Можеби вашето дете кое научило да го користи нокширчето одеднаш престанува да го користи или петгодишното дете почнува да се буди во текот на ноќта. Можеби вашиот независен тинејџер одеднаш не сака да се раздели од вас? Ова се сосема можни сценарија за време на пандемија и многу лесно може да дојде до точка кога ќе се исплашите дека вашето дете заостанува во развојот.
Пандемијата е навистина стресен период за децата и за луѓето воопшто. Она што е специфично за децата е дека штом се под стрес, тие се повлекуваат.
Сепак, можете да направите нешто за да му помогнете на вашето исплашено и збунето дете.
1. Разговарајте со вашето дете за чувствата
Разговорот е многу важен дел од родителството. Децата честопати се враќаат кон она што им нудело удобност. „Се враќаш на онаа возраст кога не си познавал страшна работа“, објаснува д-р Геврирц.
Сосема е разбирливо дека родителите се плашат да зборуваат за нешто страшно, затоа што на тој начин би можеле да го вознемират детето. Сепак, според докторот, тоа е голема грешка. Кога не зборуваме за тоа, детето ќе сфати дека не треба да зборува за работи што го вознемируваат, затоа што се плаши дека ќе ги вознемири родителите. Во суштина, зборувањето за страшна работа ќе ги намали стресот и притисокот што ги чувствува детето.
Сепак, изберете ги вистинските зборови. Размислете за што ќе зборувате. Бидете искрени и не дозволувајте вашите грижи да се одразуваат на детето.
2. Покажете дека емоциите на детето се важни
Со оглед на околностите, децата даваат сѐ од себе, па затоа е важно да имате разбирање и сочувство за нив. Ним им е потребна поддршка за да ги пребродат тешките периоди, па затоа е важно да покажете дека нивните грижи и чувства се сосема во ред. Кога ќе дојдат во вашиот кревет откако имало кошмар, кажете му дека и вие сте ги имале кога сте биле деца. Така нема да се чувствува осамено.
3. Држете се до рутините
Да, на сите нам рутината малку ни се смени за време на пандемијата. Сепак, важно е да се придржуваме кон некои работи. Драматичните промени во рутинските и типичните семејни активности можат навистина да влијаат врз децата. Ова е слично на пристигнувањето на ново бебе во семејството, кога постарото дете може да се повлече.
Држете се барем до оние основни рутини, како одењето в кревет. Бидете внимателни со употребата на екраните и со комуникацијата.
4. Немојте да бидете премногу наметливи
Не присилувајте ги децата да го стопираат ваквото однесување веднаш, особено затоа што сето тоа е придружено со доза на вознемиреност. Наместо тоа, охрабрете ги да се справат со нивните стравови.
На пример, ако вашето дете има кошмари, потсетете го дека претходно сите добро сте спиеле и прашајте го како можете да му помогнете во намалувањето на грижите и кошмарите, а истовремено да остане во својот кревет.
Направете план за акција. Предложете му само да измисли ритуали пред спиење, како што е читање приказни. Наградете го кога ќе спие подолго во креветот.
5. Побарајте помош ако е потребно
Назадувањето е типично за деца што се под стрес. Меѓутоа, ако тоа ве вознемирува и вас и вашето дете подолг период, не плашете се да побарате помош. Терапевтите, психолозите, семејните терапевти можат да бидат корисни. Доколку е потребно, можете да разговарате и со педијатар.
Не бидете груби кон себеси. Обидете се да дадете сѐ од себе, а ако не можете, добро би ви дошла помош.
Добрата вест е дека сите овие работи можат да се поправат.