Неодамна на интернет стана вирална една фотографија од мајка која јаде сендвич веднаш по породувањето. Фотографијата станала вирална со причина: речиси секоја мајка може да се поврзе со фотографијата и интензивната желба за одредена храна веднаш по породувањето.

На порталот „Mother.ly“ мајките напишале кој им бил првиот оброк по породувањето што особено им се допаднал, а резултатите ќе изненадат многумина:

-Оризова каша и грав
-Бифтек – средно печен
-Лосос
-Ракчиња
-Пица
-Сендвич
-Глазирани крофни
-Помфрит
-Суши
-Цезар салата
-Сендвич со пршута и сирење
-Шпагети со гарнир пире од компири
-Домашни колачиња

Но, едно е сигурно, што и да изедат по породувањето, на новите мајки првиот оброк ќе им биде превкусен. Во продолжение прочитајте три причини зошто жените го сакаат првиот оброк по породувањето.

Стресот предизвикува глад – бременоста и породувањето можат да бидат стресни

Кога сме под стрес, нашето тело го ослободува хормонот на стрес, кортизол. Кога се ослободува кортизолот, телото ја зголемува брзината со која ги обработува јаглехидратите и мастите: тоа го прави за да се осигури дека имаме доволно енергија за да се справиме со стресната ситуација во која се наоѓаме. Нашето тело сè уште мисли дека треба да ја „надминеме опасноста“. Резултатот од ваквите сигнали и зголемениот стрес, согорувањето на мастите и јаглехидратите е гладот, а особено сакаме да јадеме масти и јаглехидрати, следствено на тоа.

Така, можеме да го поврземе ова со бременоста и породувањето. Бременоста е неверојатна, но истовремено и многу стресна: почнувајќи од грижата дали сè ќе биде во ред, чекањето, големите списоци со задачи итн. Според истражувањата, речиси 80% од жените чувствуваат одреден степен на нервоза поради породувањето, па сите овие фактори може да доведат до зголемен стрес. Самото породување носи високи нивоа на стрес – грижата за тоа дали сè ќе оди како што треба, напнатоста предизвикана од непријатноста и болката и секако возбудата од конечната средба со вашето слатко бебе. Сето тоа придонесува за лачење повисоки нивоа на кортизол.

Одредени намирници нѐ прават посреќни

Научниците откриле дека одредена храна може да го стимулира лачењето на серотонинот, хормонот кој ни помага да се чувствуваме среќни. Еден начин на кој тоа се случува е со јадење храна која ја содржи аминокиселината триптофан, а повисоките нивоа на триптофан му олеснуваат на нашето тело да произведува и да користи серотонин. Еве неколку намирници со висока содржина на триптофан – и додека читате понатаму, ќе забележите некои сличности со листата на омилени оброци по породувањето кои ги споменавме погоре:

-Лосос
-Месо
-Јајца
-Јаткасти плодови
-Млеко
-Грав
-Спанаќ
-Темно чоколадо

Нашето тело е паметно и точно знае што му треба. Ова е една од причините зошто ни се случува таканареченото емоционално јадење. Кога сме тажни (или лути или под стрес), нашето тело се обидува да ни помогне со желба за храна, што може да ни помогне да се чувствуваме подобро.

Го сакаме она што не можеме да го имаме

Повеќето здравствени установи во САД ги советуваат бремените жени да избегнуваат одредена храна за да го намалат ризикот од внесување опасни бактерии кои можат да предизвикаат инфекции, а често се препорачува да не се внесува и шеќер. Некои од намирниците на „листата за избегнување“ се:

-Непреработено месо
-Сурова риба (како суши)
-Недоволно преработени сирења
-Слатки

Нашето тело (и да бидеме искрени, нашите емоции) долго време копнее по оваа храна за време на бременоста, но не сме можеле да ја добиеме – и токму затоа ја сакаме толку многу по породувањето. Драги мајки, слободно испланирајте го тој прв оброк по породувањето, навистина е повеќе од заслужен!

Автор: Теодора Антиќ

Извор



912

X