Воспитување

Што да правите кога вашето двегодишно дете сака сè да направи само

Мајките и татковците често имаат ситуации со двегодишно или тригодишно дете кое едноставно сè сака да направи само и некогаш е навистина неиздржливо, особено кога брзате.

„Сакам сам!“

Добрата вест е што таквото однесување укажува дека детето расте и се развива, а постојат многу нешта што родителите може да ги направат за животот со независното дете да биде помалку стресен.

Осигурете си дополнителни 5 минути

Понекогаш едноставно оставете 5 минути вишок време ако треба да излезете и да завршите нешто. Тоа може да помогне да се намали притисокот. Не значи дека работите ќе одат лесно, но можеби ќе бидете помалку нервозни ако знаете дека не доцните.

Мамка

Ако треба да завршите активност за која знаете дека вашето дете ќе инсистира да ви помогне, пренасочете му го вниманието на нешто што детето ќе може да го заврши без преголема штета. Важно е да е интересно и приспособено на мало дете. Ова бара малку размислување однапред, но се исплаќа бидејќи може да направи вашето самостојно дете да се чувствува корисно и како возрасно.

Поделете ги обврските

Некои задачи можете да ги поделите меѓу себе и детето. На пример, можете да го замолите да избере шолја, а вие да наточите пијалак. Можеби можете да му го облечете чорапот до половина, а тоа да ја повлече докрај.

Понудете му избор

Ако сте досетливи, голема е веројатноста дека веќе знаете оти со давањето избор на детето можете да избегнете судир. Размисли: „Ја сакаш зелената или сината шолјичка?“ или „Сакаш денес грав или јајце на тост?“ Давајќи му избор, му овозможувате да се чувствува посамоуверено и помалку фрустрирано.

Иако сака да биде возрасно, детето е всушност само дете

Вашето дете моментално сака да се однесува како возрасно, но тоа не значи дека пред спиење не е ваше малечко бебе кое само сака утеха и галење. Бидете флексибилни и сочувствителни (кон себе и кон своето дете) во овој период од детството во кој децата инсистираат на независност. Ако ниту еден од овие совети не одговара за вашето малечко, кое сака само да биде вредно и корисно, имајте на ум дека нема секогаш да биде вака. Потребата на вашето дете да биде корисно е сигурен знак дека учи и расте.

Тешко е да се има трпение со децата во оваа фаза од развојот, но пред да се свртите, вашето дете ќе станува сè повешто и поспособно и веќе нема да остава неред додека самостојно ги завршува саканите задачи. Колку и да е фрустрирачко, овие предизвикувачки моменти, кога детето инсистира на својата самостојност, не се само развојно нормални, туку се навистина важни за развојот на детската самодоверба и карактер. Кога работите ќе станат малку потешки, сетете се дека не сте лош родител и дека работите ќе бидат подобри. Ќе ги изгубите нервите – да, ќе има моменти кога и вие ќе се однесувате како дете и ќе викате, но ќе морате одвреме-навреме да се извините и да се искупите – тоа исто така е нормално.

Автор: Звјездана Бубњар

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top