Не толку одамна, пред да имам дете, често се прашував што се случува со жените кога ќе станат мајки. Каде исчезнуваат?

Речиси инстантно исчезнуваат од сликата и на таа слика се заменети со бебе. И буквално и метафорично. Не можам навистина да објаснам зошто, но тоа страшно ме иритираше. Би се запрашала како е можно да се изгубиш толку многу во мајчинството?

И сега? Сега го сфаќам тоа.

Да, постои губење на идентитетот кај повеќето жени кога ќе пристигне бебето. Тоа е точно. Барем за мене беше вистина.

Преплавени сте од работи и настани на кои никогаш не би ни помислиле. Дали денес да одам на кафе со Милица? Може ли да одам на шопинг по тренингот? Дали имам млеко во градите? Дали бебето јаде доволно? Дали спие по распоред? Јас ли сум виновна што толку плаче? Дали помагаат капките за грчеви? И некаде на патот – губите дел од себе.

Заборавате како да зборувате за работи кои немаат врска со мајчинството. Го губите контактот со работите што некогаш ви биле најважни. Вашиот репертоар станува доста ограничен и, да бидам искрена – досаден.

Но, за среќа, не сте единствените! Некако на тој пат се наоѓаат и другите мајки. Жени со кои можеби пред да ги имате децата никогаш немало да се дружите, но сега сте се нашле на истиот пат и сличностите ги избришале разликите.

Знам дека откако станав мајка, некако исчезнав. Речиси заборавив дека таму надвор има цел еден свет, живот надвор од родителството. Знам и дека би можела да бидам дел од тој свет и дека мојот син треба да види дека неговата мајка е повеќе од мајка.

И се обидувам. Не дозволувам да допрат до мене коментарите на оние што тврдат дека мајката мора да биде сè, дека не смее да се запостави ниту за момент. Јас балансирам. Сакам да бидам тука за моето дете, но и да се грижам за себе. Да, се случува поради него да не ја мијам косата неколку дена и да заспијам без да се истуширам. Но, ќе ги најдам и оние моменти кога со задоволство ќе си посветам време на себе и повторно ќе бидам старата „јас“. Некои денови ќе одиме во паркот што тој го сака, а други денови ќе седнеме во кафулето што го прави моето омилено кафе.

Бидејќи како поинаку ќе му помогнам да го развие својот идентитет ако не му покажам како го чувам својот?

Извор



912

X