Дали жената навистина може да се подготви за мајчинството? Дали знаете што ве чека по породувањето? Дали некој ви кажал дека по породувањето ќе крвавите долго време, дека ќе имате тешкотии да ја задржите урината поради проблеми со карличните мускули, дека ќе ве „следат“ интензивни емоции со недели?

Познатиот магазин „Гламур“ ги праша успешните деловни жени што би сакале да знаат во текот на бременоста, а не го знаеле. Ова се нивните совети:

1. Вежбајте ги мускулите на карлицата

– Ми се случуваше да не можам ниту да скокам ниту да трчам. Затoа што ако го направев тоа, мочниот меур веднаш ќе се побунеше. За мене, тоа беше најлошиот кошмар. Беше исцрпувачко и непријатно. Зошто? Бидејќи никој не ми кажа дека треба да правам вежби за карлица секој ден, како во текот на бременоста така и месеците по моите три природни породувања. Наместо да се грижам за стриите и за тоа која количка да ја купам, приоритет требаше да ми бидат вежбите за мускули на карлицата – вели Дебора Џозеф, главна уредничка на магазинот „Гламур“.

2. Подгответе се за тоа дека породувањето е полесниот дел од работата

– Навистина би сакала некој да ми кажеше дека породувањето е полесниот дел од работата. Не бев подготвена за она што следуваше. Се борев со доењето, промените на моето тело и постпородилната депресија беа само кратко споменати на школата за мајчинство. Кога мојот сопруг првпат ме остави сама со синот и отиде во продавница, бев ужасно исплашена и испаничив дека нешто ќе се случи. Гледајќи наназад, посакувам да бев пољубезна кон себеси, да ми помагаше повеќе семејството и да не се придржував слепо кон правилата – вели Хана Сач, соосновач и извршна директорка на апликацијата „Гоу Џантли“.

3. Не си лоша мајка ако не го сакаш бебето секоја минута

– Би сакала некој да ми кажеше дека е во ред да не го сакам моето дете секоја минута од секој ден, дека е сосема нормално да ми недостига минатиот живот и дека тоа не ме прави лоша мајка – вели Вики Багот, сопственичка на компанијата „Хубалу“.

4. За првите неколку месеци од животот на бебето купете само едноделни шпилхозни

– Првите месеци од животот на бебето, особено првите три месеци, ќе го облекувате по едноделни шпилхозни бидејќи се најпрактични, најлесно се соблекуваат и најлесно се облекуваат. Мој совет е првите три до шест месеци да не купувате друг вид облека – вели Камила Њуман, дел од списанието „Гламур“.

5. Подгответе се дека ќе крвавите до шест недели по породувањето

– Мајка сум на пет деца на возраст од 2 до 21 година. Првото дете го родив на 18-годишна возраст, но кога родив повеќе деца, почнав да сфаќам колку не бев свесна што ме чека. Најмногу ми пречеше тоа што никој не ми кажа дека ќе крвавам шест недели по породувањето. Искрено мислев дека ќе престане по 48 часа бидејќи никој не ми кажа дека ќе биде поинаку – вели Марли Хол, бабица и воспитувачка.

6. Твојот живот драстично ќе се промени

– Барем да ми објаснеа дека животот ќе ми се промени по раѓањето на детето. Мислев дека бебето ќе се вклопи во нашите животи, но сè се смени, не на полошо, но се смени. Порано патував цело време за на работа, а сега ми треба само еден час да излезам со ќерка ми низ вратата! Повеќе нема да лежам по цел ден и да излегувам на пијачка по работа. Мојот живот се врти само околу моите деца. Искрено, никој не ви кажува колку ќе ги сакате, тоа едноставно се случува. Но, сè уште ми недостигаат деновите што ги поминував в кревет! – вели Дијана Меси, главна оперативна директорка на компанијата „Меси партнершип“.

7. Интензивните емоции се нормални

– Би сакала некој да ми кажеше дека емоциите постојано ќе ме следат во текот на мајчинството. Не мислам на промените во расположението во текот на првите неколку недели по породувањето. Мислам на вината, грижата, силната љубов и фрустрацијата. Мојот совет е да уживате во секоја година од нивниот живот. Не брзајте. Сите се прашуваме: „Кога ќе каже мама?“, „Кога ќе прооди?“, „Дали некогаш ќе одам сама во веце?“ Запомнете, тоа е период од животот кој поминува исклучително брзо и пред да се свртите, вашето дете ќе биде во средно училиште – вели Сима Станакија, основачка на блогот за патувања „Кјуриус Пикси“.

8. Не форсирајте се во првите неколку месеци по породувањето

– Не форсирајте се по породувањето. Ако сакате да доите, најдоброто нешто што можете да го направите е да се одморите, да јадете здрава храна и да пиете вода. Ако сте дехидрирани, тоа може да е причината зошто имате помалку млеко. Пијте вода. Исто така, доењето зависи од понудата и побарувачката: колку повеќе доите, толку повеќе млеко ќе имате – вели Клер Верс, директорка за маркетинг во „Гламур“.

9. Уживајте во малите работи

Некој еднаш ми рече да уживам во моите деца на возраст помеѓу 7 и 11 години бидејќи тие се најлесните години за родителите – повеќе не се бебиња, а сè уште не се тинејџери. Тогаш ми се чинеше чудно. Но, сега кога моите деца се приближуваат до тинејџерските години, разбирам точно што мислеше таа личност. Некои работи понекогаш се тешко разбирливи кога имате сто работи, од родителството, кариерата, бракот, одговорностите дома и сега да учите од дома… Но, вистината е дека тие растат навистина брзо. Затоа, искористете ги тие заеднички моменти за да ги прегрнете малку посилно, да легнете до нив додека спијат, да земете слободен ден од работа и да одите на натпревар со нив. Тоа ќе биде спомен кој секогаш ќе го паметат – вели Камила Кеј, заменик-уредничка во „Гламур“.

10. Не вршете притисок врз себе дека мора да доите

– Некои жени едноставно не можат да дојат и не е потребно да се чувствуваат виновни за тоа. Моите близнаци сега имаат скоро две години и сè уште ме обзема чувството на вина што немав доволно млеко и што не можев да ги дојам. Верувам дека доењето нема никакво влијание врз поврзаноста помеѓу вас и вашето бебе, како што тврдат луѓето. Моите синови се најголемите мамини галеничиња. Се обидов да ги дојам, но секогаш морав да ја надополнувам нивната исхрана со вештачко млеко, уште од првиот ден. Тие беа мрзливи да цицаат, изгубија многу тежина, а бидејќи се близнаци, беа мали и уморни и сакаа да спијат многу. Ова природно влијаеше врз количината на млеко што ја произведував. Кога ќе погледнам наназад, посакувам да бев порелаксирана и да прифатев поголема помош, но првиот инстинкт е да направите сè сами за вашето дете – вели Ема Ли, консултант за односи со јавноста.

Извор



912

X