Таа е позната, богата, успешна, но Бијонсе ќе каже дека, пред сѐ, е мајка. Мајчинството ја обликувало како личност на повеќе начини, а најважната животна лекција – да се сакаш и да се прифатиш себеси, таа ја научила токму преку родителството.

Бијонсе првпат стана мајка во 2012 година, кога ја роди Блу Ајви, а вечната борба помеѓу нејзината кариера и мајчинството целосно ја исцрпила. Дури кога ги добила близнаците во 2017 година, по тешката бременост и породување со царски рез, таа одлучила прво да се оствари како мајка, а потоа како сѐ друго.

Ценете се како личност, не само врз основа на физичкиот изглед

– По раѓањето на моето прво дете, бев загрижена за тоа што другите ќе кажат за моето тело по породувањето. Бев под притисок и се обидував да се вратам во форма што е можно побрзо, и успеав да го направам тоа со натчовечки напори за само три месеци. Гледајќи наназад, беше лудо. Сѐ уште ја доев ќерка ми Блу Ајви и настапував на „Ревел шоу“ во Атлантик Сити. Но, откако ги родив близнаците, целосно го сменив пристапот кон мајчинството и кон моето тело.

– Во бременоста со Руми и Сира имав 99 килограми, бев потечена и последниот месец од бременоста морав да се одморам. Моето здравје и здравјето на моите бебиња беа загрижувачки, па морав да направам итен царски рез. Поминавме неколку недели во болница. Мојот сопруг ми беше голема поддршка во тоа време. Горда сум што бев сведок на неговата сила, тој е прекрасен татко.

По царскиот рез, долго време бев во режим на преживување бидејќи моето тело беше во многу лоша состојба. За време на закрепнувањето, открив дека треба да се сакам себеси, да се грижам за себе и да го прифатам своето тело. Конечно го прифатив моето тело. Привремено станав веганка, се откажав од кафето, алкохолот и овошните сокови. Но, бев трпелива и уживав во моето постпородилно тело – вели Бијонсе.

Времето по породувањето може да биде тешко и напорно за многу мајки, и психички и физички. Но, вие сте повеќе од физичкиот изглед, вели Бијонсе. На жената ѝ е потребно време да закрепне од бременоста и породувањето, па затоа не треба да бидете строги кон себе.

Бијонсе научила да кажува „не“ на работите што правеле да се чувствува лошо и би било добро сите мајки да го применат нејзиниот метод. Кога ќе научите да кажете „не“, кога ќе прифатите дека не мора секогаш да правите сè сами, на некој начин ќе го преземете водството и ќе бидете отворени за промена. Преку мајчинството, изложувајќи се на разни предизвици, жените почнуваат да разбираат дека се посилни отколку што мислеле дека се. Идни мајки, само откако ќе поминете низ бременоста и породувањето, ќе сфатите колку всушност можете да направите.

Поставете си цел

Секој голем проект на Бијонсе започнува со молитви и поставување цели. Таа планира, подготвува, вежба и е доследна во тоа. Без разлика дали станува збор за украсување на станот, добивање нова работа, запознавање нов шеф или помагање на детето да се приспособи на ново училиште – сите активности треба да започнат со поставување цели.

Слушајте го своето тело

Мајките имаат навика да ги решаваат сите проблеми што ќе се појават во семејството. Ако се болни, не мируваат, туку се обидуваат да им служат на сите околу нив, преземаат дополнителни обврски за да им докажат на сите дека се супержени. Сето тоа е во ред, до моментот кога ќе стигнат на работ.

Телото на различни начини предупредува дека треба да забавите, да направите пауза и да се одморите. Ако го послушате, ќе ги разберете неговите сигнали и ќе научите да се одмарате. Никој не го познава вашето тело подобро од вас.

Бијонсе сигурно води сосема поинаков живот од „обичните“ жени. Како ѕвезда, таа околу себе има многу луѓе кои се грижат за нејзиното здравје и нејзината форма, има дополнителна помош при чувањето деца и навистина може да си дозволи пауза од сите семејни обврски. Но, таа е сопруга и мајка и треба да одвои време за своите деца, за сопругот и мора да се грижи за себе, да носи одлуки за нејзиното семејство.

Не постои водич за тоа како да бидете совршена мајка, ниту пак има совршени совети за мајките, а тајната за среќно и задоволно мајчинство е во почитувањето на себеси како мајка и личност и желбата вашите деца да го извлечат најдоброто од вас, и тоа е среќна и задоволна мајка, полна со љубов.

Извор



912

X