може да ви го донесат вашите најблиски при првата посета, како и работите за напуштање на породилното одделение, кога ќе дојде време за тоа. Во овој случај, многу искусни мајки со збунети сопрузи препорачуваат јасно да ги означите сите работи и да ги оставите некаде каде што лесно ќе можете да ги најдете.

Секоја болница има свои правила кога станува збор за подготовката за самото раѓање, односно што може или не може да се внесе во породилната сала. Тоа зависи и од тоа колку добро е опремена болницата и со колку жени ќе го делите одделението. Затоа, најдобро е да прашате за тоа во самата болница или кај пријателките кои веќе се породиле таму.

Во повеќето породилишта, кога ќе бидете примени во родилната сала, ќе ви дадат ноќница за еднократна употреба. Облеката со која дојдовте му ја давате на лицето кое во ваше име ќе се грижи за вашите работи, вклучувајќи ја и торбичката. Ако не можете да ја имате торбата до вас во породилната сала, најдобро е таа личност да ја чува или да ја оставите во автомобилот со кој сте дошле и ќе ви биде во близина.

Ова е листата со неопходни работи:

домашна наметка – изберете топла и удобна наметка за која нема да зажалите ако добие неизбришливи дамки: ракавите треба да бидат доволно широки за да може медицинската сестра да ви го измери крвниот притисок без да ја соблечете од вас.
ноќници – за време на породувањето мора да носите ноќница, а и по породувањето полесно е да се одржува хигиената во ноќница отколку во дводелни пижами, па најдобро е да понесете неколку за да не се грижите за нивното перење
чорапи – понесете неколку пара чорапи бидејќи ќе ги носите за време на породувањето
влечки – понесете влечки кои лесно ќе можете да ги облечете без да ги користите рацете
влечки за туширање – земете стари апостолки или слични папучи кои не планирате да ги чувате, за да можете да се туширате во болничките бањи без страв од габи или бактерии
козметичка кеса – земете со себе четка за заби и паста за заби, дезодоранс, четка за коса, ластици за коса, балсам за усни, сапун, шампон за коса, гел за туширање, лосион за тело и крем за раце
фен – не сите породилишта се опремени со фен и секако не е препорачливо по породувањето да останете со мокра глава и да чекате да ви се исуши косата
влажни марамчиња – во деновите по породувањето често нема да можете да одите во тоалет, па затоа е добро да имате влажни марамчиња до креветот
влажна тоалетна хартија – многу е попријатна од сува хартија, понежна е за чувствителна кожа и полесна за одржување на хигиената
средство за дезинфекција – иако болниците се грижат за чистотата на нивните простории, породилиштата честопати се домаќини на голем број жени, па затоа е корисно да можете да ги дезинфицирате предметите што ќе ги допрете: средствата за дезинфекција доаѓаат во течна форма и како марамчиња, а исто така и гелот за дезинфекција на рацете ќе ви биде корисен
крпи – понесете најмалку две големи и две мали крпи, по можност во боја или со некаква апликација, за да знаете секогаш кои се вашите
мрежести гаќички – ова се гаќички за еднократна употреба кои го забрзуваат процесот на заздравување на раните по породувањето
породилни влошки – крвавењето во деновите по породувањето е доста честа појава, а за поудобен престој потребно е да понесете пакет влошки во различни големини
влошки за еднократна употреба – се употребуваат така што се ставаат на чаршафот за да се заштитите од можно крвавење. Се препорачува да изберете влошки за еднократна употреба со крилја, што може да се постават под душекот и за подлогата да не се движи
градник за доење – без разлика дали планирате да доите или не, вашите гради ќе бидат отечени и чувствителни во првите неколку дена по породувањето, па изберете квалитетен градник кој ќе биде практичен и удобен
влошки за доење – влошките за доење се едноставен и хигиенски начин да се осигурите дека вашата облека ќе остане сува и чиста, бидејќи млекото може спонтано да тече од градите по доењето, така што влошките за доење ќе бидат многу корисни во тие моменти
крем за брадавици – не заборавајте го овој крем за да ја ублажи болката поврзана со болните и отечени брадавици по породувањето
перница – важно е да се чувствувате удобно за време на породувањето и во деновите што следуваат, затоа не двоумете се да ја донесете најудобната перница од дома. Болничките перници се често стари, премногу меки или премногу тврди, а вам ќе ви треба квалитетен сон
торба за валкана облека – попрактично е да се одвојат искористените алишта и крпи во торба и да се избегне нивниот контакт со чистата облека
хартија и пенкало – добро е да ги запишете прашањата што сакате да му ги поставите на лекарот или медицинската сестра кога ќе ве посетат, а во целата таа возбуда често забораваме што точно нè интересирало
музика и книги – можеби нема да имате многу време да уживате во читањето или слушањето музика, но донесете нешто што ви се допаѓа и што ќе ве смири и за момент ќе ве оддалечи од болничката атмосфера
мобилен телефон и полнач – некои од работите кои често ги забораваме кога брзаме. Дефинитивно ќе сакате да контактирате со вашите најблиски, а дури и во случај на потреба, мобилниот телефон е наједноставниот начин да стапите во контакт со вашето семејство
храна и пијалаци – по породувањето, жените се исцрпени, често и гладни. Можеби нема да ви се допадне болничкиот оброк, па затоа е добро да имате при рака нешто што ви се допаѓа – бисквити, крекери, овошје или шише природен сок
очила – ако ви требаат очила за корекција на видот, задолжително понесете ги, дури и ако вообичаено носите контактни леќи, бидејќи по породувањето може да ви биде проблем да се грижите за нив и подобро е да ги замените со обични очила за тој период
облека за отпуштање од болница – понесете удобна облека што лесно се облекува. Имајте на ум дека трудничкиот стомак не исчезнува преку ноќ и дека кога ќе излезете од болница, ќе изгледате како да сте во четвртиот месец од бременоста, па изберете ја соодветната големина.

Што треба да се донесе во породилното одделение за детето?

пакет пелени – иако вашата болница може да обезбеди пелени, најдобро е да донесете едно пакување пелени за новороденчето, по ваш избор
автомобилско седиште – не заборавајте дека ќе имате уште еден член од семејството на враќање од болница. Подгответе соодветно седиште за автомобил и проучете како се користи
облека – покрај соодветната облека, понесете и чевли и капа во случај на постудено време
ќебе – веројатно ќе добиете ќебе за детето во болницата, но не заборавајте да си понесете и од дома за денот на отпуштање.

Што да понесете во салата за породување?

-лични документи
-трудничка книшка и медицинска историја
-книшка за ултразвук
-наодите за крвната група и Rh-факторот
-хартија и влажни марамчиња
-влошки за родилки
-неколку труднички гаќи за еднократна употреба
-мал и голем пешкир
-шише со вода
-бисквити, крекери или чоколада
-мобилен телефон.

Што не треба да носите со вас во породилиштето?

голема сума пари или други вредни предмети – спасете се од стрес во случај на нивно губење или сомнително исчезнување
накит – освен што е апсолутно непотребен, ризикувате и да го изгубите.

Автор: Марина Мајдениќ

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top