Кога бебето ќе стане дел од семејството, многу работи се менуваат, па така и летувањето. Одењето на море, планина или само до базен станува вистинска мала авантура и бара поголеми подготовки.

Мора да мислите на повеќе работи бидејќи бебињата имаат многу потреби и зависат од родителите. Почнете со подготовки за патувањето неколку дена претходно, не чекајте го последниот момент бидејќи во брзање може да заборавите нешто. Направете список со работи што ви се потребни, а ако дополнително се сетите на уште нешто, ставете го веднаш во патната торба.

Не заборавајте да понесете пелени, цуцли, шишиња за вода или адаптирано млеко ако го храните бебето со шишенце. Ако немате стерилизатор, секогаш можете да го ставите шишенцето во лонец со обична вода и да го зовриете. Еднократна подлога за пресоблекување е одличен избор за на пат, плажа и хотел/апартман/камп. Имајте секогаш една со вас во торбата и ќе можете да го пресоблечете бебето каде било. Со тоа, се разбира, мора да имате влажни марамчиња и кремови за задникот.

Ако бебето е постаро од 6 месеци, задолжителен е и кремот за сончање. Секојпат кога сте на сонце или во море, не заборавајте на бебешката нежна кожа и редовно мачкајте ја. Со тоа оди и шешир. Ако на количката нема чадорче, набавете го, односно купете го. Иако со бебето нема да излегувате на сонце од 11 до 17 часот, секогаш е добро да се стави дополнителна заштита.

Летна „патувачка аптека“

Летото е време кога мора да размислите за заштита од комарци и инсекти. Побарајте спреј или крем за заштита на бебето. На секој производ е означено од која возраст може да се користи, па внимавајте на предупредувањата. Во случај да дојде до убод и реакција, ќе ви треба крем кој ќе ги ублажи симптомите и крем или капки против алергиска реакција. Добро би било да понесете и топломер и лекови за намалување на температурата.

Не земајте облека во преголеми количини, иако работите од бебето не заземаат многу простор. Сметајте на тоа дека секогаш ќе можете, и на рака, да ја исперете облеката, а и брзо ќе се исуши. За секој случај, понесете облека со долги ракави, ако дојде до промена на времето.

Играчки, грицки, книги, најмили предмети – сето тоа ќе го забавува вашето бебе. Можете една недела пред да патувате да им сокриете некои играчки кои планирате да ги понесете, па кога ќе ги извадите на летувањето, нема да им бидат здодевни. Проверете ја листата: облека, пижами, костим за капење и пелени за капење (ако сакате), сандали, чевли, два пара чорапи во случај да биде студено, две капи (или шешири), очила за сонце, еднократни подлоги за пресоблекување, нокшир, гел за миење на косата и телото, ножици за нокти, маст за исип од пелени, крем за бебешко тело, крем за сончање, ќебенца, преносен кревет, постелнина, „бејби монитор“, топломер, лекови за намалување болка и намалување температура, фластери, антисептик, крем за болки при избивање заби, доволно адаптирано млеко за цел одмор и шишиња, пробиотици.

Немојте да заборавите да понесете и полнач или батерии, а и неколку кашички за да го нахраните бебето додека сте надвор. Не паничете бидејќи повеќето работи можете да ги купите ако заборавите да ги понесете со себе. И најважно, уживајте во летувањето со своето бебе.



912

X