И што сега? Навидум мал и безначаен проблем, но како и секогаш во животот, овој банален проблем понекогаш предизвикува многу фрустрации и лутина. Проблемот не е во морето и во детето, туку во нашите очекувања. Понекогаш причините за одење на море се љубовта кон морето, летувањето и годишниот одмор, а понекогаш родителите организираат летување заради децата. Како и да е, за да дојдете до морето, мора и да се помачите.

Сте вложиле труд, време и пари, сте ги потрошиле нервите при патот и пакувањето, за што? За детето да одлучи дека нема да влезе во вода, ќе стане кенкаво и незадоволно на секое ваше убедување, се поти и го касаат комарци. Ако на тоа го додадеме сопругот кој одморот го сфатил како начин за веднаш да легне и да спие, а вие се соочувате со средување на работите, трчање по децата и барање на првата најблиска продавница бидејќи тие се веќе гладни и мора да подготвите нешто за ручек, а и вечера, незадоволството расте уште повеќе.

Ако летувате со роднините, можете да заштедите пари и не треба да планирате каде ќе одите, но од друга страна, ви симнувам капа. Гледањето на роднините секој ден веројатно не е она за што сте сонувале цела година. Особено кога освен вас на море доаѓаат и сите роднини до осмо колено кои го сакаат морето и се опкружени со гласните деца кои, се разбира, имаат спротивен ритам на спиење од вашите деца. Иако тоа навидум се банални проблеми, вистинскиот проблем се крие во нашите очекувања и начин на живот. Во текот на годината напорно работиме, се мачиме да преживееме од еден сив зимски викенд до друг, го сонуваме одморот. Кога ќе се соочиме со многу помалку идеална реалност од онаа што сме ја очекувале, нормално е да се чувствуваме лошо и огорчено, па и да помислиме дека подобро ќе беше да останевме дома.

Ако барем малку се пронајдовте во овој вовед, следуваат неколку совети што ќе ви го олеснат вам и на вашите деца годишниот одмор, ќе ви помогнат да уживате и да се вратите среќни и поисполнети (не гарантирам дека ќе бидете поодморени бидејќи сепак одите на пат со мали деца).

Родителите на мали деца не одат на одмор, тие само продолжуваат да се грижат за децата на друго место

Рака на срце, ова е целосна вистина. Тешко е да ја прифатите ако уште ви се живи сеќавањата на деновите кога си лежевте покрај мирните бранови или на ноќите поминати на островските забави. Сега исто така секој ден уживате во зората, но не се враќате од забава, туку вашето дете се разбудило. Нема смисла да се жали по минатите времиња, освен ако не сакате да се чувствувате бедно. Наместо тоа, направете воен план со партнерот (или со роднините и/или пријателите) за да украдете малку време само за себе или за себе и за партнерот.

Знам дека отец Ике рекол дека не треба мажите да се грижат за децата и да одат на идилични семејни излети, туку треба да ја водат државата. Но, бидејќи сите државници во текот на летото, сепак, одат на одмор, и државникот во облик на ваш маж може да земе здив од водењето на државата и попладне да оди на плажа со децата додека вие одите да скокнете од омилената карпа (се разбира, со цел да останете живи) или да прочитате барем едно поглавје од добра книга. Шегата настрана, колку се пореални вашите очекувања, а помалку во согласност со минатите времиња, поголема е шансата по одморот да чувствувате дека батериите ви се наполнети, бидејќи ќе откриете некои нови видови забава, па и ќе украдете некој момент само за себе.

Направете „летен“ план на вашата семејна рутина

Летната рутина може да биде напорна, но децата многу ги сакаат рутините. Некои деца се флексибилни и не се толку врзани за распоредот што го имаат дома или начинот на заспивање, но ако вашето дете е едно од оние што многу ја сакаат својата рутина, направете слична и на море. Испланирајте го денот така што ќе спречите детето претерано да се измори бидејќи комбинацијата од силно сонце, замор и евентуално глад може да направи тотален хаос.

Плачење, врескање, фрлање, тешко заспивање – повеќето од овие работи ќе ги спречите така што навреме ќе си заминете од плажа, а ќе игнорирате кога ќе ви речат: „Па каде одите? Сега е најубаво!“ или: „Не ти е прерано за одење на плажа? Уште нема никој“. Направете распоред за одење на плажа, за сладолед, пченка, што повеќе сакате, и држете се до тоа. Веќе вториот-третиот ден децата ќе се приспособат на друга рутина и на сите ќе ви биде полесно.

Моето дете не сака да влезе во морето!

Ова е една од најчестите фрустрации. Ги гледате другите деца како весело трчаат кон водата, се учат да пливаат, нуркаат стискајќи го носот, дуваат со устата и гордо ѝ велат на мајка си: „Ме видееее? Нуркааам!“ Ги гледате оние мали атлети чии родители од четири месеци ги запишале на часови по пливање, па сега веќе три години поставуваат рекорди пливајќи до поставените граници на плажата и назад. Гордите родители ви објаснуваат дека гуми им ставаат само колку да ги имаат, бидејќи на нивните деца тоа не им треба, а вашето малечко не сака да влезе во вода ниту до колена. Особено тоа знае да го нервира таткото кога синот ќе се расплаче бидејќи косата му се натопила или вода му влегла в очи, па почнува со лекциите: „Па ти си момче! Зар сега ќе плачеш?“

Можете да одберете две стратегии. Можете да прифатите дека оваа година едноставно не сака да се капе, ниту му е тоа интересно. Вие капете се, уживајте, внимавајте каде одите да пливате и/или скокате, нуркајте, но без да го убедувате детето да го прави истото. Може да почекате додека детето да биде подготвено да влезе во море и слично, а за тоа време со пример да му покажете зошто вие сакате да се капете.

Ако сакате навистина заедно да се капете, ви предлагам да одите малку по малку, без убедувања. Воопшто немојте да го одбирате методот со фрлање во море. Така детето само ќе му замери на морето, а и вам. Исто така, откажете се од „меките“ методи на убедување и уценување како ветување сладолед ако влезе во вода и слично. Погрешно е и да го носите детето во море ако гледате дека протестира и плаче, а вие кажувате монолог: „Ама супер е. Па што ти е? Гледаш дека сите се капат и уживаат. Види го она момче таму“. Како и кога го убедувате детето да јаде, а не сака, така и со ова, и двајцата повеќе ќе се чувствувате лути и фрустрирани отколку да уживате.

Наместо тоа, можете да изберете да седите со детето и да играте во песокот, со кофите и лопатчињата. Повремено може да најдете некој интересен камен и да му предложите на детето и тоа да пронајде некој таков, за кулата да биде уште поубава и подобра. Можете заедно да барате школки, па да му предложите на детето и тоа да проба да најде за да собере повеќе за својата збирка што ќе им ја покаже на бабите и дедовците кога ќе се врати. Можете да гледате риби, па вие да се наводените за да ги видите одблиску, а тоа да му го предложите и на детето. Секој ден можете да се обидувате да влегувате подлабоко, но тоа да биде низ игра, без убедувања од типот: „Па ајде влези, гледаш дека сестра ти/брат ти/она момче таму убаво плива“. До крајот на летувањето можеби и ќе влезе во морето и ќе открие дека тоа е забавно, а може и да не влезе, но вие ќе откриете дека е забавно да се игра и во плиткото. Во секој случај, еден од вас двајца ќе научи нешто ново.

Автор: Маја Врачевиќ



912

X