За време на распустот никому не е во интерес учењето. Затоа е одлично фокусот да се насочи кон играта, забавата, истражувањето, а сето ова вклучува и учење, барем она животното. Како да го направите распустот забавен и за родителите и за децата?

Како мајка на ученичка, едвај го дочекав крајот на учебната година. Верувам дека ова ќе звучи малку чудно и дека некој ќе помисли дека сме се „убиле“ од учење со моето дете, но гарантирам дека не е така. Не ме исцрпи учењето, туку фактот дека во текот на учебната година децата имаат прилично многу училишни обврски, малку слободни активности, а кога тука ќе се додаде и играта со врсниците, останува многу малку слободно време за нас. И така му се радувам на распустот како да сум и јас ученичка.

Мудриот пристап прави чуда

Ако учителката дала насоки за детето да вложи повеќе труд во текот на распустот во совладување на нешто што не му одело, овозможите му го тоа, но на забавен начин. На пример, ако детето завршило прво одделение, а заостанува со читањето и не е некој љубител на книгите, не одете сами во библиотека за да позајмите неколку добри книги, туку направете го тоа заедно. Прашајте го што би сакало да чита. Ако ви каже: „Баш ништо“, земете книга со вицови за деца. Вицот е краток, брзо се чита, а детето се смее, што го мотивира и понатаму да чита.

Повеќето родители во текот на летото се на работа и нивниот годишен одмор не трае долго како распустот на децата. Прво и основно, немојте со детето да го правите она што ви создава одбивност. Најдете активност која и вам ви е забавна. Ослободете се и вие и детето, мислете на себе и бидете важен соучесник во интеракцијата. Ако сакате да одите во шопинг, земете го и детето, па заедно отидете и на пијалак. Ако сакате друштвени игри, научете го детето на правилата, па играјте си заедно. Природа, велосипед, тенис, пинг-понг, филмови, кино, театар – сите овие активности се добредојдени. Поентата е ништо да не правите сосила.

За развојот е од непроценлива важност времето што детето го поминува со родителите во игра, бидејќи на тој начин се развива близок однос меѓу нив. Но, треба да се спомене и дека постои голема разлика кога родителите играат на начин на кој го подучуваат детето и играњето кое е предводено од детето и вклучува забава и уживање. За развој на детето потребни се и двете. Заради социјализација, детето мора да научи што е пристојно, а што не е, но чувството на блискост што детето го има при слободната игра со таткото или мајката влијае врз неговиот емотивен развој. За време на распустот се препорачува повеќе играње заради забава.

Ако постои нешто што мора да го завршите, на пример, чистење на гаражата, вклучете го и детето. Немојте да бидете строги и критични, пуштете музика и пејте со него додека работите.

Сето ова важи за периодот додека детето не влезе во пубертет. Еден типичен тинејџер ќе наоѓа причини за да не поминува време со вас. И оставете го да го прави тоа.

Неколку совети

– Ослободете ја страста и детето во себе преку зголемување на бројот на активности кои навистина ве прават среќни и ве опуштаат.
– Сопрете ја комуникацијата со деловниот свет во што поголема мера.
– Одморете се. Многу луѓе го користат годишниот одмор за да ги завршат работите што не стигнале порано, но добро би било тоа да го завршите на почетокот или крајот од одморот, а поголемиот дел од него да го искористите за релаксација.
– Променете го местото на живеење – понекогаш е тешко да се одвоите од обврските ако сте постојано во истото опкружување. Бидејќи многумина не одат на годишен одмор некаде во странство, добра вест е дека и одењето на базен или некаде во природа влијае врз промената на рутината и создава впечаток дека навистина сте на одмор. Колку повеќе такви активности, толку побрзо вашиот мозок ќе сфати дека тоа е време за одмор.

Автор: Јелена Врсаљко, психотерапевт



912

X