ПРАШАЊЕ: Ќерка ми има четири и пол години. По природа е темпераментно дете, дури и хиперактивно. Пред неколку месеци имавме проблем со едно дете од градинка кое ја фаќало за интимата. Реагиравме со сопругот и со разговор некако ја средивме ситуацијата. Меѓутоа, денес повторно ми се пожали дека друго дете од групата повторно ѝ го направило тоа пред сите деца. Кога не е со мене, таа е повлечена и не може добро да се снајде со другите деца, додека пак кога е со мене, многу често плаче дека никој не ја игра во градинка или, пак, во мое присуство знае да турне некое дете. Ве молам за совет како да постапам и да ја научам да не дозволува некои работи?
ОДГОВОР: Природата на вашето дете ја опишувате како хиперактивна и она што го забележувате е плачливост поради мислење дека никој не игра со неа до туркање на друго дете, што може да значи потреба од поголемо внимание од она што го добива досега.

Во градинката децата заедно растат и се соочуваат со низа ситуации, како и оваа што ја опишавте. Истражувањето на сопственото тело и истражувањето на туѓото поразлично тело од моето е карактеристика за оваа возраст. Тоа треба да се социјализира преку континуирани разговори родител-дете и да се дава постојан пример низ домот зошто прикриваме одредени делови од телото, како ја социјализираме голотијата на самото тело и поттикнување граница кој може да ме види, а кој не. Со тоа детето ќе разбере дека треба да постои граница и таа ќе послужи да прави отпор и да се одбрани кога некој се обидува да ѝ направи нешто што за неа е непријатно.
Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Психит“, е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com