За породување не се подготвува само мајката, туку и бебето. Кога почнуваат контракциите, болките, пукањето на воденикот и другите симптоми за почеток на раѓање – мајката знае дека наскоро ќе го роди своето бебе. Но, што прави бебето во последните 24 часа пред раѓањето? Како се подготвува?

Се спушта најниско

Некои бебиња се спуштаат во родилниот канал и неколку недели пред породувањето, што е индикатор дека породувањето ќе се случи за брзо време. Но, во голем број случаи бебето во оваа положба се мести 24 часа пред да се роди.

Кога бебето е толку ниско – мајката тешко се движи, а и на бебето не му е многу удобно, па често се растегнува. Ова дефинитивно е знак дека бебето е подготвено да излезе.

Почнува да турка со главата

Уште еден очигледен знак дека породувањето е блиску е туркањето на бебето, кога со главата ќе биде насочено кон грлото на матката. На овој начин бебето го почнува породувањето бидејќи покажува дека е подготвено. Иако не е свесно што прави, бебето во тие 24 часа со туркањето со главата го отвора родилниот канал.

Експертите сметаат дека бебето во овој процес се врти за да ја најде најдобрата положба на својот пат надвор. Најдобрата положба е секако кога со лицето е насочено кон половината на мајката, а не кон внатрешниот дел на стомакот.

Срцето на бебето различно чука

На ултразвукот јасно може да се слушне дека срцето на бебето чука многу побрзо отколку нашето. Но, во последните часови пред раѓањето срцето на бебето почнува да чука различно отколку што чукало претходно. Кога ќе почне породувањето, срцето привремено може да чука побрзо, а понекогаш и побавно – во зависност од тоа дали е во тек активна или рана фаза на породување, дали мајката има контракции или не.

Бебето вежба дишење

Дали некогаш сте почувствувале благо и рамномерно движење во стомакот? Тоа може да биде икање на вашето бебе кое, обидувајќи се да дише, голтнало од плодовата вода. Ова најчесто почнува да се случува во шестиот или седмиот месец, но е нормално и ако не се случи или ако мајката не почувствува.

Кога ќе се приближи моментот на породување, бебето почнува поактивно да вежба дишење (во периодите кога мајката е мирна – помеѓу контракциите), што е добро, бидејќи секако ќе почне да го прави тоа кога ќе дојде на овој свет.

Слуша што се случува „надвор“

Слухот на бебињата се развива два месеца пред раѓањето и тоа може придушено да ги слушне звуците и гласовите што допираат однадвор. Но, во последните 24 часа звуците се поинтензивни.

Голема е веројатноста бебето да го слушне вашиот вресок и сето она што го зборувате во текот на породувањето, но не грижете се – бебето сигурно нема да се сеќава на тоа.

Извор



912

X