Сите деца мнооогу сакаат да јадат благи работи – чоколади, бонбони, лижавчиња, сладоледи, торти… А замислите им ги лицата кога би виделе цела куќа од чоколадо. Е таква работа им се случи на нашите јунаци Биби и Боби. И овде не е најважна огромната радост на Боби кога ја виде куќичката, ниту стравот на Биби дека можеби станува збор за некаква замка, зашто, нели, многу е чудно да најдете куќичка од чоколадо среде шума?

Во овој дел од сликовницата „Биби, Боби и куќичката од чоколадо“ нашата сезнајка упатува важни пораки до дечињата (преку разговорот со Боби). Прочитајте им го на вашите најмили и прашајте ги која е пораката..

Боби веќе беше покрај куќичката! Ги лижеше ѕидовите и прозорците, кршеше парчиња бисквити од ќерамидите, ги вадеше бонбоните и ги грицкаше… Биби не можеше да поверува колку брзо успеваше сè да пикне в уста.

– Земи! Пробај! – рече Боби со полна уста. – Многу е вкусна оваа куќичка. Превкусна! Њам, њам, њам…
– Еј, Боби! Што правиш? – го праша строго Биби. – Од каде знаеш чија е оваа куќа? Како така кршиш и јадеш без прашање? Па, некој живее тука!
– Не, не, нема никој! Јас си ја најдов, значи моја е – продолжи да јаде Боби. – Гриц, гриц, гриц…
– Твоја? Не може да биде твоја! – се вџаши Биби. – Некој друг ја изградил. А, впрочем, не помисли ли дека можеби е некаква замка? Од каде куќичка од чоколадо среде шума?
– Глупости! Како па да не! Замка! Шлап, шлап… Пробај и ти. Не ти се јаде чоколадо?
Боби не престануваше да јаде.
– Ми се јаде! – налутено одговори Биби. – Ама не јадам пред да се договориме со мама затоа што не е здраво и не е добро за забите! Јадам по малку, а повеќе јадам овошје, што е и слатко и здраво!
– Бљак! Овошје! Јас тоа не го ни пробувам! Гриц, гриц… – продолжи малиот ненаситник.
Биби толку му се налути на овој палавко, што реши да си оди и да го остави во шумата. Тргна и само што навлезе меѓу дрвјата, запре и размисли. Не е добро да се оставаат пријателите сами во неволја, макар и кога не го заслужуваат тоа. Па затоа се врати, се скри зад едни грмушки – и чекаше!

Читајте заедно и уживајте! Доколку сакате, може да ни ги испратите одговорите на дечињата на прашањето која е поуката во оваа сказна.



912

X