Бавното родителство се залага за внимателно и секојдневно поврзување со детето.
Можеби сте еден од оние родители што читаат литература за воспитувањето, постојано истражувајќи што е правилно, а што не. Можеби веќе сте налетале на терминот познат како „бавно родителство“. Еве како функционира тоа:

Што е „бавно родителство“?

Се работи за воспитување чија филозофија е да се постигне детето да се чувствува задоволно и среќно поради своите постигнувања. Овој тип воспитување „пали“ дури и кај деца што не се брилијантни ѕвезди на спортските терени, ниту најголеми таленти во одделението.

Бавното родителство е своевиден адвокат на родителите и им помага на луѓето што не се во состојба да се справат со непредвидливоста на материјалниот свет. Имено, модерното воспитување може да биде многу проблематично и сложено.

Уште нешто за овој тип воспитување…

Денес речиси сите некаде брзаат. Забрзани животи, работи, па дури и детските распореди и активности. Но, „бавното родителство“ не заговара сѐ да се случува со брзина на полжав, туку повеќе имплицира некои воспитни и семејни процеси да се одвиваат со нормална, сталожена брзина.
Бавното родителство не се концентрира на иднината, туку на сегашноста и на моментот, а целта е сегашноста да се направи што подобра и посреќна и што повеќе да се ужива во неа. Се смета дека е потребно на родителите да им се даде доволно време да го сфатат своето дете и да ги истражат начините на кои токму тоа може да биде вонсериско.

Карактеристики на бавното родителство

* зајакнување на комуникацијата во рамките на семејството

* во фокус се семејството, семејните врски и односите меѓу родителите и децата

* на децата им се дава одреден простор да прават што сакаат, на начин на кој тие сакаат

* бавното родителство им овозможува на децата да цветаат и да се развиваат

* ја минимизира потребата за брзање

* на децата им се дава можност да се запознаат, да сфатат кои се, што сакаат, кои се нивните таленти и што сѐ можат да постигнат

* на децата им се дава независност и можност сами да учат нови работи, понекогаш и од сопствените грешки

* на децата им се дава доволно време да се запознаат себеси, да бидат креативни и што е најважно, да имаат доволно време за одмор

Кои се придобивките од ваквиот тип родителство?

Имате време за слушање

Убавината на овој тип родителство е во тоа што ви овозможува исклучителни моменти со вашите деца. Кога ќе си земете доволно време да разговарате со своето дете, да го слушнете начинот на кој доживеало нешто или начинот на кој поставува прашања, ќе дознаете колку е интересен и убав текот на неговите мисли.
Кога луѓето брзаат, разговорите често се сведуваат на бесмислени разговори и автоматизирани прашања, дури и со децата. Кај бавното родителство секогаш има време за слушање и разговор.

Полека се поврзувате

Дали доволно се смеете со вашите деца? Дали бакнежите, прегратките, држењето за раце, милувањето и галењето ви се секојдневни активности? Ваквите ситни гестови на нежност и приврзаност се типични за бавното родителство.

Полека се будите

Утрата се најдоброто време за поврзување со децата – тие сакаат да се излежуваат в кревет, да се галат, полека да се будат. Очите им се исполнети со возбуда поради новиот ден што е пред нив.
Бавното будење и утринските ритуали без брзање и нервоза на детето ќе му овозможат денот да го започне без стрес, исполнето и среќно.

Истражувајте и учете

Ова е една од најважните работи – бидејќи секој ден можете да научите нешто ново за вашето дете. Сѐ е во тоа колку сте способни да се препуштите. Бавното родителство исто така ви дозволува да имате повеќе време и за себе, да го расчистите својот ум и да се одморите од секојдневните предизвици.

Треба да имате на ум дека овој тип родителство заговара бавно поврзување – не мора тоа секогаш да бидат супер забавни активности и скапи заеднички одмори. Смирено, но упорно и ќе стигнете до целта.



912

X