Сè повеќе млади лица се одлучуваат подоцна да го прошират семејството поради лошата економска ситуација и уверувањето дека за дете се потребни многу пари. Но, ако го занемариме фактот дека секој родител за своето дете го сака само најдоброто, купувањето потребни нешта за новороденчето може да се заврши на безболен начин. Нудиме неколку совети како да се избегнат непотребните трошоци.

Купувајте според листа

Направете листа со работи што ги сметате за неопходни, а потоа седнете и внимателно проучете ја. Означете ги сите неопходни работи, а потоа пречкртајте го она што можете да го позајмите од роднини и пријатели. Не заборавајте ниту на подароците од роднините. Водете сметка за тоа на сите јасно да им кажете што ви е потребно – за да не дојдете во ситуација да добиете непотребни работи. Пред да влезете во првата продавница и да го испразните паричникот, поминете низ повеќе продавници и споредете ги цените. Верувале или не ,разликата е толку голема, што само на основна опрема за бебето може да се заштеди многу.

Што да се купи?

Душек и постелнина

Колку и да е зачуван, душекот не треба да се позајмува, туку треба да се набави нов. Но, ако сепак се одлучите за половен, темелно исчистете го, освежете го на воздух и избришете го со влажен сунѓер, а потоа свртете го на спротивната страна од она на која веќе некое бебе спиело. Освен душекот, потребна е и постелнина. Треба да биде едноставна и добро прицврстена. Не заморувајте се со разни горни чаршафи, перници или дополнителни прекривачи – според Американската академија за педијатрија, сето тоа претставува ризик од задушување.

Седиште за во автомобил

Дали сте знаеле дека седиштата имаат рок на траење? Повеќето не се веќе употребливи по шестата година, но зависи од произведувач до произведувач. Добро проучете го моделот што го може да го позајмите, ако истече рокот, нема да ги има истите безбедносни стандарди. Би требало да ја знаете „историјата“ на седиштето. Користеното седиште не би требало да биде постаро од 4 години за да можете и вие да го употребувате. Со тоа барем ќе знаете дека можете да го користите уште 2 години, додека бебето не порасне и не биде спремно за нов вид автоседиште – советува Ана Даф од Здружението „Рода“.

Ново креветче е посигурно од старо

Американската академија на педијатри предупредува дека паѓањето на бојата и рапавите места на иверката може да бидат опасни за бебето, а шансите за таа опасност да се зголеми се поголеми ако креветчето е старо. Исто така, Американската комисија за безбедност на потрошувачите, по промената во федералните закони за безбедност, забранила продажба и производство на колевки и креветчиња со страни што се спуштаат.

Пумпа за одмолзување

Подобро е да се купи нова пумпа за одмолзување – може да бидат многу скапи и можеби мислите дека нема да имате потреба од неа. Ако мислите да комбинирате доење и измолзување или од некоја причина сакате само да се измолзувате, вложете во ваква инвестиција, Кај повеќето пумпи има делови што не може докрај да се исчистат или заменат, па нема да можете целосно да стерилизирате позајмена пумпа за вашето млеко да биде заштитено од бактерии. Од друга страна, можно е по некое време пумпата и да не работи добро бидејќи била користена.

Пелени и козметика

Пелените за еднократна употреба одбирајте ги според тежината на бебето, а за почеток купете големо пакување бидејќи е поекономично. Освен тоа, ќе ви требаат 5 бодиња со соодветна величина, 3 пара чорапи, 2 памучни капи и основна козметика. Облеката за новороденчињата е со ознаки од 50 до 62, а се купува според породилната должина на бебето. На пример, за бебе со должина од 52 сантиметри купете облека со должина 56.

Што да се позајми?

Стол за пресоблекување

Ова парче мебел е корисно, но не е задолжително. Советуваме да го набавите од роднини или пријатели, а ако не сте во можност, разгледајте ја и оваа опција: издвојте некое столче, па обложете го со сунѓер преку кој ќе развлечете мека ткаенина (сето тоа од долната страна залепете го со широка леплива лента).

Количка

Количките се најскапи и затоа „нарачајте“ ги како подарок од бабите и дедовците. Упатете ги роднините на купување количка која е соодветна за подолг период, па да не морате подоцна да набавувате нова. Најновите модели со 3 или 4 тркала имаат додаток кој се носи и како носилка, но и како седиште за автомобил. Кога ќе го извадите, ќе добиете класична тројслојна количка. Ако, сепак, сте одлучиле да заштедите, позајмете количка од роднина или пријатели или купете употребена. На бебето тоа нема да му пречи.

Стол за нишање

Ваквите столчиња може да бидат одличен начин да го смирите своето бебе кога е нервозно или има рефлукс. Соодветен е бидејќи можете да го преместувате од соба во соба. Но, дали навистина ви треба нов? Дефинитивно не.

Извор



912

X