Познато е дека човечките мускули се приспособуваат на оние активности што ги правиме. Ако често ги користиме за некои активности што се повторуваат, а кои бараат сила, мускулите растат – хипертрофираат. Но, ако подолго време не ги користиме, тие атрофираат. На тој начин нашиот мускулен систем се приспособува на нашите активности.
На многу сличен начин функционира и човечкиот ум: оние работи што ги повторуваме доведуваат до тоа да се размножува бројот на врски (синапси) помеѓу нервните клетки во нервните патишта кои се користат за дадена активност. Кога подолго време тие работи не ги повторуваме, бројот на синапси се намалува. Со други зборови, мозокот се однесува како мускул: ако го користиме невроните, подобро се поврзуваат, а ако не го користиме, се намалува бројот на врски. Оваа особина на умот да економизира во приспособувањето на барањата се нарекува невропластичност.

Надворешна симулација

Во умот на малото дете постојат многубројни вградени програми, но и голем број нервни клетки што допрва треба да изградат меѓусебни врски и да воспостават нервни патишта. Кои нервни патишта во умот ќе бидат изградени, зависи од надворешните симулации: она што е стимулирано се изградува и одржуваа, а она што не е, не се изградува и се намалува. Бидејќи умот на бебето или малото дете најмногу го стимулираат родителите, неговата организација не е резултат на природата, туку тоа е „социјален ум“.

Со напредокот на технологијата и последователното влегување на различни содржини преку дигиталните екрани во светот на децата, се поставува прашањето како продолжената изложеност на дигитални содржини влијае врз развојот на детскиот мозок. Марк Пренски во 2001 година развил теза за дигиталните домородци и дигиталните дојденци. Под дојденци се сметаат оние родени пред 1985 година, чиј ум се развил без присуство на дигитални екрани и кои почнале да користат дигитална технологија откако умот веќе им бил формиран. Дигиталните домородци се оние што се родиле по таа година, така што растеле и се развивале со дигитални екрани. За некои негативни аспекти на растот покрај дигиталните екрани пишувал неврологот Гери Смол во книгата „Интернет-мозок“. А за тоа какви негативни промени во генерациите млади лица предизвикала појавата „паметни телефони“, документирала Џин Твенги во книгата „Интернет-генерација“.

Технологијата ги олеснува многуте активности, што за скриена последица ја предизвикува „атрофијата“ на мозокот; по појавата на дигитронот многумина без него не умеат да множат. Некогаш луѓето знаеле напамет десетина телефонски броеви, а сега едвај два. Во тој правец е и новата филозофија на подучување според која младите не треба да ги помнат податоците, туку само да знаат каде да ги побараат, ако некогаш им притребаат. На опасност од атрофија на нашите умови поради тоа што нашите ментални функции сè повеќе ги делегираме со различни дигитални помагатели предупредил неврологот Манфред Спајсер во својата книга „Дигитална деменција“. Тој за пример го зел користењето на џи-пи-ес уредот на мобилните телефони кој нè води до посакуваната дестинација. Ја пишувате посакуваната адреса и само го следите гласот од телефонот кој ви вели кога и каде треба да свртите за да стигнете до целта.

На умот му е потребна вежба

Во врска со тоа Спајсер наведува едно истражување кое се занимавало со снаоѓање во просторот. Лондон е мегаполис со над 25 илјади улици, а оние што сакаат да положат испит за таксист во Лондон мораат прво да ги научат сите напамет, за што им се потребни околу 2 години подготовка. Оние што успеале во тоа во споредба со оние што паднале на испитот и со возачите на автобуси имале за 50 проценти зголемена структура во умот која се нарекува хипокампус, а која е одговорна за меморија и ориентација во просторот. Тоа е потврда на идејата дека умот е „мускул“ и дека расте ако го вежбаме.

Претераното потпирање на дигиталните помагала не само што влијае атрофично врз нашите умови туку и ги намалува и нашите ментални способности. Неколку истражувања покажале дека последните децении се намалува колективниот количник на интелигенцијата, односно дека луѓето пред 50 години биле поинтелигентни од нас. Како што смета дека делумно атрофираните мозоци побрзо пропаѓаат во староста, Спајсер смета дека околу 2050 година ќе има двојно повеќе случаи на деменција отколку денес.

Автор: Зоран Миливојевиќ

Извор



912

X