Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Мајка сум на 6-годишен син, кој сега е прваче. Веќе неколку месеци (откако почна пандемијата) се помочува во текот на денот. На почетокот поретко, еднаш во 2-3 дена, а во последно време почесто – речиси секој ден по еднаш или двапати. На прашањето дали чувствува дека му се мочка, одговара со да, но не знае зошто не оди во тоалет. Мислевме дека тоа го прави само кога на телевизија или на телефон гледа нешто што му го одзема вниманието, ама сфативме дека не е само тогаш. Инаку, и тој самиот се срами од тоа кога ќе се случи во присуство на негово другарче, па се обидува да го скрие.

ОДГОВОР: Драга мајка, она што го манифестира вашето дете укажува дека во овој период, особено откако почнале ваквите промени кои се од  невротски карактер, му е потребна безбедна и спокојна семејна и социјална средина. Ваквата психогена промена кај детето се должи на акумулиран висок емоционален набој на необработени и непрепознаени емоции, како и содржини претставени преку мисли. Причина за вакво однесување може да бидат психосоцијални фактори, на пример, неможност на детето да се адаптира на новонастанатата ситуација, конкретно оваа во која сега живееме. Можеби ова е одраз на немоќта и отпорот на детето да се справи со промените што се навлезени во секојдневието и семејната динамика: носење маска, миење раце, деизнфекција, дистанца. Обидете се да поразговарате за тоа. Набљудувајте што е тоа што на детето му содава стрес, со што конкретно тешко се справува. Исто така, споменувате дека вашето дете е прваче и се соочило со нов животен тек и нов простор за адаптација.

Размислете на каков начин го подготвивте за училиштето, колку време траеше подготовката, адаптацијата кон тоа ново доживување. Дали можеби во подготовката постоеја премногу барања, обврски, задачи кои детето има проблем да ги исполни бидејќи ги надминуваат неговите капацитети и способности. Дали можеби семејството има очекувања во однос на неговите училишни постигнувања. Овој период на подготовка е исклучително важен. Во овој период децата се многу кревки и располагаат со малку вештини, па многу лесно психолошкиот притисок врз нив ќе премине во стрес кој, доколку не го надмине, создава невротски манифестации во однесувањето на личноста на детето. Затоа обидете се на мокрењето да не му придавате важност. Не обвинувајте го и не посрамотувајте го следниве зборови: не си бебе; ова само тебе може да ти се случи; треба да се срамиш итн. Напротив, охрабрете го, уважете го со зборовите: Не грижи се, може да му случи секому. Сигурна сум дека ќе најдеме решение како да се справиме со ова. Ти си прекрасно дете и знам дека ова не е карактеристично за тебе. Верувам во тебе, верувам дека ова ќе го надминеш.

Во ваква состојба детето мора и треба да слушне: „Те сакам и те прифаќам таков каков што си“. Секој успех наградете го со пофалба или гест, подарок. Мотивирајте го: „Гледаш како полека проблемот со мокрењето исчезнува. Навистина си способен и успешно го решаваш ова.“

Доколку успеете да го детектирате причинителот и својствено реагирате на него, и симптомите сами по себе ќе исчезнат. Доколку ви е потребна психолошка поддршка во овој процес, обратете се кај стручно лице психолог или психотерапевт.

Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Хармоничен свет”

е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X