Воспитување

Шест тајни на воспитувачите за послушни деца

Зошто децата ги слушаат воспитувачите, а на родителите негодуваат. Еве дел од нивните тајни за децата да се послушни

1.Воспитувачите не дозволуваат губење на времето

Зошто вашето дете дава отпор при секој обид навреме да излезете од куќата, но кога воспитувачката ќе каже само еден збор, тоа е веќе на нозе? Објаснувањето е едноставно – кога воспитувачката ќе каже нешто, детето добро знае дека таа и го мисли тоа. Искуството покажува дека родителите честопати ќе им кажат на децата дека е време да си одат од роденденот или од игралиштето, а потоа застануваат нешто да видат, да поразговараат со некого или не успеваат да одолеат на бесконечното молење во стилот „само уште 5 минути“. Мора да бидете доследни и да го почитувате тоа што го велите, а потоа да го очекувате тоа и од детето.
Конкретно, тоа подразбира неколку нежни, но строги предупредувања кои почнуваат неколку минути пред да тргнете за дома, а потоа конечно најавете го одењето дома, кое не може да се одложува. Можеби првите пати буквално ќе го кревате детето за да си заминете, сè додека не сфати дека сте сериозни.Целата оваа приказна може да ја направите поинтересна за детето. Особено ќе биде тешко потемпераментните деца да прифатат „наредба“, па затоа воведете некоја забавна рутина – на пр., набавете ѕвонче со кое на сите ќе им дадете до знаење дека е време за вечера. Палењето и гаснењето на светилката може да биде знак дека е време за спиење. И броењето е супер техника. „Ќе бројам до 30, па да видам дали за тоа време ќе успееш да ги собереш сите играчки!“
Децата сакаат да се натпреваруваат со времето. Пуштете стоперка кога со местите креветот, кога собирате играчки, кога се подготвувате за излегување и секој ден запишувајте ги резултатите. Пофалете го детето бидејќи станало побрзо.

2.Рутината е клучна за квалитетен сон

На вашето дете за заспивањедома му се потребни идеални услови – мора да ја затемните собата, да го намалите телевизорот, да легнете покрај него и да му пеете. А во градинка, во просторија со уште 20 деца, заспива без никаков проблем. Тајната е во ефектот на групата – вашето дете е со други деца што ја прават истата работа, па поедноставно е да прифати дека е време за дремка.
Клучно е да воведете рутина и дома и да се држите до неа. Половина час пред спиење не почнувајте никаква активност што би им била интересна на децата или може да им го покачи адреналинот. Понатаму, креирајте рутина – ист час, иста музика, исто време, исти очекувања – тишина и спиење.

3.Начинот на кој зборувате е важен колку и тоа што го кажувате

Детето не ви обрнува внимание кога му се обраќате? Не повишувајте го гласот, освен ако не сакате да му пеете. Ако ви се случи нешто да му зборувате, а да не ве слуша, пробајте тоа да го отпеете, па следете ја реакцијата.
Воспитувачите користат секакви техники – свиркање, гласно шепотење, а често вклучуваат и визуелни помагала или необична гестикулација за да им го привлечат вниманието на децата. Една учителка, кога дете од групата беше немирно, полека му пријде, се наведна над него и му дувна во увото за подобро да ја слушне. Сите трикови се дозволени и сè е подобро од викање.
А кога ќе му го привлечете вниманието, директно кажете му на детето што треба да направи. На пр., не велете му: „Ако не слезеш од столот, ќе ги скршиш чашите“, туку кажете му: „Слези од столот“, а потоа објаснете му.

4.Вашето дете сака само да се облекува

Повеќето деца копнеат по чувството за независност што им го дава самостојното облекување. За нив, тоа чувство е исто како кога ние, возрасните, ќе постигнеме нешто многу важно на работа. Ако сакате да го научите вашето тригодишно дете само да се облекува, наместо фармерки со копчиња или со патент, купете му тренирки.
Потоа развијте посебни техники за да му помогнете да научи. Од вечер подгответе ја облеката за следниот ден, спуштете ја на подот точно така како што би требало да изгледа на него кога ќе се облече. За детето да сфати што е напред, а што назад, обележете ја облеката на јасен начин (етикетите понекогаш не се доволни).
Ова е многу добра идеја и за обувките – детето побрзо да научи која е лева, а која десна.
Уште еден интересен систем – прашајте го детето дали чевлите се лути една на друга. Ако се правилно обуени, тогаш тие се свртени една кон друга и палците ќе се„бакнуваат“. Ако се погрешно обуени, палците се свртени со грб.

5.Чекањето во ред и делењето на играчките не мора да бидат трауматични

Како возрасна личност, сфаќате дека понекогаш мора да чекате во ред за да добиете нешто што го посакувате или што ви е потребно. И тоа не е проблемсè додека некој не се обиде да застане пред вас. И децата имаат исти очекувања кога е во прашање фер однесувањето. Повеќето од нив се спремни да делат и да го чекаат својот ред сѐ додека сметаат дека системот функционира. Кога две деца се караат, ние им велиме дека со карање и викање нема да се реши проблемот. На детето што е повознемирено треба да му кажеме: „Почекај да го слушнам Марко, а потоа ќе те сослушам и тебе“. Ќе се смири затоа што знае дека имате намера да го сослушате. По разговорот децата треба да се согласат дека љубезно ќе ја побараат играчката што ја сакаат. Во 7 од 10 случаи детето ќе научи веднаш да ја предаде играчката.
Ако ова не функционира, тогаш воведете јасно правило – на детето што во моментот си игра со таа играчка кажете му уште колку долго може да си игра со неа, а потоа да му ја даде на другото дете.
Кога во градинка има некоја популарна играчка, одлична е идејата за формирање листа на чекање и за времето на игра. Децата ги сакаат таквите исчекувања, па дури и тригодишните се спремни да чекаат ако знаат дека сигурно ќе дојде нивниот ред.

6.Играта може да биде единствената едукација што им е потребна на децата

Би требало децата да се вратат од градинка со чувство дека таму им било убаво и дека цел ден си играле, зашто така учат децата. Ако одлучите да работите со своите деца дома, тоа треба секогаш да биде преку игра.
И запаметете – единствениот начин детето да се опушти и да ужива во играта е ако знае дека мама и тато сигурно ќе дојдат по него и дека дома го чека неограничена и безусловна љубов.

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top