Кога ќе станете родител, знаете дека треба да очекувате да бидете исцрпени, и физички и психички.

Но, понекогаш стресот од воспитувањето и подигнувањето на децата може да доведе до исцрпеност кај родителите што може да има прилично сериозни последици врз семејствата доколку не се реагира навреме.

Едно истражување ја дефинира родителската исцрпеност како „исцрпување поврзано со улогата на родител, емоционално растојание од децата и чувство за неефикасност како родител“.

Се чини дека расте бројот на родители што страдаат од ваква исцрпеност, а неодамнешно истражување откри дека помеѓу 2 и 12 отсто од родителите во моментов се борат со исцрпеност.

– Родителството е единствената работа во светот каде што работите 24 часа на ден без плата, празници, пауза и без никој да ви каже благодарам – објаснува Кети Рансон, уредник на „ChannelMum.com“.

– И додека може да биде наградувачко, родителството може да ги донесе мајките и татковците до точка на лудило – вели таа.

Па, што предизвикува родителите да се чувствуваат толку истрошено?

Според Рансон, постојат многу фактори што може да придонесат за тоа.

– Сегашната генерација е поосамена и под поголем стрес од кога било бидејќи социјалните медиуми притискаат да бидеме совршени родители. Неодамнешните истражувања откриваат дека шест од десет луѓе веќе немаат блиско семејство што би можело да помогне, па не е чудно што случаите на исцрпеност на родителите рапидно се зголемуваат – вели Рансон.

Иако се обидувате да бидете најдобар родител, важно е да си ги знаете границите, ментално, физички и емотивно.

Што можат да направат родителите за да го избегнат ова чувство?

Заборавете го митот за совршен родител

Иако е лесно да се верува дека сите луѓе се совршени родители, всушност, не постои такво нешто и во ред е да се спушти границата.

– Во ред е да бидете само „доволно добар“ родител – советува Рансон. Ако тоа значи давање дозвола на детето да ги пропушти часовите по пливање, тогаш нека биде така.

– Вашите деца исто ќе ве сакаат – додава таа.

Тргнете се подалеку од социјалните мрежи (понекогаш)

Додека социјалните медиуми можат да обезбедат витална поддршка за родителите, важно е да запомните дека она што го гледате на „Инстаграм“ не секогаш ја покажува целата приказна.

– Можеби чувствувате дека сите подобро се справуваат од вас, но она што го објавуваат најверојатно се изменети и избрани најдобрите моменти. Игнорирајте го тоа затоа што не е реално – вели Рансон.

Побарајте помош

Секако дека мислиме дека треба да можеме сами да се справиме со работите, но не е срамота да побарате помош тогаш кога ќе ви треба или да прифатите помош кога ви се нуди.

– Можеби изгледа застрашувачко, но признавањето дека ви е тешко и дека ви е потребен еден час да се напиете кафе сами е во ред – вели Рансон.

Најдете група на родители

Никој не го разбира родителството освен другите мајки и татковци.

– Најдете група родители околу вас кои ќе можат да ве поддржат и кои ќе можете да ги поддржите – советува Рансон.

– Потребно е цело село за да се одгледува и воспитува дете – додава таа.

Издвојте време за себе

Полесно кажано отколку направено кога имате малечки деца околу вас, но ова е од клучно значење.

– Запомнете дека самогрижата е важна затоа што вие треба да бидете во ред за да се грижите за вашето семејство. Затоа, понекогаш ставете се на прво место – вели Рансон.



912

X