Градинка во Масачусетс е уште една во низата установи што на децата им забранија да го користат изразот „најдобар другар/ка“.
Сѐ започна во 2013 година кога во приватната лондонска школа „Томас Батерс“, во која оди и принцот Џорџ, им сугерираа на децата наместо „најдобар другар“, да го користат изразот „добар другар“ за децата што немаат најдобри другари да не се чувствуваат изолирани.
Оваа практика ја презедоа и други школи во Европа и во Америка, но таквата идеја не ја поддржуваат сите родители. Кристин Харвел од Масачусетс, мајка на 4-годишно девојче, за „Бостон 25 њуз“ раскажала дека нејзината ќерка се вратила вознемирена од градинка затоа што својата најдобра другарка не смеела повеќе да ја нарекува така.
„Како може да му забранувате на дете да ги изразува своите чувства“, прашува мајката. Заедно со сопругот се обратила кај директорот на градинката, а тој ѝ одговорил дека градинката направила истражување и било утврдено дека некои деца може да бидат повредени од фактот што никој не ги смета за најдобри другари. Но, Кристин сепак ја отпишала својата ќерка од градинката зашто смета дека на децата мора да им се дозволи слободно да се изразуваат.
Со ова делумно се согласува и дефектологот Весна Херцигоња-Новковиќ, пренесува први.хр
„Овде најмногу ми пречи зборот забрана. Звучи премногу репресивно, а и изразот ’најдобар другар‘ сигурно не произлегол од децата од градинка, туку од постарите деца“.
Таа објаснува дека вистинските пријателства сепак настануваат во постара возраст и дека некогаш во градинките се изедначуваат поимите „најдобар другар“ и „единствен другар“.
„Вистинските пријателства почнуваат во повисоките одделенија на основното училиште. Тоа се оние пријателства што настануваат од сопствен избор, а не од интерес. Мајките можат да ги направат децата „најдобри другари“ ако тие се дружат меѓусебно, ако заедно одат на кафе и ако договараат средби. Но тоа не е вистинскиот избор на детето“, објаснува Херцигоња-Новковиќ.