Докторите објаснуваат дека е вообичаено децата да „соберат“ болести, бактерии и вируси во градинките.

– Градинката е легло за вируси, а во моментов ги има многу – вели д-р Томас Русо, професор и шеф на катедрата за заразни болести на Универзитетот во Бафало, Њујорк.

Во градинките се шират многу болести бидејќи децата допираат сè, ширејќи ги бактериите во тој процес. Освен тоа, малите деца не знаат добро да го дуваат носот, па често ги користат рацете и облеката за да го избришат, а сите знаеме дека хигиената на рацете кај помалите и не е баш на високо ниво.

– Децата го допираат носот со прстите, а потоа ги допираат играчките и другите работи во градинката, а потоа истите работи ги допираат и другите деца. Исто така, тие киваат и кашлаат директно на предмети што ги допираат другите деца – вели д-р Даниел Ганџијан, педијатар во Здравствениот центар „Сент Џон“ во Санта Моника.

Што можат да направат родителите?

Лекарите препорачуваат родителите да се обидат да ја погледнат добрата страна на детските болести.

– Вака децата го градат својот имунолошки систем – вели тој и додава дека е повеќе од разбирливо што за родителите е фрустрирачко постојано да се справуваат со болести кај децата и отсуствата од градинка, особено оние родители што се во работен однос.

Сепак, д-р Русо објаснува дека иако не можете да спречите инфекции, постојат работи што можете да ги направите како родител за барем да ја намалите веројатноста вашето дете да се зарази со речиси секој вирус што ќе се појави во градинка.

Можете да се обидете да го направите следното за да го намалите ризикот од болест за вашето дете и остатокот од вашето семејство:

  • Искапете го детето кога ќе си дојде од градинка;
  • Преслечете го;
  • Измијте му ги рацете;
  • Научете го на правилна хигиена.

Иако звучат како банални и едноставни работи, ова се начините кои педијатрите ги истакнуваат како клучни за намалување на ризикот од различни бактерии и вируси.

Никогаш не носете го детето во градинка ако има некакви симптоми на болест

Ганџијан ги советува сите родители да обрнат големо внимание на одредени симптоми за да можат брзо да реагираат доколку нивното дете се разболи. Доколку се појави температура, дијареја, повраќање, слабост или некој друг симптом што може да укаже дека детето е болно, педијатарот нагласува дека родителите не треба да го носат во градинка.

– Знаеме дека на вработените родители кои немаат друга помош им е доста тешко да се грижат за децата и не смеат да бидат отсутни од работа, но сепак здравјето на детето е на прво место. Исто така, секое испраќање на потенцијално болно дете во градинка сериозно ги загрозува другите деца во групата и, за жал, многу родители често не размислуваат за тоа – објаснува тој.

Извор



912

X