Игротека

Што да се прави кога на децата ќе им здодеат играчките?

Кога на вашите малечки ќе им здодеат играчките со кои си играле, а не сакате да им дозволите подолго време да седат пред екраните од телевизорот или таблетот, се соочувате со фактот дека ви недостигаат идеи како да ги забавувате… Оваа ситуација може да биде фрустрирачка за родителите, па затоа ви пренесуваме неколку совети како да поминете квалитетно време со вашите најмили.

Цртајте!

Вашето дете обожава да црта! Дајте му лист хартија и боички и ќе добиете прекрасна чкртаница! Пофалете го неговиот труд и прашајте го што нацртал. Најверојатно нема да добиете одговор, па затоа погодувајте: „Дали ова е зајко? Прекрасен е, колку му се убави ушињата!“
Покажете му на вашето малечко како се црта, запознајте го со боите, заедно цртајте и бојте. Сепак, за да не ви бидат и ѕидовите „украсени“ со истите божествени чкртаници, треба да внимавате на детето додека црта. Можете да му одредите место каде ќе црта, нека биде тоа на неговиот омилен стол покрај неговата масичка. Кога на детето ќе му опадне интересот за овој вид забава, тргнете го приборот за цртање. Расфрлани боички низ целата куќа навистина не ви се потребни!

Учете песнички

Рецитирајте им песнички на вашите деца. Нашата книжевност е преполна со прекрасни детски песнички кои секогаш ги воодушевуваат најмалите. Тие ќе можат да ја повторат кратката песничка која се римува по само неколку пати повторување. Ова е одлична вежба за развој на говорот. Исто така, вооружете се со повеќе детски книги и дозволете му на детето самото да одбере што сака да му читате. Имајте трпение, ако треба, и сто пати повторете му што се наоѓа на сликата и ќе забележите дека следниот пат кога ќе ја земе книгата в раце ќе знае без ваша помош да ги именува сите предмети на сликите. Не потценувајте ја неговата меморија!

Гответе заедно

Кога ќе дојде време за подготвување оброци, упатете го вашето дете во тајните на готвењето. Одберете садови што не се кршат и дозволете му на детето да имитира сè што правите вие. Дајте му дрвена лажица и покажете му како се меша супата, како се матат јајца и слично.
Исто така, кога ќе месите тесто, дајте му мало парче и дозволете му да открие што сè може да прави со него. Можете да му покажете како се прават различни форми од тесто и, се разбира, на крајот испечете го тоа што го направило детето. Кога ќе го види резултатот од својот труд, односно своето рачно дело, малечкото ќе биде неизмерно среќно!

Направете мала работилница

Доколку ви дозволува просторот, направете посебно катче каде што вашето дете ќе може да „мајсторисува“. На подот ставете голем најлон, а работилницата снабдете ја со водени боички, хартија, пластелин и глина, ножички и лепило, но секогаш бидете подготвени да поминете заедничко време со малечкото за да не се повреди со некои помагала.
Правете различни форми од пластелин, или уште подобро од глина затоа што таа дозволува и простор за доработка, бидејќи може да се бои по избор. Дајте му на детето четкичка и нека се обиде со водените боички да го наслика предметот изработен од глина.
Кога глината ќе се исуши, најдете посебен простор каде што ќе биде изложено малото „ремек-дело“. Од остатоци од весници во боја можете да изработувате различни колажи, а притоа детето може да учи како се викаат предметите и за што служат.

Вежбајте заедно

Зошто не би ги искористиле моментите кога на ТВ ги пуштаат омилените цртани филмови на вашето малечко за да му се посветите на своето тело? Легнете со детето на удобен килим и покажете му различни вежби.
Веројатно ќе му биде многу интересно да ги повторува вашите движења на рацете и нозете, а вам добро ќе ви дојде да посветите петнаесетина минути дневно на вашите мускули. Ако на детето му здодеат вежбите, секогаш може да се врати на цртаните филмови, а вие продолжете со вежбањето.

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top