Последните години сè повеќе се зборува за поврзувањето на татковците и бебињата, а новите теории на приврзаноста повеќе не зборуваат за мајката како единствен и примарен старател кое детето може да го има. Имено, и таткото од раѓањето на детето создава однос со него и може да му биде примарен старател.

– И односот со мајката, но и односот со таткото му дава на детето чувство на сигурност и позитивен модел за односите во семејството. Изгледа дека постојат две улоги на поврзаност: една која нуди сигурност, а со самото тоа и љубов, и друга која обезбедува вклученост во предизвиците. И двете улоги се присутни кај секој родител, што на детето му дава можност за воспоставување различен однос со секој родител. Таткото не е спореден објект во животот на детето, напротив, тој станува личност со која детето остварува активен однос и не е замена за мајката – вели психологот Николина Есерт.

„Поврзувањето на татковците со децата е особено важно во раниот период бидејќи таа доба е карактеризирана со најголем интензитет на грижа околу детето, но и на развојот на детската игра, каде што таткото може квалитетно да ја постави својата татковска улога. Кога постои континуитет на воспоставување однос помеѓу таткото и детето, таткото не е само инструментален одгледувач, туку се поставува како лице кое ги познава потребите на своето дете, знае што му е важно на детето и ја почитува неговата автономија и интегритет“, објаснува таа.

Таткото не е замена за мајката, туку личност која би требало да најде начини како да го развие својот однос со детето во кој ќе се чувствува автентичен и верен на себе. „Клучот на успехот во создавање однос со детето е првенствено таткото да се чувствува задоволен со својата родителска улога и да научи да се поврзува на свој единствен начин. Она дете што има можност да искуси различни начини на создавање односи за поврзување е во добиток бидејќи учи дека не постои еден правилен начин за поврзување со луѓето“, предлага психологот, а ова се шесте начини на кои таткото може да се поврзе со своето бебе.

1. Контакт кожа на кожа

Бебето е најсреќно кога е допрено со кожата до кожата на својата мајка или татко. Температурата на бебето, срцето и брзината на дишење ќе бидат доследни, а нивото на шеќерот во крвта многу постабилно. Тоа, исто така, овозможува да се запознае со вашиот мирис, а вашето чукање на срцето станува смирувачки ритам за детето. Поминете време во поврзување, лежете заедно и пуштете го бебето да одмори на вашите гради, додека на пример, гледате телевизија (само бидете сигурни дека тоа не е време за некој натпревар – не сакате да го исплашите детето!).

2. Забавни игри

Правете смешни изрази на лицето, играјте криенка, пејте песни. Секој ден одвојте време кое ќе го посветите само на бебето, без разлика дали е тоа по работа или наутро. Исто така, и подоцна нека постои посебно време, само за вас и вашето малечко. Како што ќе расте бебето, тоа време на зближување ќе стане дел од вашата рутина.

3. Посебни моменти

Додека мајката се одмора и ужива во работите што ги сака, вие можете да имате време поминато заедно со своето бебе. Тоа може да биде време на бањање во кое ќе уживате и вие и бебето или, пак, масажа на бебето со масло од јојоба или крем од невен. На тој начин ќе го смирите и опуштите вашето бебе, но и ќе го подготвите за спиење, така што вие и мајката ќе може да имате време за вас. Исто така, секогаш можете да прошетате по улица или да направите мини-излет со бебето. Запомнете, бебињата обожаваат да бидат надвор, во удобноста на вашите раце.

4. Развивајте свои техники

Мајките можеби сакаат некои работи да ги завршат на одреден начин и дури често ве опоменуваат кога не правите нешто добро или ви зборуваат како нешто треба да се направи. На пример, како да го загреете шишето, да ја промените пелената, да го утешите бебето и слично. Наместо да ги оставите мајките постојано да ви кажуваат и покажуваат како треба да се завршат работите на нивен начин, продолжете со вежбање на ваш начин и со време ќе развиете своја техника.

5. Поделба на обврските

Мајките често имаат листа со задачи кои треба да ги завршат и многу пати се чувствуваат како целиот товар да е на нивниот грб. Договорете се вам да ви се доделат некои работи и поделете ги обврските. Кога ќе ги задоволите нејзините потреби и ќе го намалите стресот, ќе биде воодушевена. А добро знаете дека кога мајката е среќна, среќни се сите. Исто така, и вие ќе се чувствувате продуктивни и ќе бидете задоволни и среќни.

6. Најдете пријатели кои се исто така татковци

Пронајдете други „кул“ татковци што делат слична филозофија, имаат деца на иста возраст или едноставно се добри соговорници. Секогаш е добро да се поврзете со луѓето што поминуваат низ истото. Чувството на заедница и фактот дека не сте сами се клуч за успехот, ако се земе предвид дека новото искуство како родител може да биде многу изолирано и осамено. Без разлика дали сте нов татко или ветеран, секогаш е добро да се научат некои нови работи, нови совети како да ги изострите своите вештини, да изградите самодоверба и да ја поттикнете својата врска со бебето.



912

X