Да се има треска под кои било околности може да биде загрижувачки, но треската во текот на бременоста може да биде особено вознемирувачка. Вашиот имунолошки систем всушност е послаб во текот на бременоста, па така сте поподложни на заболувања – и симптомите може подолго да се задржуваат. Освен што се чувствувате грозно, природно е да се грижите дали вашиот температурен удар ќе влијае врз бебето.

Симптоми на треска во бременоста

Треската е клинички дефинирана како температура од 38 степени, па нагоре. Нормалната телесна температура е околу 37 степени, така што во кој било момент секој степен над тоа технички може да биде треска, вели Кристин Гривис, гинеколог во болницата „Орландо хелт Вини Палмер“ на Флорида.

Ако имате треска во текот на бременоста, симптомите што би можеле да ги доживеете се еднакви како и кај жените што не се бремени. „Во бременоста тоа не би смеело да биде различно“, вели Џули Лампа, медицинска сестра на клиниката „Мајо“. Тие симптоми вклучуваат: морници, тресење, чувство на голема топлина, болки во мускулите, потење, губење на апетит, дехидратација, раздразливост, слабост.

Опасности од треската во бременоста

Се прашувате како може да му влијае треската на бебето? Не грижете се, само затоа што сте болни не значи дека и бебето е заразено. Наместо тоа, ризиците зависат од високата температура. Кога имате треска, се зголемува и внатрешната телесна температура, што исто така може да ја зголеми и температурата на бебето, вели Лампа. „Кога фетусот ќе стане премногу топол, отчукувањата на срцето може да се зголемат“, вели таа. Меѓутоа, додава  дека ова е привремено и не би требало да предизвика долгорочни последици. Треската проследена со малку пониска температура обично не е премногу загрижувачка. Но, ако жената има долготрајна покачена температура поради инфекција, постои шанса да му наштети на детето, вели Гривис. Треската во раната бременост – критичен период за развој на фетусот – може да ги зголеми изгледите дека детето би можело да развие оштетување на нервите и други вродени неправилности, вели Лампа.

Причини за треска во бременоста

Ако имаш треска, постои и причина за тоа. „Треската е симптом“, вели Гривис. „Мора да се открие зошто таа личност има треска“. Постојат неколку работи што би можеле да стојат зад тоа, вели таа. Можеби е само затоа што сте малку настинати – во тој случај изгледите за треска што влијаат врз бременоста се навистина ниски, вели Гривис. Други најчести „виновници“ за треска во бременоста се грипот, инфекција на уринарниот тракт и стомачни вируси. Но, исто така, можна е и појава на треска поради нешто посериозно, како листериоза (бактериски инфекции), токсоплазмоза (паразитски инфекции) или енцефалитис (воспаление на мозокот), вели таа. „Таа треска може да биде проблем поради причината што ја предизвикала“, вели Гривис. Затоа е важно да се предупреди лекарот на сите симптоми.

Лекување на треската во бременоста

Кога имате треска во текот на бременоста, можете да земате парацетамол, вели Лампа. Освен тоа, мора да се води сметка за добрата хидратација и одмор. Ставањето студени облоги на челото може да помогне да се чувствувате подобро. Она што не би требало да се зема во бременоста поради треска е аспиринот и ибупрофенот, или според Гривис, кој било растителен лек. „Ова е многу важен и чувствителен период и немаме контролирана студија која вели дека растителните лекови се сигурни“, вели таа. Повикајте го вашиот лекар ако по пиењето на таблетите температурата не се намалува или ако забележите пораст на контракциите, болка во стомакот или мекост, губиток на течности или намалено „удирање“ на фетусот, вели Лампа.

И, се разбира, не двоумете се дали да пријавите кај својот лекар ако во некој момент имате какви било прашања.

Автор: Корин Милер



912

X