Нашето здравство може да се соочи со епидемија на коронавирус освен ако епидемијата не поприми апокалиптични размери. Ние сме мала земја со ограничени ресурси. Затоа, за да не се соочиме со пречекорување на капацитетот на нашиот здравствен систем, ние мораме да сториме сè за тоа да не се случи! Оттаму, од суштествена важност е, со најголема одговорност и дисциплина, пропишаните мерки сите да ги почитуваме, вели професорот Даниловски

Што може да очекуваме со коронавирусот, дали сме подготвени да се соочиме со епидемија, ќе нè спаси ли топлото време за да се намали ширењето, како да постапиме ако сме биле во контакт со заразен, кога е најзаразен инфицираниот, се само дел од прашањата на кои дава одговор епидемиологот проф. д-р Драган Даниловски. Тој е и раководител на Институтот за епидемиологија и биостатистика со медицинска информатика.

Професорот вели дека е неблагодарно да се прогнозира под колкав ризик се нашите граѓани кога станува збор за коронавирус.

– Ризикот е пропорционален со бројот на појавени случаи. Колку станува поголем бројот, толку расте и ризикот. Но, големината на ризикот дополнително се зголемува, не знаеме колкукратно, ако претпоставиме дека, покрај регистрираните случаи на болест, сигурно ги има и оние што немаат симптоми и се движат слободно наоколу. Со тоа претставуваат подвижни извори на зараза. Затоа е многу важно да се ограничат социјалните контакти, движењето, за да се минимизираат шансите за воспоставување т.н. синџири на инфекција.

Откако лицето ќе се зарази со коронавирус, кога е најзаразно, а кога се смета за незаразно?

– По заразувањето, во текот на инкубацискиот период, вирусот се размножува во организмот, ги зафаќа т.н. таргет-органи и во еден момент во текот на инкубацијата почнува да се лачи надвор од организмот, преку назофарингеалниот секрет и преку фецесот. Тогаш инфицираното лице станува заразно. За КоВ-2, актуелниот коронавирус, не се знае во кој момент на инкубацијата тоа се случува. Многу веројатно, тоа е во втората половина на инкубацискиот период.
Заразноста е најизразена по завршување на инкубацијата, во текот на манифестниот клинички стадиум на болеста. Заразноста е присутна и ако по инкубацијата воопшто не се појават симптоми (т.н. асимптоматски случаи).
Колку долго трае заразноста и по завршување на болеста од клинички аспект (за тоа има специфични критериуми), не се знае точно. На пример, кај неколкумина пациенти во Кина најдено е дека се позитивни на вирусот и 5 до 13 дена по исполнување на критериумите за испуштање од болница. Не се знае дали тоа значи и дека се заразни.

Интервјуто со проф.д-р Драган Даниловски прочитајте го на Факултети.мк.



912

X