Воспитување

Што да правите кога вашиот тинејџер се однесува лошо кон вас

Никој не сака да одгледува непристојно, разгалено дете. Сепак, она што родителите го прават и не го прават често предизвикува ситуација која ескалира. „Родителите се премногу изморени и премногу работат. Копнеат по добро и квалитетно време поминато со децата, без расправии“, вели психологот Мишел Борба. Често родителите за да не дојде до расправија, самите ја креваат облеката од подот, на пример, и не коментираат. Никогаш не е предоцна за превоспитување. Овие совети ќе ви помогнат во тоа:

Откријте што довело до такво однесување

Секое лошо однесување има последици, но и причина што всушност довела до влошување на однесувањето на детето кон вас. Понекогаш родителите се и повеќе од изненадени кога слушаат од другите дека нивното дете е пристојно, вредно и дека ги исполнува сите обврски, а тие самите не се сведоци на таквото однесување. Токму спротивно. Затоа е важно да се открие што доведува до негативниот став на детето кон вас.

Проверете со кого се дружи вашето дете

Во тинејџерските денови децата се подложни на имитирање на однесувањата на другите деца, особено оние што се во популарни друштва. Во желбата да им се приближат или да бидат како нив, подложни се на однесувања како нивното бидејќи сметаат дека тоа е всушност еден од главните чинители што ќе им помогнат да станат попопуларни и прифатени. Неретко таквиот облик на однесување опфаќа и непочитување на авторитетот, одговарање на наставниците, но и родителите. Затоа, ако забележите дека вашето дете почнало вака да се однесува, проверете со кого се дружи или што го мачи во друштвото во кое се наоѓа. Искрено разговарајте и обидете се да го насочите кон вистинскиот пат. Објаснете му што значи да ги имитира другите и колку е важно, без разлика на сè, да се има свој став и да се заземе за себе, макар тоа значело дека можеби и нема да биде дел од популарно друштво.

Останете смирени

Во моментот на кавга децата можат да изговорат зборови што не сте мислеле дека ќе ги слушнете од нив, можеби дури и пцости и навреди. Таквото однесување не е прифатливо и потребно е веднаш да се реагира. Ако вашата реакција е лутина или одговор на исто ниво, најверојатно ситуацијата ќе стане уште покомплицирана или полоша. Затоа е многу важно да останете смирени и да му објасните на детето дека на таков начин не може и не смее да комуницира со вас. Иако е многу тешко да се задржи смиреноста, токму лутината и губењето на контролата е она што вашето дете сака да го добие од вас и за тоа служат таквите видови провокации.

Не дозволувајте безобразно однесување

Постојано сте на раб на кавга со своето дете, ви одговара речиси на сè што ќе кажете, предложите или коментирате, особено кога се во прашање оценки, излегувања, џепарлак и училишниот успех или неуспех. Потребно е да се испитаат причините за таквото однесување. Понекогаш децата имаат негативен став кон родителите. Можеби се лути на вас, но нивните години и неможност за совладување на емоциите ги спречуваат точно да ви кажат во што е проблемот. Анализирајте од кога сте ги забележале промените во однесувањето на детето, дали постои одредена ситуација која можеби поттикнала однесување кое не е прифатливо? Кои може да се причините? Промена на местото на живеење и на училиштето поради работата на родителите, развод, смрт или тешка болест на член на семејството, видлив пад на училишниот успех и др. Обидувајте се да останете смирени и трпеливи кон чувствата на детето, но истовремено настојувајте да не му дозволувате безобразно да се однесува кон вас.

Немојте да одговарате со иста мера

На лошото однесување немојте да одговарате со иста мера како што веќе е наведено на почетокот од текстот. Изразете ги своите чувства и објаснете му на детето дека на вас влијаат неговите зборови и однесување. Децата понекогаш ги набљудуваат родителите и наставниците од погрешна перспектива. Сметаат дека имате одговори и решенија за нивните прашања и проблеми и дека сè можете да поднесете, што не е така. Децата во одреден дел од своето растење мора да сфатат дека нивните постапки и одлуки, особено оние за кои знаат дека не се правилни, имаат реални последици. Со оглед на тоа дека самите не сакаат да бидат повредени, ниту така да се чувствуваат, објаснете им дека тоа не го сакаат ниту другите кон кои некој така се однесува. Кога првпат ќе се случи детето да е непријатно или безобразно кон вас, можете да го предупредите дека тоа било последен пат бидејќи следниот ќе донесе и одредена последица (забрана за излегување, одземање на телефонот итн.). Ако однесувањето се повтори, многу е важно да стоите зад првобитната одлука што сте ја донеле и да спроведете последици за неприфатливото однесување.

Поттикнете го детето на разговор

Пофалете го детето кога ќе забележите дека неговото однесување се поправило и поттикнете го да продолжи во иста мера. Поттикнете го отворено да зборува и да разговара за сè што го мачи, без разлика за што се работи. Голем број деца не сакаат да разговараат со родителите бидејќи се плашат од нивните реакции. Потрудете се да избегнете таков вид на (не)комуникација и наместо тоа, послушајте што детето има да ви каже. Можеби нема да ви биде драго, можеби нема да се согласите со одредени постапки и размислувања, можеби мислењата целосно ќе ви се разидуваат, но важно е да не доаѓа до вербален судир ниту од едната ниту од другата страна.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top