Многу родители барем еднаш се нашле во ситуација кога нивното мало дете ги удрило. Ако тоа се случува постојано, понекогаш е тешко да не ги сфатите сериозно ударите. Но, важно е да се има на ум дека удирањето често е начин децата да ги изразат своите емоции кога сè уште немаат зборови да ги опишат.

Токму затоа децата ги удираат своите родители, браќата и сестрите или некој друг, а многу родители имаат свои методи преку кои се обидуваат да спречат такво однесување. Според експертот за родителство и социјална работничка Ген Муир, постојат некои работи што е подобро да се избегнуваат, но и такви што можат да помогнат да се реши овој проблем.

Што да не правите кога малите деца ги удираат другите околу нив?

Муир ги советува родителите да не користат одредени фрази, вклучувајќи „нежни раце“ (бидејќи не е доволно јасно) и „не удираме!“, бидејќи тоа може да предизвика детето да се срами, а исто така да го збуни, особено затоа што ве удрило. Таа додава дека уште една фраза што треба да се избегнува е: „Кога удираш, тоа ја/го растажува мама/тато“.

-Сакаме да ги научиме децата дека нивните постапки имаат последици, но во моментот кога мало дете удира, се кара или турка, тоа ја изгубило способноста за саморегулирање и има потреба вие да го направите тоа наместо него. Во тој момент родителите треба да ја задржат контролата – објаснува таа.

Верува дека ако децата се натераат да имаат чувство оти нивното однесување ги растажува нивните родители, така им ја предавате контролата и моќта на малите, што може да доведе до тоа да се чувствуваат помалку безбедно и со поголема веројатност да одговорат со повторно удирање.

Експертот советува што да прават родителите во овие ситуации

Покрај тоа што не треба да се прави, експертот за родителство споделува и совети за родителите – како да реагираат во вакви ситуации за нивното дете да разбере што му се кажува.

Таа им препорачува на родителите со мирен глас да им кажат на децата: „Нема да дозволам да ме удираш мене/другите. Ќе се оддалечам, ќе го тргнам бебето или тебе, за да бидеме сите безбедни. Може да се лутиш, но јас нема да дозволам да удираш никого“.

Открила дека и таа го имала овој став во воспитувањето на своите деца и тоа се покажало како успешно.

-Јас сум мајка на четири деца и ова функционира и докажано е дека ги спречува децата да го користат телото како начин за многу побрзо комуницирање – заклучила таа.

Извор



912

X