Се случува секојпат кога моето новороденче ќе заспие. Моите мисли почнуваат да се редат, моето срце почнува да ми бие во градите. Што ако престане да дише? Што ако одам надвор да го фрлам ѓубрето и ме удри автомобил? Што ако глобалното затоплување ја „испржи“ Земјата и мојот син нема да ја доживее дваесеттата година? Што ако се зарази со некоја ужасна болест? Што ако… што ако… што ако?

Останатиот дел од времето сум во ред. Но, овие мисли често ми надоаѓаат кога седам во тишина и кога ќе сум сама со себе. Сум слушнала за постпородилна депресија, и неколку дена плачев. Но ова беше различно и јас сериозно се прашував дали нешто не е во ред со мене.

Со текот на времето интензитетот на мислите се намали и главно имав заборавено на нив. Но, бев потсетена на ова искуство неодамна кога прочитав на еден блог за една мајка што имала исти вакви мисли по секое нејзино породување (има 5 бебиња).

– Нешто ми се случува секојпат кога ќе родам бебе – пишува блогерката Хал, раскажувајќи за визии на ужасни работи што би можеле да му се случат на нејзиното бебе. Таа замислува како нејзиното бебе настрадува во автомобил, како паѓа од балкон.

– Доаѓам до точка кога не можам да поминам покрај масата без да замислам дека моето дете ќе ја расцепи главата од ќошот – пишува таа.

Хал објаснува дека никогаш не била невнимателна со своите деца или дека сакала да им наштети на кој било начин – само дека таа била преоптоварена со овие застрашувачки мисли.

Кога првпат се случило тоа, разговарала со нејзиниот доктор и открила дека овие мисли се чести. Откако ја објави нејзината сурова и искрена приказна на „Фејсбук“ и „Инстаграм“, ја преплавиле коментари од мајки што го доживеале истото.

За Хал и многу други, мислите не ги онеспособуваат, но сепак се присутни, во заднина.

– Не ме уморуваат и не влијаат врз моето родителство или мојот живот – вели Хал.

Сепак, јасно е дека овие видови мисли излегуваат од контрола и се претвораат во нарушувања, како постпородилна депресија, oпсесивно-компулсивно нарушување, што може да биде катастрофално за новите мајки.

Тогаш, што е нормално, а што не? И кога ќе знаете дали треба да побарате помош?

Клиничкиот психолог Кели Дардин вели дека ваквите интрузивни мисли се вообичаени за постпородилниот период. Тие не се нужно проблем, освен ако мајките не се во можност да ги пренасочат своите мисли или да почнат да развиваат компулсивно однесување што ќе ги „ослободи“ мислите.

Како да познаете дека се справувате со постпородилна анксиозност или опсесивно-компулсивно нарушување?

– Ако сфатите дека се задлабочувате во овие мисли и ако ви пречат во извршувањето на нормалните секојдневни обврски, тогаш тоа е проблем што бара дополнителна интервенција и/или упатување кон професионалец.

Се разбира, мајките што се соочуваат со постпородилно нарушување на расположението понекогаш имаат проблеми да препознаат кога работите се излезени од контрола. Токму тука стапува сопружникот како поддршка.

Ова се некои симптоми што би можеле да ги забележат сопружниците и што го креваат црвеното знаме:

– Промена во спиењето;

– Промена во јадењето;

– Постојана промена во расположението;

– Компулсивно, повторувачко однесување што претходно не постоело;

– Намалување на грижата за себе;

Добро е кога мајките знаат дека страшните мисли се чести кај другите мајки и нема причина да се грижат за нив. Можеби тоа е начин на природата да ве подготви за фактот дека откако сте мајка, грижата за вашето дете станува ваше полно работно време, засекогаш!



912

X