Извештајот „Состојбата на децата во светот“ од УНИЦЕФ неодамна ги откри навиките во исхраната на децата низ светот.

Според извештајот, и покрај напредокот во изминативе две децении, една третина од децата под пет години се неухранети – закржлавени, исцрпени и со прекумерна тежина, додека две третини се изложени на ризик од неухранетост и скриен глад поради лошиот квалитет на нивната исхрана.

Податоците покажаа и дека значителен број деца во југоисточните азиски земји, како што се Филипините, Индонезија и Малезија, јадат премногу пакувања инстант-тестенини. Но, во извештајот Јапонија се покажа како најздрава земја за децата.

Извештајот покажа дека Јапонија е на врвот кога станува збор за индикатори за здравјето на децата, со ниски стапки на смртност кај новороденчињата и мал број деца со ниска тежина. Освен тоа, Јапонија е земја со најниска зачестеност на дебелината кај деца меѓу 41 развиена земја во Организацијата за економска соработка и развој и Европската Унија.

Јапонија е добро позната по здравата исхрана, составена од добра рамнотежа на свежи и сезонски зеленчуци и морска храна. Нивните навики во исхраната се вклучени и во училишните оброци.

Мицухико Хара, педијатар и професор на Универзитетот „Касеи Гакуин“ во Токио, вели дека училишните оброци се создадени од нутриционисти и ги има во сите основни училишта и во поголемиот дел од средните училишта во Јапонија.

Бидејќи децата јадат најмалку пет оброци неделно на училиште, училиштата се одговорни во обезбедувањето здрави оброци со хранлива вредност.

Еве што можат да научат другите земји и училишта од јапонските здрави училишни оброци:

Децата се едуцираат за тоа што го јадат

Клучот за доживотна навика за здрава исхрана е да се изгради свест за навиките во исхраната уште од рана возраст. За разлика од училиштата во другите земји, каде што ручекот обично се служи во кафетерија, училишните оброци во Јапонија се служат во училница.

Ова е така затоа што исхраната на децата е вградена во образовната структура на училиштето, така што учениците знаат што јадат и зошто.

Во јапонските основни училишта учениците користат магнети со слики од храната и ги ставаат во различни категории на таблата, така што учат да ги разликуваат протеините од јаглехидратите.

Училишните оброци се задолжителни

Во многу земји учениците имаат можност да си земаат јадење од дома или да купуваат од кантините. Но, во училиштата во Јапонија училишните оброци ги обезбедува училиштето и тие се задолжителни. Нема отстапки за оние што имаат режим во исхраната или се вегетаријанци. Ова можеби е проблем во некои држави, но ученици од овие групи се ретки во Јапонија.

Бидејќи оброците се задолжителни, учениците немаат избор освен да ги консумираат здравите оброци.

Додека семејствата со ниски приходи во земјите надвор од Јапонија треба да им спакуваат оброци од дома на своите деца, бидејќи немаат пари за да им плаќаат хранарина, училишните оброци во Јапонија се субвенционирани од владата. Ова значи дека дури и оние деца што потекнуваат од сиромашни семејства може да јадат здраво.

Сè е свежо и добро избалансирано

Еден оброк што се служи во училиштата во Јапонија е ориз со риба на скара и чинија спанаќ и зеленчук, со мисо супа со свинско, заедно со млеко и суви сливи.

Секој оброк е дизајниран да има 600-700 калории балансирани помеѓу јаглехидрати, месо или риба и зеленчук.

Училишните оброци во Јапонија се прават од свежа храна наместо замрзната или преработена за да се зачува оригиналната хранлива вредност на храната. Состојките се исто така свежи затоа што се избира сезонска храна.



912

X