Воспитување

Што не треба да им кажувате на децата кога ќе тргнат во градинка

Многу луѓе во процесот на приспособување на децата во градинка ги прават истите грешки. Избегнете ги за да му помогнете на вашето дете убаво да ја започне авантурата наречена „денови во градинка“.
Има многу совети во врска со тоа што треба да прават родителите и како да го подготват своето дете за градинка, но она што треба да го чујат родителите е што никогаш не треба да им зборуваат на децата. Значи, драги родители, погрижете се овие работи да ги избегнувате по секоја цена:

Фокусирање на негативни работи

Вие сте возбудени затоа што вашето дете тргнува во градинка, но тоа не ги споделува истите чувства? Вие сте подготвени да го пуштите да биде со воспитувачите и другите деца, но тоа сака да остане со вас? Кога првиот ден ќе ве замоли да не го оставате цел ден таму само, не обидувајте се да му објасните дека таму ќе му биде забавно. Наместо тоа, концентрирајте се на оние активности што ќе ги правите заедно кога ќе си оди од градинка. Можете да се договорите дека секој понеделник ќе го почнувате со вкусен појадок по негова желба. Кое дете не би било воодушевено од палачинки со додаток по негова желба?
А кога ќе ве праша што ќе правите вие додека тоа е во градинка, дури и ако планирате да се одморите со далечинското в рака и со кренати нозе на стол, задржете го тоа за себе и кажете му дека ќе смислувате забавни работи кои ќе ги правите заедно кога ќе се врати дома.

Грандиозни подготовки

Инстинктот им наметнува на родителите улога на тренери на своите деца. И ако тоа функционира во светот на спортот, тешко е на тој начин да ги навикнете децата на тоа што ги очекува. Тие никогаш не го виделе светот за кој се зборува, само ги слушаат родителите како ги убедуваат дека тоа е добро и убаво. Значи, нема потреба да ги земете сите книги од библиотеката на тема градинка и секој ден да им кажувате што ќе прават таму и колку нови работи ќе научат. Одиграјте го ова лежерно и дозволете им на децата сами да создадат визија за градинката. Тие ќе се чувствуваат попријатно ако низ приказните не се обидувате константно да ги подготвувате за деновите што доаѓаат, а и вие нема да им изгледате чудно и неприродно.

Споредување со другите деца

Родителите често се споредуваат со околината и имаат дилема околу своите способности. Детето на пријателите умее да чита, а нивното не знае ни една буква од своето име, во паркот ги гледаат децата како се искачуваат на најтешките вратила додека нивното дете си фрла песок во игралиштето.
Без оглед на тоа што можеби и милион пати на ден се прашувате за тоа, тие сомнежи не е добро да ги споделувате со децата. Немојте да му кажувате колку добро чита Ана или колку високо може да се искачи Марко. Ценете ги неговите успеси и со позитивни коментари поттикнувајте го да сака да биде подобро и да даде повеќе од себе за да напредува. Не е важно ако сè уште не знае да ги врзе врвците од своите чевли, ќе научи – со свое темпо. Можеби е тешко, но погрижете се во групата да го гледате своето дете, а не децата што го опкружуваат, поттикнувајте го и бодрете го, па на крај ќе успее да го постигне она што му било тешко.

Поставување неодредени прашања

Рефлексен одговор на децата на прашањето „Што правевте денес во градинката/школото?“ е – „Не знам“ или „Ништо“. Затоа треба да се избегнуваат толку отворени прашања, а треба да се праша конкретно „Кои игри ги игравте по појадокот?“, „За што се смеевте денес?“ или „Кои сликовници денес ви ги читаше учителката?“
На тој начин децата ќе ви го раскажуваат својот ден, а потоа вие ќе можете да му го раскажете вашиот. Така сите ќе се чувствувате повеќе вклучени во животот на семејството.
И, драги родители, не плашете се од поаѓањето на вашето дете во градинка дури и ако периодот на адаптација не оди толку лесно како што сте замислиле. И сметајте дека може да се случи секоја подолга пауза, односно изостанување од градинката да доведе до слични ситуации, па следната година повторно да морате да го поминувате истото по распустот.

 

 

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top