Воспитување

Што се крие зад лошото однесување на детето?

Вашето дете се однесува лошо? Дали е само обичен „лошко“ или има нешто многу посериозно од тоа

Децата на претшколска возраст можат да бидат многу непријатни со нивните испади и барања. И тоа е нешто што често се случува. Но, прашањето што се поставува е:  Дали таквото нивно „лошо однесување“ е само „лошо однесување“ и ништо повеќе од тоа, или зад него се крие нешто многу посериозно? Ова се седум главни работи што можат да се кријат зад, условно кажано, лошото однесување на вашето дете.

1. На детето не му е добро, но не е свесно за тоа

Дури и кога децата се доволно пораснати за да можат да ви кажат дека не се чувствуваат добро, се случува понекогаш да не разбираат дека се чувствуваат тажно затоа што всушност се болни. Ако детето не ви каже дека го боли, на пример, увото или грлото, можете лесно да не ги забележите тие знаци. Поради тоа, децата често се мрзливи, без волја, кенкаат, плачат и ви го „загорчуваат“ животот само затоа што така и се чувствуваат.

2. Дава отпор поради љубопитност

Како родители, често забораваме колку љубопитни можат да бидат децата. Големиот свет за нив е игралиште полно со нови работи кои можат да ги проучуваат и истражуваат. Дури и кога знаат дека не смеат да чкртаат по ѕидовите – можеби не можат да си помогнат. Љубопитноста е голем дел од човековиот карактер и не смееме да ја потценуваме нејзината моќ. Децата честопати само сакаат да видат како би изгледало ако својата соба ја употребат како платно за сликање, наместо да го направат тоа на лист хартија.

3. Детето не се наспало

Ова е очигледна, но важна причина која треба да се спомене. Постои причина зошто велиме дека уморот и нерасположението одат заедно, а тоа е многу полоша ситуација кога се случува кај мали деца. Кога децата нема да се наспијат доволно, можат да се претворат во сосема поинакви мали суштества околу кои не би сакале да бидете извесно време.

4. Можеби копира нечие однесување

Малите деца често учат на тој начин што ги копираат другите – родителите, нивните браќа и сестри, пријателите, па дури и ликовите од цртаните филмови. Поради тој факт, кога детето ќе стане агресивно, непристојно или намерно „лошо“, причината често се крие во имитирањето на некоја друга личност, бидејќи малите деца мислат дека таквото однесување е забавно, „кул“ или правилно.

5. Вознемирено е

Ако вашето дете постојано одбива да оди некаде, се однесува насилно или е деструктивно, тоа значи дека можеби всушност се бори со вознемиреност. На пример – нервозното или загрижено дете може да се чувствува преплашено поради одредени ситуации и ви се спротивставува за да ги избегне тие ситуации. Децата што се љубоморни и загрижени поради помалиот брат или сестра и со родителите може да се однесуваат лошо, бидејќи на тој начин ги покажуваат тие чувства.

6. Има некој друг здравствен проблем

Постојат многу други состојби што можат да се развијат кај децата, како што се аутизам, нарушување на слушното процесирање или на сензорната интеграција, АДХД и Аспергеров синдром. Сите тие можат да предизвикаат разни облици на испади и бес, агресивно однесување, насилство, давање отпор и други видови проблематично однесување.

7. Не знае дека прави нешто лошо

Дури и ако вашето дете наскоро треба да тргне во училиште или веќе оди на настава, има уште многу нешта што треба да ги помине во развојот, во осознавањето и разбирањето на светот. Ние знаеме што се случува ако ја оставиме чешмата да тече во мијалникот или ако на некоја непозната личност ѝ кажеме дека е дебела, но ако на детето повеќе пати не му објасниме зошто тоа не е правилно однесување, тоа нема да сфати дека прави нешто погрешно. Не заборавајте дека децата сè уште учат и дека има уште многу нешта што не ги знаат или не ги разбираат.

Полека

Следниот пат кога вашето дете ќе има излив на бес, кога ќе се однесува насилно или едноставно непристојно, запрете се и прашајте се себеси: Дали детето навистина е „лошо“ или се работи за нешто друго? Кога подлабоко ќе согледаме една ваква ситуација, откриваме што всушност се случува и учиме како да се поставиме во такви ситуации. На тој начин, не само што ќе можеме да му помогнеме на детето и долгорочно да му го подобриме однесувањето туку и ќе ги запреме неговите маки и ќе го зачуваме нашето душевно здравје.

Автор: Ана Шефчек

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top