Во сета таа детска слобода на размислување, фантазирање, креација и идеологија, секогаш има нешто што можеби ќе прерасне во некаква форма на план, структура, цел, замисла и зошто да не – производ. Не одземај му го сега некому нештото за кое сметаш дека некогаш ќе излезе онакво какво што ти го перципираш сега затоа што еднаш си имал поинакво искуство со истото!

Животот е процес. Движење. Промена. Контекст… Сè на овој свет се менува, се движи и никогаш не останува таму каде што било, освен, се разбира, мемориите за тоа и чувствата кои смрзнале затапени во гнилата почва на искуството. Но, во суштина, гола вистина и непобитен факт е дека времето врви, а бидејќи животот во суштина е време, тој најмногу се арчи низ истото (времето). Земајќи го овој факт предвид, а истовремено имајќи ги на ум промените низ животните развојни фази кај човековиот индивидуален животен пат, не можеме а да не се навратиме на феноменот на контекстуалната промена која е апсолутна токму колку што е релативна непроменливоста низ животот.

За да не мора да играме шах за да разбереме што сакав да кажам со ова, напросто ќе упростам и ќе поедноставам до непрепознавање, велејќи дека најмногу од сè на овој свет се менува едно нешто – перцепцијата! И кога ништо друго на човек не му останува во непроменливата заглавеност, особено во свет во кој контролата врз нештата е најмалку во негови раце, единственото променливо а од него зависно нешто е токму перцепцијата.

Како да сакаме набрзина да им помине најубавото време во кое времето е безвремено и небесно. Како да сакаме одеднаш да ја осознаат сета реалност која ќе пече, боли и удира, без да бидеме свесни дека покрај спремноста како одбранбен механизам ќе им ја одземеме убавината на естетските чувства што ги имаат додека го сонуваат оној живот кој тие го замислуваат поинаков отколку што е! Па што дека е така?!

Понекогаш е поразителен фактот дека човекот е свесен оти сè што му преостанува е само напросто да се обиде нештото да го гледа инаку од тоа какво е во даден контекст на времето и односите. Она што ни доаѓа тогаш да го кажеме е – чуму?! Зошто ?! Што ако?!
И да, точно е, малку фајде имаме од променета перцепција кога суштински знаеме дека работите нема да се променат магично штом ги отвориме очите и срмежливо ги погледнеме по мистериозното надевање длабоко во себеси. Верувам дека и вие, како и јас, особено кога бевме деца понекогаш ќе си ги покриевме очите и ќе си замислевме инаква реалност од онаа што опстојува во мигот, во надеж дека штом ќе ги отвориме, реалноста ќе биде инаква, поприфатлива. Слично како кога ги затвораме со раце очите ѕиркајќи низ прстите и чекајќи да помине страшната и грозоморна сцена од некој недоквакан хорор-филм чиј режисер не сфатил дека денес не можеш да ги исплашиш луѓето речиси со ништо… оти сè виделе и осетиле на своја кожа… виртуелно…
Кога сме веќе кај перцепцијата, треба да напоменеме дека таа со времето многу полесно се менува од реалноста, што значи дека кога си мал, не умееш лесно да ги смениш начинот и перспективата на гледање на нештата оти немаш доволно знаење и искуство, но имаш уште многу можности да ја промениш својата реалност затоа што претпоставуваш дека пред тебе има уште доста… реалност. И, да, ја има… реалноста, можноста, иднината… Обратно, како старееш, имаш повеќе способности да ги гледаш светот и појавите на повеќе начини и да ги перципираш во различни димензии, во различни целини и да им придаваш различни значења, но за сметка на тоа, пак, стануваш неповратно свесен дека твојата реалност сè помалку се менува со секој ден поминат во афирмирачката повторлива непроменливост на суштествените елементи на твојот живот. Да, навистина е така иако истовремено и не е, оти, нели, сè е до перцепцијата.

Фото: Борче Поповски

Детето додека се развива, се разбира има многу идеи, надежи, верувања, потреби, идеали, цели, стремежи и невидени мотиви. Нема ништо попрекрасно од светот на неговата внатрешна мотивациска динамика и од сиот тој внатрешен конгломерат од верувања во неверојатното. Навистина, жално е децата да ги будиме од тој недоквакан сон уште сега, уште одма кажувајќи им дека има време да ја сетат реалноста, да ја променат перцепцијата.
Се разбира дека тие со времето ќе станат, о да, ќе станат и тоа колку и како самосвесни дека светот од едно време и севозможната перцепција за иднината не се онакви какви што некогаш посакуваа да бидат и дека реалноста не се менува така лесно, брзо или самоконтролирачки како индивидуалната сосема субјективна и искривена перцепција за нештата. Но, се поставува едно етичко прашање, дали имаме право и зошто, поради што, уште одма да им го рушиме на децата тој свет на фантазијата, која поради нашето искуство и согледување знаеме дека ни оддалеку нема да излезе онаков каков што тие си го замислуваат.
Ќе рече сега некој, немој така, треба да ги соочиме со реалноста што поскоро, оти колку подоцна го сториме тоа, толку и штетите од разочараните очекувања ќе бидат поголеми, депресијата која ќе ја следи свесноста за дезилузионираноста ќе биде посилна, а далекосежните ускратени можности за адаптација на реалноста како таква ќе бидат некое време оневозможени и/или отежнати. Да, може да се сложиме дека таквиот живот во розовите очила на детската севозможност кога-тогаш ќе му се удри на детето од веќе подостарената глава и дека тоа можеби некого ќе го чини големи падови и тешки станувања во возрасноста. Можеби е добро кај децата да се развива таа некоја реалистичност од прагматичен калап со чија помош тие подобро ќе се адаптираат на капиталистичкиот начин на индивидуалистичко функционирање низ една прагматичност и грижа за себеси. Но, забораваме кои други негативни ефекти ќе се јават врз психичкиот развој и особено врз емоционално-мотивациската сфера на личноста во подоцнежните години.

Како прво, реалноста и онака ќе нѐ стигне, сакале ние или не, а идеологијата која ни била сѐ во едно време одеднаш ќе стане само романтичарска идеја и утописко посакување од едно време. Тогаш зошто да брзаме да го доведеме тоа време кое несомнено кај младите ќе настапи со доаѓањето на самосвесноста и активниот социјален и културен живот кога младиот човек ќе стане општествено одговорен и егзистенцијално автономен.

Како да сакаме набрзина да им помине најубавото време во кое времето е безвремено и небесно. Како да сакаме одеднаш да ја осознаат сета реалност која ќе пече, боли и удира, без да бидеме свесни дека покрај спремноста како одбранбен механизам, ќе им ја одземеме убавината на естетските чувства што ги имаат додека го сонуваат оној живот кој тие го замислуваат поинаку од тоа каков е! Па што дека е така?! Па што и дека се во облаци и дека она што го мислеле за животот никогаш нема да биде баш такво некогаш?! А зарем тоа што тие веруваат во нешто инакво, а ние знаејќи дека нема да испадне баш такво, сакаме уште отсега да им го прикажеме дека е инакво, ни дава за право да не веруваме дека ако тие веруваат во инаков свет и ако ние не им го спречуваме, зошто да не, еден ден тие го создадат тој свет скоро таков, ако не баш ист каков што го замислувале?!

Дали имаме право и зошто, поради што, уште одма да им го рушиме на децата тој свет на фантазијата, која поради нашето искуство и согледување знаеме дека ни оддалеку нема да излезе онаков каков што тие си го замислуваат.

Ако само ги оставиме да го исфантазираат докрај, без да ги брзаме да пораснат и да станат егзистенцијално и социјално одговорни, можеби тие ќе бидат една поинаква авангарда на еден свет кој, иако нема да биде онаков каков што тие го замислувале, ќе биде и малку поинаков од оној свет за кој ние неправедно ги спремаме дека ќе биде инаков, оти ние само за таков го знаеме.

Во сета таа детска слобода на размислување, фантазирање, креација и идеологија, секогаш има нешто што можеби ќе прерасне во некаква форма на план, структура, цел, замисла и зошто да не – производ… Производ од инаков ков само затоа што некој крајот на таа активност и фантазија кои довеле до таквиот производ поинаку го исперципцирал. Да, перцепцијата е последното нешто што некој може да ни го одземе, ама и првото нешто од кое зависи каков ќе биде производот нејзин во иднината – животот!

П.С. Не одземај му го сега некому нештото за кое сметаш дека некогаш ќе излезе онакво какво што ти го перципираш сега затоа што еднаш си имал инакво искуство со истото! Остави некој да се изненади себеси, а и тебе од сопствената инаква замисла за некогаш и некаде…

Автор: Мирослав Пендароски, психолог, универзитетски професор



912

X