Повеќето родители, кога детето ќе им тргне на училиште, колку и да се подготвувале за тој момент, не можеле да бидат спремни. Училиштето е многу поразлично од градинката, а учителките не се воспитувачки. Со чесни исклучоци, може да се каже дека не постои учителка која ќе следи дали детето ја изело ужината, дали му тече носот, дали облекло јакна кога излегло надвор. И тоа не е така затоа што учителките не се грижливи, туку едноставно затоа што децата мора да научат дека на возраст од 7 години треба да бидат барем толку самостојни за да препознаат студ и глад. Тоа е задача, пред сѐ, на секој родител.

Моето девојче оваа година тргна во прво одделение. Две-три недели по почетокот застуде, а таа заборавајќи дека треба да носи јакна кога оди надвор, излетала на голем одмор само по маица. Учителката не им дозволува во текот на големиот одмор да трчаат од училницата надвор и обратно, а таа толку сериозно го сфатила тоа, што не смеела да влезе да ја земе јакната. Смрзнала малку тој ден, но таквата грешка веќе не се повторила. Научила.

Ужина

На првиот родителски состанок, една мајка ѝ се пожали на учителката дека нејзиниот син секој ден ја враќа речиси целата ужина бидејќи се заигрува на училиште. Ја праша дали таа ги следи децата дали ја јадат ужината и да не останат гладни. Учителката многу тактично и без малку осуда одговори дека на таа возраст децата мора самите да се грижат за тоа.

– Тие многу брзо самите ќе излезат во дворот, ќе играат без мој директен надзор. Ние многу јасно и сериозно им објаснуваме дека смеат да го користат само делот од дворот кој е пред самото училиште и дека не смеат да се оддалечуваат, а особено не да го напуштаат дворот. А тоа е и ваша задача – со нив да разговарате многу сериозно. Исто е и кога се работи за ужината. Ова не е градинка – рече учителката и ја остави мајката малку вчудовидена.

Кога се работи за пакување ужина, седумгодишно дете може да го стори и треба да го прави тоа само. Јас ѝ ја подготвувам ужината и ѝ ја оставам на шанкот во кујната. Нејзина задача е наутро кога ќе се облече, измие, исчешла и појадува, да се сети да ја спакува својата ужина. Едно утро ја заборавила, тоа беше втората недела. Се вртев низ домот прашувајќи се дали да ѝ ја однесам во текот на големиот одмор. Подлегнав на притисоците од баба ѝ и сопругот и отидов таму на голем одмор. Ѝ реков дека секако доаѓав да донесам некоја потврда во училиште и дека сум ѝ ја донела и ужината, но следниот пат да внимава за да не остане гладна. Никогаш повеќе не ја заборави ужината. Покрај оваа тема, морам да се осврнам и на квалитетот на ужината што децата ја носат. Мојата ќерка појадува пред да оди на училиште и руча дома. Ужината ѝ се состои од овошје и нешто слатко). Меѓутоа, поголемиот дел од децата за ужина носат кроасани, кутија кекси, смоки. За штетноста на овие производи, адитиви и додатоци кои во нив се наоѓаат, толку се пишува и зборува што ставот „што ќе му фали“ навистина веќе нема никакво оправдување.

Пакување книги

Првиот ден на училиште учителката им даде распоред со слики. На децата тоа им е многу забавно и лесно и брзо го толкуваат. Првиот ден ѝ помогнав да ги спакува книгите. И оттогаш самата го прави тоа. Одвреме-навреме го протресуваме ранецот да извадиме различни кесички, играчки, ленти, подароци од пријателките. Но, пакувањето на книгите е нејзина работа. Се случило, се разбира, еднаш или два пати нешто да заборави. Кога ќе дојде дома, ѝ го давам мојот телефон да ѝ се јави на пријателката и да праша на која страница е тоа што го правеле денес на училиште, за да надомести дома.

Домашни задачи

Ниту првата недела нема оправдување за мајките во вибер-група да прашуваат што има за домашна (освен ако детето не било на училиште): Нашата група и денес е преполна со такви прашања. „Лука рече дека ја имаат 25. страница за домашна по математика, но мене тоа ми е сомнително. Што велат вашите деца?“ „Матеја вели дека овој текст од сликата треба да го научат напамет. Дали е тоа точно?“ И уште десетина вакви прашања. Накратко – НЕМОЈТЕ.

Не е работа на родителите да се распрашуваат за домашните задачи на детето кое дента било на училиште и на часот имало можност да слушне. А ова погоре како пример покажува дека мајката не му верува на детето, па тоа што го кажало го проверува. Сосема е во ред да погрешат и да не разбрале добро. Да одат со погрешна домашна задача. Да научат следниот пат подобро да следат. Првото одделение не служи за тоа децата со помош на родителите секој ден да донесат совршено направена домашна задача. Првото одделение служи да научат да се грижат за своите обврски. А многу родители им стојат на патот на децата кон тој процес.

Што се однесува до помошта околу задачите, важно е во прво одделение да им всадите одговорност. Да знаат зошто е важно домашната да ја завршат и да биде уредна. Кога се во прашање математика и мајчин јазик, малку да повежбаат, па може да се најдат и многу вежби и програми онлајн. Доволни се 10 минути секој ден. Додека ја завршуваат домашната, нема потреба да седите покрај нив. Треба да ве повикаат ако нешто не им е јасно. Ако не знаат да читаат, прочитајте им ја задачата и оддалечете се. Инсистирајте на уредност. А како што поминува времето, сѐ повеќе исклучувајте се и значењето за одговорност кон обврските покажете им го со свој пример, сопствена одговорност кон обврските.

Првото одделение не е некаков суд. Никаде не се впишува, никаде не се смета. Не трчајте по цветчиња, смајлиња и проценти, концентрирајте се на воспоставување одговорност, самостојност, чувство за обврски.

Автор: А. Цвјетиќ

Извор



912

X