Поминаа деновите кога децата мислеа за своите родители дека се „строги“ или „опуштени“. Добре дојдовте во модерната доба во која стратегиите за воспитување деца се трансформирани во сосема различни техники. Нашето општество смисли различни термини за да ги опише родителските техники – од „мајки тигрици“ до „хеликоптер родители“. Слично на хелокоптер-родителството, родителството „чистач на снег“ ги менаџира животите на своите деца, на микрониво, отстранувајќи ја секоја пречка што потенцијално може да го попречи нивниот успех.

До одреден степен, одењето во канцеларијата кај директорот на училиштето и прашувањето зошто вашето дете ги нема сите петки е сосема во ред. Но, кога нема да прифатите ништо помалку од совршено и ќе ја насочите вината за неуспехот на вашето дете кон училиштето, тука има проблем. Ги учите децата дека неуспехот не е опција, им ја земате способноста да се справуваат со животните предизвици и не дозволувате детето да го развие потребниот степен на независност и самодоверба, кои ќе му помогнат во секојдневниот живот.

Никој не сака да го гледа сопственото дете како има неуспеси, особено кога доаѓа дома плачејќи бидејќи добило лоша оценка или изгубило на натпревар по фудбал. Тоа не е убава глетка, но како родители, мораме да ги научиме децата дека и неуспехот е дел од животот и дека не може секој да биде совршен. Кога ќе согледате дека го користите тој тип родителство, запомнете ги овие совети:

Помогнете им да ги означат своите емоции

Кога вашето дете доживува неуспех, помогнете му да ги процесира емоциите преку нивно именување и означување и дајте му до знаење дека е нормално да се чувствува така. Прашајте го детето: „Не беше избран/а за таа активност на училиште. Разбирам дека тоа ти ги повредило чувствата и те растажило. Во ред е да се чувствуваш така. Дали сакаш да зборуваме за тоа?“

Бидете добар пример

Родителите може да ги моделираат вештините за справување кон своето дете. Споделете свои искуства на неуспех со детето и начините на кои сте се справиле со нив. Дајте му до знаење на детето како сте се чувствувале и што сте направиле за да го надминете тоа, како и што сте научиле.

Научете кога да сопрете

Еден од најтешките концепти за родителите е како да научат да се ослободат и да престанат со залудната борба за нешто. (Сетете се на Елса и нејзината песна). И вие и детето може да научите нешто повеќе. Прашајте се себеси: „Дали ги избирам моите дела засновани на она што е најдобро за моето дете или она што е најдобро за мене?“, или „Дали му правам услуга на моето дете со тоа што го штитам од неуспех или го спречувам да искуси значајна можност од која ќе научи нешто?“

Подгответе го за разочарувања и за успеси

Кога вашето дете ќе избере да се обиде со некоја активност што може да резултира со разочарување, разговарајте со него за можните исходи, и негативни и позитивни, и прашајте го дали има волја да ги прифати, без разлика какви ќе бидат. Дајте му ја вашата целосна поддршка.

Автор: Ренди Мекој

Извор



912

X