Оливера Влах изработува уметност на колачиња. Учествува на натпревари и освојува награди. Омилениот дел од работата ѝ е реакцијата на муштериите кога ќе ги видат медените колачиња, особено радоста на дечињата

Оливера Влах создава уметност на колачиња. Се инспирира од сѐ што ја опкружува, а нејзините дела предизвикуваат восхит. Сликајќи ги своите дела што се јадат, таа го зашеќерува секојдневието на многу нејзини клиенти. А шеќерната глазура на Оливера се раствора во сечиј вкус.

– Медените колачиња ти правам по еден стар рецепт, мед, путер и слободно можам да кажам дека се превкусни. Се исцртуваат со „кралска глазура“, односно белка, шеќер во прав и арома од ванила. Смесата ја разредувам со вода и ја добивам саканата конзистенција. Во форма на паста за заби ја собирам и дел по дел ја исцртувам зададената тема, лик, карактер… Постапката е долга зашто смесата мора комплетно да се исуши – ни сподели Оливера, која потекнува од Куманово, а живее во Загреб.

Таа рачно црта со прехранбени гел-бои, бои во прав, фломастери, дустови, спрејови. Ги купува во продавници наменети за слатки и деликатеси.

– Следам новитети, следам сѐ што се случува на оваа медена сцена. Некои стилови, елементи или ефекти се додаваат со едноставни алатки, како што е хартијата за печење колачи, а сѐ што нема, изработувам со шест вида ефекти на кралска глазура. Често излегуваат нови стилови, но јас се задржувам на својот стил. Така ја задржувам оригиналноста – споделува Оливера.
Таа често е дел од натпревари за слатки, на кои освојува и симпатии од публиката и награди.

– Немав храброст да се пријавам. Прво пат се пријавив пред две години кога Ратко ми се разболи. Наградата беше 1.000 евра, сакав да освојам за него за дополнително лекување. Тој секогаш ми беше поддршка. Направив биста Македонија, го направив Стоби, Охрид… Убавините на Македонија. Тој ѝ го даде името „Евгенија“. И така започнав со натпреварите, знам дека е горд на мене што учествувам и ме чува одозгора – споделува Оливера.

Таа неодамна учествуваше онлајн на еден натпревар организиран од Турци, потоа на еден американски. На последниот креирала 3Д-изработка, исто така од медени колачиња.

– Сите натпревари си имаат свои правила. Најчесто се бара да не е копија, да не се копира ничие дело, туку сами да создадете, да осмислите. Тоа што ме издвојува е што правам секогаш автентични дела. Конкуренцијата најчесто се занимава со теми сирени, некој познат карактер, глумци, славни лица, а јас ќе смислам нешто поинакво и успевам сите да ги изненадам. Ме издвојува и фактот што цртам и бојам исклучиво рачно – споделува Оливера.

На почетокот, додека да ја усоврши техниката со глазурата, имала проблеми и неуспешни дела. Но сега сѐ ѝ е поедноставно и увежбано.

– Најмногу сакам да изработувам уникатни медени колачиња. Најчесто кога изработувам колачиња за луѓе, за нарачки, само клиентите ќе ми набројат што сакаат, што им значи и од нивните зборови, реченици, мисли јас преку колачиња ќе ја раскажам нивната прикаска. Тогаш ќе ми пишат дека се пресреќни, презадоволни, дека колачињата се прекрасни и им побудиле силни емоции. Омилениот дел од работата ми е реакцијата на муштериите кога ќе ги видат медените колачиња, нивното воодушевување, особено радоста на дечињата – додава нашата соговорничка.

фото: приватна архива



912

X