Има нешто навистина шокантно во врска со гризењето. Остава впечаток на агресивно, па дури и животинско однесување. Во реалноста, гризењето не е ништо поразлично од удирањето, кога зборуваме за однесувањето на малите деца. Тоа е физички начин на кој децата ги изразуваат силните емоции во ситуации кога немаат зборови за да ги опишат. Но, како треба да реагирате?

Да се справите со гризењето на детето може да биде навистина деликатно. Обично не сакаме да му даваме преголемо значење на однесувањето, што може да доведе до продолжување, но исто така не сакаме и не треба да го игнорираме однесувањето кое може да повреди други луѓе.

Ова се седум начини на Монтесори-наставниците за одговор и реакција на гризењето:

1. Фокусирајте го вашето внимание на детето што било гризнато

Кога вашето дете ќе гризне друго дете, не треба на вашето да му придавате преголемо внимание. Наместо тоа, држете се до ставот дека гризењето е сериозна работа и ги повредува луѓето. За да го направите тоа, секогаш проверувајте го детето кое било повредено и гризнато. Таа проверка дали детето е во ред направете да изгледа како голема и важна работа. Ако се работи за ваше дете или дете што го знаете, измијте го местото каде што е гризнато, понудете му прегратка, пијалак, вода или кеса со мраз. Ако е дете што не го познавате, прашајте го дали е добро и прашајте ги неговите родители дали можете некако да помогнете. Ако вашето дете може да помогне, вметнете ја и неговата помош во грижата за гризнатото дете. Запомнете, малите деца сметаат дека е фасцинантно кога нивното однесување предизвикува голема реакција од возрасните и веројатно ќе се обидуваат да реплицираат од љубопитство.

2. Набљудувајте го вашето дете одблиску

Секогаш е подобро, и за вашето дете и за другарчињата, да се спречи гризењето. Колку и да е тешко, ова значи дека ќе треба постојано да му бидете сенка на вашето дете во текот на оваа фаза. Ако вашето дете и понатаму гризе, и покрај тоа што е постојано под ваш надзор, мирно тргнете го од настрана. Можеби ќе биде обесхрабрувачки да заминете од паркот или игралиштето кога ќе се случи тоа, но знајте дека оваа фаза обично кратко трае.

3. Обрнете внимание на тајмингот

Дали вашето дете гризе кога е изморено? Дали гризе кога е гладно? Дали гризе за време на некои промени? Набљудувајте кога се случува таквото однесување за да можете да работите на превенција. Обидете се да водите евиденција за тоа, на пример, на вашиот телефон, забележувајќи ги времето и кој било друг сегмент што може да биде корисен, секогаш кога вашето дете гризе. Сигурно ќе забележите некаков тренд.

4. Понудете нешто за гризење

Понекогаш децата гризат бидејќи уште не ги процесирале или вербализирале нивните силни емоции, но некогаш едноставно гризат заради физичка сензација. Ако мислите дека тоа е случај со вашето дете, понудете му нешто безбедно и соодветно за гризење. Тоа може да биде некаква грицка или прстени за заби. Кажете нешто од типот: „Гледам дека сакаш да гризеш. Не смееш да гризеш луѓе, но еве ти нешто што смееш да го гризеш“.

5. Дешифрирајте ги чувствата

Ако забележите дека вашето дете гризе кога е луто или фрустрирано или вознемирено, помогнете му да ги именува тие чувства. Можете да кажете: „Беше толку фрустриран што Били го зеде твоето лопатче“, или „Не сакаше да направиш пауза за нужда. Тоа те налути“. Едноставното покажување дека разбирате што чувствува детето ќе му помогне да се смири, доволно за да се избори со импулсот да гризе.

6. Смирено утврдете ги очекувањата

Има многу причини зошто децата гризат и тоа не е во ред. Но, тоа не е ефикасно од повеќе причини. Прво, децата не одбираат да гризат. Тие постапуваат согласно импулсите и самите не знаат зошто гризат некого. Треба да научат да го контролираат импулсот, но држењето лекции нема да им помогне во тоа. Како второ, ако гризењето е моментална состојба, вашето дете сигурно ги слушнало вашите причини зошто не сакате да гризе други деца. Ги знаат причините, само им е потребна пракса која ќе ги следи вашите очекувања. Последно, малите деца вообичаено процесираат многу кратки наредби. Што помалку зборови, толку подобро. Ако слушаат долга лекција, сигурно нема да ја применуваат и разберат. Кажувајте кратки и едноставни реченици како „Не те оставам да гризеш. Тоа ги повредува луѓето“. Ова испраќа порака дека однесувањето не е во ред, без да се примени некоја голема реакција“.

7. Вежбајте начини за решавање проблеми

На децата често им треба помош за да најдат зборови и да ги решат проблемите вербално, а не физички. Помогнете му на вашето дете да научи како да прашува за она што го сака, без да повреди некого и како да ги исправи работите кога ќе се случи тоа. Ако забележите дека детето се вознемирува поради однесувањето на некое друго дете, кажете му: „Може да кажеш – престани – ако не ти се допаѓа нешто“. Ако некое дете му ја земе играчката на вашето, кажете му: „Можеш да речеш дека не си завршил со играчката“.

Да се има мало дете што гризе е навистина стресна ситуација, па и предизвикува родителите да се чувствуваат како да прават нешто погрешно. Знајте дека иако гризењето е непријатно за гледање, сепак, е нормално однесување на мали деца. Ако реагирате смирено, но строго, вашето дете ќе ја добие пораката дека тоа што го прави не е во ред и ќе научи подобри стратегии за користење. Бидете самоуверени, вие го можете тоа.

Автор: Кристина Клемер



912

X