Бебе постаро од дваесет и осум дена не е веќе новороденче, туку доенче. Тоа полека почнува да реагира на светот околу себе – не само со плачење, туку и со насмевки.

Во состојба е накратко да го фиксира погледот на близок предмет или лице. Се разбира, најпрво го запознава мајчиното лице и првата насмевка ѝ е наменета токму на мајката. Реагира и на сè поголем број звучни дразби, а почнува и да гуга. Кога лежи на стомак, се подига на подлактниците до агол од 45 степени, а при крајот на вториот месец и повеќе од тоа.
Сите бебиња не се развиваат со исто темпо. На оние што се родени пред терминот им треба повеќе време да постигнат одредени психомоторни функции, па кај нив обично се смета таканаречената коригирана возраст, односно возраста на која би биле ако се роделе навреме. Во принцип, не треба претерано да се оптоварувате, а особено да не ги споредувате децата. Но, ако заостанувањето е позначајно во однос на повеќето врсници, особено ако детето при раѓањето имало оцена пониска од 8, посоветувајте се со вашиот педијатар.

Колку често треба да цица бебето?

При крајот на вториот месец, бебето, особено она што се храни со шишенце, почнува да го зголемува интервалот меѓу оброците и неретко исфрла еден оброк. Бебињата што цицаат можат да продолжат со истото темпо како и во првиот месец, што не е необично. Најверојатно бебето најцврсто спие по бањањето, па најдобро е да го бањате што подоцна навечер, за подолго да спие во текот на ноќта. Никако не се препорачува исфрлањето на ноќниот оброк во вториот месец по секоја цена!

Колку треба да напредува бебето во телесна маса во вториот месец?

Ова е вистинскиот период за напредување. Доењето или друг вид исхрана веќе е востановена, а доенчето сè уште не троши многу енергија на движење, па добива во тежина секој ден, понекогаш дури и прекумерно.

Доколку само цица, тоа не може да му се забележи, а не е ни лошо да има мала резерва масно ткиво. Тоа многу брзо ќе се стопи при првата настинка, или кога бебето ќе стане поактивно. Добивањето од 750 до 1.000 грама во вториот месец се смета за оптимално кај здраво доенче.

Не вклучувајте самоиницијативно млечна формула

Доколку бебето не напредува како што треба, обратете се кај педијатар пред да преземете што било. Тој ќе установи дали понудата на вашето млеко е соодветна на потребите на бебето и ќе преземе одредени мерки за да се поправат работите. Немојте самоиницијативно да додавате млечна формула бидејќи и најдобрата може да предизвика алергиски реакции на толку рана возраст, а една од нив се манифестира токму со слабо напредување.

Грчеви или инфантилни колики

Најчесто се јавуваат по дваесеттиот ден од животот. Се манифестираат со плачење, кое е придружено со грчење на ножињата и црвенило на лицето. Кај некои бебиња грчевите се јавуваат и порано. Причината не се знае со сигурност, иако може да се работи за голтање воздух при лакомо цицање. Доколку симптомите се јават во текот или непосредно по доењето, гасовите не стигнале подалеку од желудникот и се исфрлаат со ждригање во исправена положба (ако е потребно и повеќе пати во текот на доењето).

Симптомите што се појавуваат подоцна (час и пол до два по доењето) укажуваат дека гасот стигнал до цревата, па се исфрла. Бебето тоа ќе го направи спонтано или со помош на рачна масажа или ставање затоплена пелена на стомачето. Ако грчевите се посилно изразени во положба на грб, на бебето ќе му биде поудобно лежењето на стомак, особено на мајчините гради. Не се советуваат чаеви против грчеви бидејќи бебето треба да испие поголемо количество за да дејствуваат, при што ќе се наголта нов воздух, а може и да го наруши доењето. Чајот за мајки-доилки врз база од коморач може да биде корисен бидејќи преку мајчиното млеко благотворно влијае врз бебето. Постојат разни препарати во вид на капки и сирупи кои кај некои деца дејствуваат, а кај некои не. Некогаш ништо не помага, а грчевите спонтано исчезнуваат по третиот месец од животот, без никакви последици.

Блуцкање и повраќање

Малите бебиња блуцкаат ако не ждригнат во текот и по доењето. Меѓутоа, блуцкањето може да продолжи и во вториот месец од животот, па дури и да се интензивира. Сè додека бебето убаво напредува, нема место за паника, но треба да се води сметка да не се задави со изблуената содржина. Ако блуцкањето е редовна појава, треба да ставите ролна од крпа под душекот на бебето за да го подигнете местото под главчето (перница не е дозволена до една година).

Меѓутоа, блуцкањето понекогаш лесно преминува во повраќање кое може да биде зачестено и во млазови. Ова е момент кога детето треба да го однесете на лекар, кој ќе утврди дали се работи за гастроезофагусен рефлукс (враќање на храната од желудникот во хранопроводот поради неразвиениот мускул-стегач на влезот во желудникот), или станува збор за таканаречена хипертрофична стеноза на пилорусот, односно пресилен мускул на излезот од желудникот кој го попречува неговото регуларно празнење, па храната од преполнетиот желудник се враќа назад и во млаз се исфрла надвор. Ова заболување доведува до губење на телесната маса и нарушување на киселинскиот и електролитниот состав на крвта, па бара хируршка интервенција – која не е голема, а лекувањето е целосно.

Лактациона жолтица

Бебето пожолтува по отпуштањето од родилиштето, или жолтицата што таму се појавила трае подолго од две недели. Доколку кај бебето кое е на природна исхрана се исклучат сите причини за патолошка жолтица, може да се посомневате на таканаречена прегнандиолска жолтица која се јавува кај некои доени деца. Причината за неа е една супстанција во мајчиното млеко која го блокира процесот на разградување на жолтиот пигмент – билирубинот. Оваа жолтица обично се јавува меѓу четвртиот и седмиот ден од животот. Максимумот го достигнува меѓу петтиот и петнаесеттиот ден, при што концентрацијата на билирубинот во крвта надминува 360 μmol/L (микромоли на литар). Жолтицата може да трае три до десет недели, со пониски вредности на билирубинот. Децата изгледаат здрави, а сите анализи, освен билирубинот, се во нормални граници и нема штетни последици. Инаку, се докажува така што се повлекува по двонеделен прекин во доењето и повторно се јавува откако ќе продолжи доењето, но се смета дека нема причина за ваква проба бидејќи прекинувањето на доењето може да има одредени несакани последици. Обично сите деца од иста мајка го имаат овој мал проблем.

Нега на бебето

– Нега на кожата

Од вториот месец се користи заштитен бебешки крем само за премачкување на делот од кожата под пелените. Во случај на појава на какви било кожни промени, треба да се обратите на лекар.

– Теменица

Се работи за форма на себороичен дерматитис на темето, а се манифестира со седефести лушпи на кожата на главчето, поради што косата на бебето треба да се мие секојдневно. Потоа е неопходно да се чешла со густ чешел или четка за бебе за да се отстранат овие масни наслојки.
Кај запуштените случаи се формираат дебели жолти наслојки кои се отстрануваат со минерални масла, по што косата на бебето треба да се измие и исуши. Теменицата не значи дека детето ќе има првут кога ќе порасне.

– Гениталии

Не обидувајте се да ја повлечете кожичката од главчето на пенисот кај машко доенче толку рано – бидејќи тоа во нормални услови не е можно без траума со несакани последици. Најопасна е парафимозата, кога повлечената кожичка не може да се врати повторно. Тогаш настанува прстенест оток кој оневозможува мокрење – што, ако не се интервенира итно, може да го загрози животот!

Прошетки и посети

Во вториот месец бебето треба да се изведе на прошетка, ако не сте го направиле тоа досега. По навршени шест недели бебето има целосно развиен систем за терморегулација и може да се изнесе надвор накратко, дури и на температура под нулата – под услов денот да е убав, стабилен, без ветер и ако бебето е соодветно облечено. За предвреме родените бебиња земете ја предвид коригираната возраст! Во секој случај, доенчето во вториот месец од животот треба да се шета во количка, а не во кенгур-носилка, иако во неа е потопло, бидејќи коскениот систем на бебето сè уште не е подготвен за оптоварување во исправена положба.
Ова е вистински момент за први посети на пријатели. Народот не случајно првите шест недели од раѓањето ги нарекува леунство. До таа возраст имунитетот на бебето е толку слаб што преголем број луѓе во затворен простор сигурно би го загрозиле. Бидејќи уште долго време нема да има доволно отпорност со леснотија да се избори со опасни инфекции, на настинати луѓе не треба да им се дозволува контакт со бебе постаро и од шест недели.

Препонска кила

Бебе што интензивно плаче и не сака да јаде – првин преслечете го и прегледајте го. Понекогаш, особено кај недоносените деца, во препоните од едната или од обете страни може да се појави тврдо топче со големина на јајце од гулаб, кое претставува мала кила. Кога ќе се дијагностицира, треба да се оперира, бидејќи не поминува само од себе, а може и да се вклешти (тогаш отокот е црвен, тврд и исклучително болен на допир, бебето не врши нужда и почнува да повраќа), што бара итна хируршка интервенција.
На бебето со вклештена кила не треба да му се нуди да цица или да пие каква било течност, туку што побрзо да се однесе кај детски хирург. Кај момчињата слична клиничка слика дава и закривениот семеник. Исто така мора итно да се оперира, а прогнозата е добра.

 Задолжителни прегледи

1. Ултразвучен преглед на колковите

Ова е задолжителен преглед, безболен и безбеден (нема зрачење) и треба да се направи до навршување на првите шест недели од животот, а во ризичните случаи уште во родилиштето.
При нормален наод, прегледот треба да се повтори барем уште еднаш во првите шест месеци од животот, за што одлучува лекарот што ќе го изврши првиот преглед.

2. Неврофизијатар

За бебињата што имале невролошки проблеми по раѓањето, на возраст од шест недели се препорачува консултација со неврофизијатар заради процена на психомоторниот развој и евентуална потреба за физикална терапија.

Автор: Маја Скендер, педијатар

 



912

X