Зошто воопшто имаме влакна на телото?! Освен косата и некои други клучни влакна, на пример, трепките, тешко дека можеме да најдеме причина за постоењето на преостанатите иритирачки влакна. Секако, станува збор за женскиот дел од популацијата, додека машкиот сè уште некако полесно поминува низ сето ова, без потреба да ги крие или отстранува во повеќето случаи. Женскиот дел од популацијата ги отстранува влакната речиси по правило, и без размислување, дури и како дел од општата хигиена.
И тогаш доаѓа вашата ќерка и ве прашува што да прави со влакната кои што почнуваат да растат… А вие – се смрзнувате. А и времињата не се како некогаш, кога всушност се срамевме да ги прашаме мајките нешто на оваа тема, па криевме дека сме ги поминале нозете со брич и мислевме дека никој нема да знае од каде ни се тие огромни рани на нозете. Денеска во голем процент овие теми се поотворени за дискусија, па и малите девојчиња не се двоумат да побараат совет и помош од своите мајки. И денес располагаме со голем број методи кои се многу побезбедни од сечилата за бричење од минатото.
Некое ново време
Да, се чини дека влакната на телото се дефинитивно помалку табу-тема кај денешните деца, како и кај родителите. Има неколку објави на платформата „Тик-ток“, каде што е користен хаштагот „#bodyhairisnatural“ и „#bodyhairpositivity 145.7“. Генерацијата З има влакна и не се срами од тоа. Уште повеќе, истражувањата покажуваат дека речиси половина (46%) од луѓето на возраст од 16 до 34 години не се грижат дали жените ќе се ослободат од влакната под пазувите или не.
Но, ако вашето дете ви се обрати и ви се довери дека се чувствува непријатно поради влакната на сопственото тело, не двоумете се и разговарајте за тоа. Можете да му објасните на детето зошто сите имаме влакна на телото (биолошките причини се прилично кул) и потоа прашајте дали сака да ги отстрани. Ако сака да ги отстрани, разговарајте за опциите. Сепак, не треба да се правите паметни и да му кажувате на детето што да прави, туку само дајте го како информација она што е потребно за да се ослободите од непријатноста и со цел детето да се чувствува добро. Еве неколку прашања кои децата би ви ги поставиле во врска со оваа тема и како да одговорите на нив.
Зошто имаме влакна на телото и зошто некои луѓе ги отстрануваат?
Краткиот одговор е – влакната нè стоплуваат, ја штитат нашата кожа од сонцето и ги спречуваат микробите да влезат во нашето тело. Се разбира, денес имаме и облека и крем за сончање кои помагаат во решавањето на овие проблеми, но пред милиони години луѓето имале само влакна. Не знаеме со сигурност зошто луѓето првично решиле да ги отстрануваат влакната од телото, но добро е да се претпостави дека тоа е од хигиенски причини. Влакната на телото би биле заразени со вошки или други паразити, а исто така би се навлажниле и замрзнувале на студ, што ќе ги направи поподложни на смрзнатини. Историски гледано, колку помалку влакна имате, толку се поголеми шансите за преживување. Но, со текот на времето, отстранувањето на влакната станало дел од социјалната и модната норма.
Зошто мојот пријател/ка е помалку влакнест од мене?
Секој има влакна на телото, но количината на косата што ја имаме во голема мера е одредена од генетиката. Значи, ако родителот/ите имаат многу влакна на телото, големи се шансите и децата да имаат. Поточно, повеќето луѓе имаат приближно 5 милиони фоликули на влакна на нивното тело, а косата расте од 30% – 90% од тој вкупен износ. Возрасните можат да имаат влакна на лицето, стапалата, грбот, стомакот… секаде.

Дали сум доволно возрасен/а за да се избричам или издепилирам?
Веројатно. Не постои „вистинска“ возраст за да започнете со отстранување на влакната од телото, ако тоа е нешто што сакате да го направите. „Ајде да разговараме малку повеќе за тоа што ти е на ум и потоа можеме да сфатиме како да го направиме тоа безбедно“ – ова е одличен пристап за почеток на разговорот. Кои се најбезбедните опции за отстранување на влакната? Бричење, депилација, вадење на влакната со конец, депилација со восок и ласерски третмани (по пубертетот!), се разумни опции. Бричење, депилација и кубење на влакната се опции кои можат да се направат дома. Во салон за убавина може да се врши депилација со восок и ласерско отстранување на влакната. И, се разбира, сосема е во ред да ги оставите влакната да растат и да не ги отстраните.
Автор: Наташа Крстичевиќ