Бев и гневна и лута и се самообвинував, и на крај бев многу тажна. Но тагата не ме водеше никаде, ни мене ни моето дете

Денес е Денот на аутизмот и целиот овој месец би требало да биде насочен кон менување на свеста на сите луѓе. За мене и за моето семејство, помина уште една година од денешниов ден.
Сега кога ќе погледнам наназад на годината што помина, има многу работи што се сменија, но има и многу што, за жал, останаа исти.

Останаа непроменети слабата поддршка од системот за лицата со аутизам и за нивните семејства, некои од институциите што лани работеа годинава се пред затворање, а се наменети токму за децата со аутизам. Но иако системот може да го направи животот на овие семејства многу подобар, јас не сакам да чекам тоа да биде единственото нешто на кое ќе се потпрам, за доброто на моето дете и на моето семејство.
Бидејќи состојбата со системот е таква каква што е, ние родителите не смееме да заборавиме дека ја имаме најголемата и најважна улога во животот на нашите деца.
Затоа од сето она што ме поучи оваа измината година, сакам да споделам неколку важни нешта.

Да бидам најдобрата верзија од себеси.

Ова е најбитното нешто на кое работев, сè уште работам и не планирам да престанам да работам. Грижата за себе ме направи да бидам многу подобар и поспремен родител и партнер за целото мое семејство. Свесноста за тоа како се однесувам, со себе и со другите, е она што моите деца го гледаат и го чувствуваат и токму тоа и ќе го запомнат. Зборовите многу ретко остануваат во сеќавањето, но емоциите и чувствата се тука да останат засекогаш во секое сеќавање.

Да го погледнам своето дете од поинаков агол…

Помина времето кога во своето дете гледав сè што недостига и сè што е поинакво кај него од другите деца. Сега мојот поглед е свртен само кон најубавото во него. Како да ги најдам талентот, искрата и желбата за нештата во животот. Сега ги користиме неговите интереси за да градиме сè што е потребно во животот. Животните вештини ги градиме со игра, а социјалните вештини со музика.

Предизвикот се претвори во прекрасна шанса за растење.

И јас, како и сите други родители на деца со попреченост, ги поминав сите емотивни и трауматични состојби кога дознав дека моето дете е со посебни потреби. Бев и гневна и лута и се самообвинував, и на крај бев многу тажна. Но тагата не ме водеше никаде, ни мене ни моето дете.

Мојата одлука беше прво да научам како да му помогнам на моето дете, а потоа сфатив дека тоа знаење може да му помогне и на друг. Желбата да им помогнам и на други семејства се претвори во прекрасен проект кој сакам да трае целиот мој живот.

Сега работам со родители на и со деца со посебни потреби, работам за да им помогнам во сето она што јас не го знаев, но сега знам дека е прекрасно и дека може да помогне.

Автор: Ирена Лозана



912

X