Воспитување

Што правеле нашите родители, а нас денес би нѐ вовело во неволја?

Листата со работи што треба да ги прават родителите и оние што не треба да ги прават е бесконечна. И се чини дека многу од овие „правила“ станаа правила во последниве години. Нема сомнение дека во најлош случај овие правила се добронамерни. Но, покрај сите правила на денешницата, почнуваме да се прашуваме како ние, родени во 20 век, воопшто сме го преживеале детството? Во некои случаи и во некои држави родителите дури и може да бидат уапсени ако направат нешто од следново:

Оставање на децата сами надвор

Неодамна родители од САД се најдоа под истрага за практикување „слободно родителство“ и беа обвинети за занемарување на детето. Имено, тие им дозволиле на нивниот 10-годишен син и нивната 6-годишна ќерка да одат сами од паркот до својот дом, кој бил оддалечен 1,6 километар. Време на настанот: сабота попладне.

Друг пример: Мајка од Флорида била уапсена затоа што им дозволила на своите деца на возраст од 6, 7 и 8 години да играат сами во паркот, а мајка од Австралија поминала цела ноќ во затвор затоа што ѝ дозволила на својата 9-годишна ќерка да игра во паркот покрај нивниот дом додека таа била на работа.

Пушење во текот на бременоста, во текот на доењето или во автомобилот

Иако е тешко да се поверува, пред неколку децении беше совршено прифатливо да пушите во текот на бременост или додека доите. Опасностите од пушењето во бременоста денес се целосно разбирливи и познати, но интересно е и како се гледа на пасивното пушење. Порано нашите родители пушеле во присуство на деца насекаде: дома, во автомобил, надвор или внатре и воопшто не се грижеле за последиците од пасивното пушење.

Денес родителите размислуваат повеќе за последиците од пасивното пушење и во многу земји, вклучувајќи ги Австралија, Франција и Канада, забрането е пушење во автомобили во присуство на деца.

„Макнување“ на цуцлата во работи во кои не треба да се макне

Мед, виски, ракија – сигурно сте слушнале за овие, некогаш вообичаени народни лекови за смирување на уморни, чувствителни бебиња на кои им растат заби. Сè уште не можат да ве уапсат никаде за ова, но дефинитивно не е добра идеја, без разлика колку пати ви предложиле бабите.

Оставање на бебето да спие на стомак

Друга работа за која денес има безброј истражувања: спиењето на стомак кај бебињата го зголемува ризикот од синдром на ненадејна смрт на новороденче (СИДС). Но, да, бебињата што спиеле на стомак порано не биле невообичаена работа, па дури и се препорачувало во доцните 70-ти и раните 80-ти години.

Во раните 90-ти години се појавила препорака дека бебињата треба да спијат на грб, што се покажала како добра препорака бидејќи бројот на ненадејна смрт кај новороденчињата значително се намалил.

Овозможување децата да патуваат во автомобил без ограничувања

Порано помалку се размислувало за бројот на луѓе што се возат во автомобил и било сосема нормално да се возат четири деца на задните седишта со уште многу други работи „набиени“ во автомобилот. И додека безбедносните ремени на сите луѓе во автомобил се пропишани со закон веќе некое време, безбедноста на децата во возилата е нешто за што почна да се дискутира малку подоцна. Пред тоа беше нормално родителите да држат бебе в раце додека возат автомобил, а децата често се возеа и на предното седиште.

Дозволување на децата да јадат сè и сешто без страв

Помалку технологија, поголема физичка активност и подобра исхрана значеше дека детската дебелина не беше предмет на дискусија кога бевме деца. Сето тоа се промени денес, и иако постои огромна здравствена криза, се чини дека родителите се под постојана лупа за тоа колку и со што ги хранат своите деца.

Уште еден пример ни доаѓа од САД, кога на една мајка од Кливленд ѝ било одземено нејзиното 8-годишно дете бидејќи не направила доволно за да му помогне да ја изгуби тежината. Списанието на американската медицинска асоцијација тогаш објавило статија во која се согласува со мерките на државата.

– Во тешки случаи на детска дебелина, отстранувањето на детето од домот може да биде законски оправдано поради непосредни здравствени ризици и хроничен неуспех на родителите за решавање на медицинските проблеми – напишале од асоцијацијата.

Автор: Ана Шевчеќ

Извор

Поврзани написи

To top