Досада. За некои родители тоа е само еден обичен збор – синоним за мрзливост или недостиг на мотивација. Но, за некои тоа е една од најдобрите работи што може да ја обезбедат за нивните вообичаено презафатени деца.

Изгледа дека и двете групи родители се во право. Или не се.

„Досадата ниту е добра ниту лоша“, вели Сандра Стоун, социолог, професор, истражувач и автор со повеќе од 25 години искуство во изучување на детската игра и развој. Дипаншу Пандита, основан на „Кидо“, платформа за рана едукација, вели: „Тоа е како да прашаш дали чувството на незадоволство поради одредени работи (добри или лоши) може да доведе до медицински откритија и иновации или може да се постават како психолошко страдање“.

Како и да е, со сигурност нема избегнување на чувството на досада, особено кај децата. Летните месеци вообичаено може да доведат до досада кај децата, а со додадениот слој од пандемијата и ограничените активности, досадата зема голем замав во домаќинствата.

Како да се справат родителите со тоа? Стоун и Пандита ја адресираат вистината за овој термин.

Како да знаете дали досадата е всушност нешто друго

Стоун објаснува дека досадата е всушност губење интерес и може да се појави во многу форми кај децата. Па, дури и ако детето го дефинира губитокот на интерес како досада, тоа може да биде поради нешто друго, а да е вредно родителите да ја истражат причината, особено со малите деца кои не го разбираат целосно концептот, но го слушнале терминот досада.

„Децата може да изгубат интерес и поради измореност“, вели таа. „Децата што се изморени треба да се одморат, па им е потребно време. Одморот може да ја обезбеди енергијата за повторно да се јави интересот за игра“.

Друга можност е потребата за поврзување со други луѓе. „Зборот досада може да се интерпретира и како – Сакам да бидам со некој што ме сака“, вели Стоун. „Ова е време кога родителите ги оставаат настрана многуте работи за да бидат со своите деца, да разговараат со нив и да се прегрнуваат“. Обично не треба повеќе од тоа, но повремено кога детето е осамено, Стоун предлага родителот да поигра малку со него додека тоа не стане задоволно.

Заклучокот е дека ако детето изразува досада, таа вели дека треба да се биде внимателен и да не му се обезбедуваат низа идеи.

Иако нудењето брзо решение е искушувачко, ова го става родителот во контрола над искуството на детето. „Наместо тоа, седнете со детето и оставете тоа да зборува со вас. Барајте од него да објасни што чувствува кога вели дека му е здодевно. Разговорот може да ве доведе до откритие дека детето е само исцрпено или едноставно му треба вашето внимание“.

Како да реагирате кога на децата навистина им е здодевно

Ако не е исцрпеност или потреба за внимание, на вашето дете официјално му е здодевно. Во тој случај, тоа може да е поврзано со неговата моментална средина за играње и губењето интерес за истата – сте му го зеле таблетот или слично, или пак детето е подготвено за поголем предизвик, или едноставно не знае што да прави следно. „Обрнете внимание на причините што стојат зад  тоа“, вели Пандита.

За малите деца, родителите може да имаат активен пристап. Пандита препорачува пренасочување – „да ги потсетите децата на активностите што можеби не ги зеле предвид“. Стоун сугерира ротирање на играчките во текот на неделата, за изборите да станат различни.

За децата од 5 години и поголеми, Пандита вели дека вербалната вклученост е поефективна од директната акција. „Обидете се да се согласите со децата и видете што ќе се случи. Можеби ќе имаат чувство дека мора да најдат причина да не се согласат едноставно зашто тоа не е она што го очекуваат. Дури и да не се прави ништо е подобро отколку да им се каже дека имаат милиони работи што може да ги сторат и дека немаат право да им биде здодевно“.

Стоун исто така ги советува родителите да не ги минимизираат способностите на децата за самите да одлучуваат за своите идеи и што да прават кога им е здодевно. „Нежно водете го детето кон тоа да стане независно во начинот на неговото размислување. Како што детето смислува идеи, вие можете да ги поддржите и потоа да ги проширите, така што ќе кажете некои сугестии. Повторно, бидете сигурни дека детето ги прави изборите. Ако е така, тогаш досадата нема да биде проблем“, вели Стоун.

Автор: Кејт Швецер

Извор



912

X