Родителство – драматичен збор доволен сам на себе. Го сочинуваат мудрост, искуство и семејна историја. Кога велиме семејна историја, мислиме на збир од пресликани мајки и баби што живеат во нас. Го знаете сигурно оној момент кога ќе изговорите нешто, а од вас излегува вашата мајка, така се враќате со спомените во вашето детство. Во тие моменти, во сенка на нашите мајки и баби, им ги повторуваме советите и на своите женски деца. Советите што сме ги наследиле, презеле, на кои сме и самите научени. А кога ќе се соочиме со денешното време, сфаќаме дека апсолутно ништо во културата на растење во 21 век не одговара на она што некогаш важело. Затоа нудиме неколку мудрости во вид на реченици за да се надмине тој генерациски јаз, односно еве што би требало да кажеме, а што всушност зборуваме:

Велиме: Не е важно што мислат другите.

Всушност, важно е, на нашите ќерки им е важно. И тоа многу. Овој феномен на важност на туѓото мислење психолозите го нарекле „рефлектор-ефект“. Споменатиот ефект е особено ефикасен во тинејџерските години. Нашите тинејџерки најискрено веруваат дека сите обрнуваат внимание на нив и дека секоја грешка што ќе ја направат е забележлива и огромна.

Што би требало да кажеме: За што ти најчесто размислуваш?

Сигурно нема на нашите тинејџерки да им цитираме славни цитати за тоа како луѓето всушност не се занимаваат толку со другите колку што се фокусираат на себе. Сите се толку зафатени со размислувања за себе и својот живот, што не ги ни забележуваат останатите. Дури и секое бламирање кое за нашите ќерки е крајот на светот, не е ништо посебно, бидејќи како и секогаш „на стравот и непријатноста им се големи очите“. Треба да им помогнеме така што ќе го насочиме нивното мислење на позитивни работи и успесите што ги постигнале и да им покажеме дека се вредни. Едно бламирање не го нарушува сето постигнато.

Велиме: Изгледот не е важен.

Тоа е лага. Средното училиште е еквивалент на тоа дека е важно како изгледаш. Наспроти фактот дека сме свесни оти не е така. Фризурата не би требало да игра важна улога, како ни шминката, ниту гардеробата. Додека изгледаш уредно, ништо од тоа не би требало да претставува голема работа. Проблем е тежината, исто така. Девојчињата непрестајно зборуваат за тоа. Тинејџерките умеат да бидат брутални една кон друга, па така се прави бесконечен круг, каде што она што не е важно станува единствено и најважно.

Што би требало да кажеме: Преубава си, предобра си, сè друго се ситници.

Нашите ќерки се паметни и тие знаат дека сме пристрасни. Сигурно и не нè сфаќаат сериозно кога ќе им кажеме дека мислиме оти се најубави на светот. Освен тоа што треба да слушнат дека се убави, треба и јасно да им се даде до знаење дека убавината не ги дефинира како личности, туку треба да бидат изградени како битија – паметни, бистри и способни.

Нашата работа во воспитувањето силни и стабилни девојки е да ги научиме дека се убави и дека убавината која ќе го раздвижи светот доаѓа однатре. Да се биде атрактивен не е поврзано со еден тип на убавина која ја пропагира општеството, туку тоа значи да се биде задоволна и среќна личност. Насмевката и убавото расположение се два важни квалитети кои личноста ја прават прекрасна.

Велиме: Добрите оценки се многу важни.

Постојат некои моменти во животот кога добрите оценки помагаат, но секое такво влијание е моментално, но здравиот разум, отпорноста и храброста, сепак, почесто се работите кои животот го прават подобар. Нормално е да сакаме нашите деца да бидат академски граѓани, но доколку со таа желба им наметнуваме притисок постојано да добиваат добри оценки, им ја газиме волјата да се потрудат повеќе и да работат и на други свои квалитети, кои немаат врска со оценките.

Што би требало да кажеме: Со што сакаш да се занимаваш?

Можеби добрите оценки се важни за идната кариера на нашите ќерки. Можеби, но не мора да значи. Секогаш водете се од нивните амбиции и желби. Помогнете им да изберат што сакаат, така што ќе ги запознаете со волонтерската работа, дополнително и со активности надвор од училиштето. Понекогаш сето дополнително искуство кое можат да го стекнат преку познанства, волонтирање или патувања, може повеќе да им значат од фантастичните оценки. Бидејќи оценките доаѓаат и поминуваат. Охрабрете ги да бидат љубопитни, да прашуваат и разговараат и да учат од други успешни луѓе. Имајте на ум дека тинејџерките знаат да скршнат од патот и бидете тука да ги насочите кога ќе затреба.

Велиме: Безобразен е кон тебе зашто му се допаѓаш.

Не мора да значи дека вие навистина ќе го кажете тоа, но сосема е сигурно некаде околу вас да го слушнете. Класичен пример на историски научени обрасци кои ги повторуваме без претерано продлабочување и значење. Најдобро би било да ги отфрлиме сите тие рамки, па на своите деца да им го кажуваме она во кое искрено веруваме. Сте слушнале некое безобразно момче од училиште да добива оправдувања бидејќи некоја девојка му се допаѓа, па затоа ја удрил и слично. Но, вистината е дека луѓето безобразно и непристојно се однесуваат кон оние што не им се допаѓаат. Тоа е факт.

Што би требало да кажеме: Не е до тебе.

Човековото однесување е поврзано со карактер, сензибилитет, моментално расположение, проблеми кои во моментот го засегаат лицето. Растењето и созревањето нè учат дека многу работи што се случуваат околу нас не зависат од нас.

Велиме: Ова се најдобрите денови во твојот живот.

Уште едно клише што возрасните им го сервираат на ќерките со години бидејќи тие и понатаму се под заштита на родителите и тие им плаќаат сметки, па немаат многу одговорности како возрасни. Затоа треба да уживаат и да бидат благодарни. Тоа можеби би било валидно да го зборуваме за генерација или две кои им претходеле на нашите деца. Денешните, модерни тинејџерки, имаат големи предизвици пред себе. Денешницата е блокирана со анксиозност, постојат голем број проблеми со кои се соочуваат денешните тинејџерки. Депресијата, за жал, е норма на модерната доба.

Што би требало да кажеме: Ќе биде подобро.

И така и ќе биде, навистина станува подобро. Додека не биде, родителите се тука да дадат поддршка и да пуштат ветер во грб кога е најпотребно. Ниту еден мост во текот на растењето не е несовладлив, ако се има разбирање и трпение.

Слични содржини:

Татковци, еве како да разговарате со вашата тинејџерка за нејзиното момче

Никој не е должен да ти помогне, запомни го тоа. Поучно писмо од една мајка до нејзината ќерка



912

X