Воспитување

Што е психомоторна реедукација и кога се користи?

Психомоторна реедукација или третман на движење е метод на работа со деца кој се заснова на врска меѓу развој на личност и телесна целовитост. Идејата е детето да се согледа како целина и да се стимулира севкупниот развој на детето, наместо постигнувањата во одредени развојни области.

Доживувањата на телесната шема се сложен процес кој постепено се развива во текот на првата година низ интеракција со социјалната средина и невробиолошката основа. Секоја промена во детството е придружена со одредена промена на мускулна напнатост и моторна активност. Нашето движење не е поврзано само со рефлексна мускулна активност, туку и со волеви движења. Преку и по пат на телото детето чувствува голем број сензации и со тоа телото е медиум за учење и медиум за активност.

Психа и движење се два основни елементи на човечкото однесување кои во детството се тесно поврзани. Заедно со детето учиме низ процес. Изведувањето различни движења придонесува за созревање на мозокот, организирање на психомоториката и високо развојно ниво. Кога развојниот тек е усогласен, тогаш постои основа за хармоничен развој на психомоториката. Додека, пак, неусогласеноста доведува до нарушена психомоторика, како што е психомоторна лабилност, нарушена пркасија, тикови и нарушувања во однесувањето. Низ процесот реедукација на психомоториката се остварува телесен дијалог помеѓу терапевтот и детето. Работата на психомоторната реедукација се заснова на индивидуалната способност, разлики и можности на развојните нивоа и чувства.
Вежбите што се изведуваат се приспособени според возраста и можностите на детето, а се делат на општи и специфични вежби.

Во општи вежби спаѓаат: вежби за запознавање на гестуален и објективен простор, латерализација на себе и друг, вежби за осамостојување во движење, вежби за изедначување на мускулен тонус и воочување присуство на друг.
Во специфични вежби се вбројуваат: вежби за ритам, ориентација во време и простор, вежби за гностички способности, праксички способности, координација во движење, серијација, класификација, вежби за развој на школски вештини за читање, пишување и вежби за развој на говор.

Третманите на психомоторна реедукација се спроведуваат кај лица со дисхармоничен развој, первазивни развојни нарушувања, диспраксички тешкотии, говорно-јазични проблеми, интелектуална попреченост, проблеми во однесување и специфични тешкотии во учењето.

Психомоторната реедукација е основна база за учење и осознавање на себеси и себеси во просторот, како и база на детето за вклучување во секојдневните активности.

Предлог-активности што можете да ги направите во домашни услови за да ги поттикнете и вежбате кај детето ритамот, класификацијата и ориентацијата.

Сепак, доколку забележите тешкотии во делот на психомоториката, треба да се обратите кај стручно лице кое ќе направи процена. Во домашни услови може само да стимулирате, но не можете да ја замените улогата на терапевтот.

Активност бр.1 Вежба за совладување ритам – со помош на стапче ги следиме линиите со музика

Активност бр.2 Класификација на овошјето со наведена шема според боја и форма

Активност бр.3 Ориентациони шеми – со помош на капачиња ја следиме насоката (лево, десно, горе, долу) вртејќи ги капачињата.

Автор: Теодора Томовска Ристовска, специјален едукатор и рехабилитатор, гешталт-терапевт во едукација.

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top