Речиси е невозможно да останеме целосно смирени кога детето нè удира или повредува, објаснува психологот Лора Маркам. Во овој случај, родителите често реагираат бурно, што според психологот е една од најголемите грешки што можат да ги направат. Имено, во повеќето случаи, удирањето на детето не е знак на неговата омраза, агресивност, па дури и лутина, туку некоја друга фрустрација или емоционална потреба која не знае да ја изрази на поинаков начин.

Па, што треба да направи родителот кога сопственото дете ќе го удри?

„Секоја акција што вклучува физичка болка ќе има резултати кои нема да бидат добри за ниту еден од вас. И онака непријатната ситуација само дополнително ќе ескалира и ќе продолжи циклус кој вклучува физичко насилство, кое никогаш не се препорачува“, објаснува психологот и додава дека ударите од детето најчесто потекнуваат од страв.

„И дури и кога не знаете од што навистина се плаши вашето дете, а неговата агресија изгледа како да доаѓа од никаде, вашето дете го покажува својот страв. Ако одговорите на тоа со уште поголема агресија, ќе ескалира постојниот страв и ќе се зголеми веројатноста за идни удари“, предупредува Маркам.

Понекогаш удирањето од страна на детето доаѓа од љубопитност. Имено, додека расте, експериментира и ги доведува во прашање границите, а психологот нагласува дека родителите треба да сфатат дека ова е само минлива фаза, но и можност да постапат соодветно и да престанат со понатамошните удари.

Како да се реагира?

Најлошото нешто што еден родител може да го направи кога детето ќе го удри е да му вика, да го навредува или да употреби физичко насилство. За да научи детето што подобро да ги контролира сопствените емоции, психологот советува родителите да реагираат на следниот начин.

„Прво, прифатете ги неговите чувства, дајте му до знаење дека гледате колку е луто или фрустрирано поради нешто. Потоа поставете цврсти и јасни граници објаснувајќи му на детето дека ударот боли и дека нема да му дозволите да го стори тоа. Исто така, добро е да му предложите на детето како да реагира кога е луто или фрустрирано поради нешто. На пример, можете да побарате да ви опише со зборови што го мачи наместо да ве удри.

И последно, но не и најмалку важно, не заборавајте да ги контролирате сопствените емоции. Најголемата грешка би била ако го удрите и вие детето за да види како се чувствувате затоа што тоа нема смисла“, објаснува Маркам.

Извор



912

X