„Фортнајт“, моментално најпопуларната игра на светот, им задава проблеми на родителите, децата и брачните парови. Шестата сезона од мегапопуларната игра предизвика хаос меѓу гејмерите од целиот свет, а во Канада морала да интервенира и полицијата.

Новата доза од „Фортнајт“ ги залепи децата за екраните, па многу од нив доцнеа на училиште, а полицијата заклучила дека родителите имаат проблем да ги извлечат децата од куќите. Полициската станица Јорк во Торонто на својот профил на „Твитер“ замолила за поголемо трпение на патиштата.


– Вежбајте трпение на улиците ова утро. Синоќа беше пуштена шестата сезона од играта „Фортнајт“ и утринава извлекувањето на децата од куќите е вистински предизвик за многу родители. Ако доцните на училиште, не возете брзо – напишале од полицијата на твитер-профилот.

Играта е толку популарна меѓу децата, што некои училишта сериозно ги предупредувале родителите на промената на однесувањето кај децата што ја играат. Шест училишта во Австралија им испратиле писма на родителите и ги предупредиле дека децата, особено момчињата, се однесуваат поинаку откако играат „Фортнајт“.
Едно училиште од Нов Јужен Велс ги предупредило родителите дека играта може да предизвика онлајн-насилство, а децата често го доживуваат и им го нанесуваат на другите играчи на играта.
„Фортнајт“ е сè почеста тема на дискусија во одгледувањето на децата. Илјадници родители се загрижени поради зависноста што ја развиле нивните деца.

– Децата се зависни од играта и депресивни се кога не ја играат – посведочиле некои родители неодамна за Ај-ти-ви.
Освен што негативно влијае врз друштвениот живот на децата, „Фортнајт“ стана и причина за многубројни разводи – навела компанијата Divorce Online.
Од јануари годинава поднесени се 200 барања за развод во кои како главни причини на растурање на брачните заедници се наведуваат „Фортнајт“ и други игри.

 



912

X