Воспитување

Што кога детето повторно ќе почне да мочка в гаќи

По неколку недели интензивен „тренинг“ вашето дете повторно се враќа на старо, т.е. незгодите се случуваат сѐ почесто во текот на денот и ноќта. Ви пренесуваме неколку совети како на најдобар начин да ја надминете оваа криза.

Се чини дека вашето дете го усоврши користењето на нокширот и тамам си помисливте да им речете збогум на пелените засекогаш, одеднаш на детето му се случуваат „незгоди“ и се прашувате што тргна наопаку.

Ќе ви објасниме зошто детето може да назадува кога е во прашање користењето на нокширот и што да направите во врска со тоа прашање.

Уверете се дека навистина е во прашање „назадување“

Многу деца назадуваат по прашањето за навикнување на нокширот – тоа е нормално. Но мора да се запрашате дали вашето дете од старт имало правилна обука за користење на нокширот. „Често се случуваат мали назадувања во првите денови, месеци, па дури и години кога е во прашање нокширот“, вели педијатарот Скот Џ. Голдстејн. „Но, имајте на ум дека детето што вистински е навикнувано на нокширот, сака да го користи. Така што, детето кое има по неколку незгоди секој ден и не се грижи за тоа, ни би требало да се смета за дете што е навикнувано да користи нокшир“. Размислете дали вашето дете воопшто е подготвено за такво нешто. Ако е подготвено, барајте начин да се вратите на правиот пат. Ако не е, прашајте го педијатарот за мислење кога вашето дете би можело да биде подготвено.

Немојте бурно да реагирате

Ако на детето му се случи „незгода“, не покажувајте дека сте разочарани, така може да го обесхрабрите и да предизвикате поголеми проблеми. „Без оглед на фрустрацијата поради враќањето на старо, т.е. на пелените, останете позитивни“, вели советникот за родители и педијатар Венди Сју Свонсон.

Ако детето е суво, развеселете се. Ако не е, не велете му: „Упс, си имал незгода. Ајде да одиме да седнеш на нокшир“. Секогаш бидете прибрани, не викајте му и не карајте го. „Важно е вашето дете да се чувствува способно и да не се плаши дека ќе биде казнето ако направи грешка“, објаснува професорот по клиничка педијатрија Лиса Аста.

Откријте го основниот проблем

Назадувањето нема да престане ако не утврдите што е проблемот. На пр., незгодите кај многу деца почнуваат да се случуваат при промени што предизвикуваат стрес, како одење во нова градинка или доаѓање на принова во семејството. Кога животот ќе се потсреди, големи се шансите вашето дете да го усоврши користењето на нокширот. И ако цел ден не му случи „незгода“, може да му се случи „несреќен случај“ во текот на ноќта.

„Многу деца со години не се суви во текот на ноќта иако се суви преку ден“, вели д-р Голдстејн.

И здравствените проблеми можат да бидат причина за назадување, како и констипацијата.

Ако детето има проблем со цревата, може да го избегнува нокширот. Погрижете се вашето дете да внесува доволно растителни влакна и вода, но ако е исплашено да врши голема нужда на нокшир, играјте игри или читајте книги со него додека не седне на нокширот.

Дискретно навестете му да седне на нокшир

Честопати незгодите се случуваат кога детето се забавува и не сака да ја прекине играта. „За да ја решите оваа ситуација, објаснете му на детето дека понекогаш е нормално да заборави да го користи нокширот и уверете го дека и понатаму е големо момче/девојче“, советува Голдстејн. „На неколку часа носете го на нокшир и замолете ја воспитувачката во градинка почесто да го потсетува. Едноставните, дискретни потсетувања да го користи нокширот ќе го вратат детето на правиот пат“. Охрабрете го детето да го користи нокширот штом ќе се разбуди, пред јадење, пред спиење и пред да излезете од дома.

Обидете се со награди

Поттикнете го детето да остане суво, особено ако тоа функционирало првиот пат кога го навикнувавте на нокшир. Направете стикери и секој ден кога на детето нема да му се случи незгода, дајте му еден стикер.

По неколку успешни дена, може да го наградите со одење во слаткарница, помала играчка, дополнителни 10 минути читање на омилената книга или гледање цртани додека појадува.

Имајте на ум дека наградите не функционираат кај сите деца и дека во некои случаи можат да доведат до анксиозност. Затоа, најдобра награда се вашите зборови: „Ти се големо момче/девојче!“ или „Ти се толку самостоен/јна!“

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top