Фаворизирањето на еден родител го достигнува врвот кога децата имаат околу 2 години, но може да продолжи и понатаму, или често да се менува. Но, има начини за да се помине низ тие фази без разлика на која страна се наоѓате. Ова се неколку совети:
1. Не оптоварувајте се со прашањето „зошто“
„Избирањето помеѓу две лица му дава голема моќ на детето“, вели Елен Братен, директор на центар за млади во Бостон. Но, што е она што ги тера да го изберат едниот родител, често е мистерија. Некои деца се поврзуваат со родителот кој е помалку присутен, а други пак го прават обратното. Нивните преференции може да зависат од емоционалната состојба. „Кога мојата ќерка е повредена, доаѓа кај мене, а кога е исплашена, оди кај татко и“, вели Стејси Н. Доан, професор по психологија на колеџот „Клермон Мекена“ во Калифорнија.
2. Зборувајте за партнерот кој е игнориран и бидете искрени
„Децата може да забележат неискреност, па размислете што е она што го сакате кај вашиот партнер. Можете, на пример, да кажете – Мама работи многу напорно за да биде дома пред спиење секоја вечер“, вели д-р Хершберг.
3. Не покажувајте дека сте повредени или фрустрирани
Обработете ги чувствата на одбивање и иритација. Запомнете дека сето тоа е знак за сигурна поврзаност. „Тргни се“ не е нешто што детето го вели кога мисли дека родителот навистина ќе замине – вели д-р Хершберг.
4. Не изигрувајте чувар
„Кога едниот родител не му дозволува на другиот да се справи со задачи како бањање, спиење или вечера за детето, тоа може да ја влоши состојбата со фаворизирањето“, вели д-р Доан. Дозволете му на партнерот да преземе некои од задачите. Тоа може да ја забави вашата рутина од почеток, но потоа ќе му помогне на детето да сфати дека и тато може да направи сендвичи.
5. Тактика „раздели, па владеј“
Вашето дете може да бара родителот што го преферира да прави сè: хранење, бањање, заспивање итн. Тоа се премногу задачи. За да се постигне нешто блиску до еднаквост, одредете однапред како ќе ги поделите задачите и активностите и држете се до тоа и покрај бунењето од страна на детето. Кога ќе наидете на отпор, може да помогне ако фаворизираниот родител се тргне од „сликата“. Одбиениот родител во меѓувреме треба да покаже емпатија и да биде смирен и јасен во однос на поставените граници – вели психологот за ран детски развој Ребека Шраг Хершберг. „Можете да кажете нешто како – знам дека тато ти приредува одлична бања, но вечерва јас ќе го сторам тоа“.
Автор: Џуно де Мело